Регион

Отфрлено обвинението за злосторства во Штрпци

Судот во Белград го отфрли обвинението против пет поранешни припадници на Војската на Република Српска (ВРС), за убиство на 20 лица киднапирани од воз во Штрпци, Босна и Херцеговина, во 1993 година, со образложение дека не е поднесено од овластен обвинител.

Филип Рудиќ, Белград

Железничката станица во Штрпци. Фото: Викимедиа комонс.

Апелацискиот суд во Белград, во петокот го отфрли обвинението поднесено против пет поранешни припадници на ВРС, за мачење и убиство на 20 патници од несрпска националност, киднапирани од воз во местото Штрпци, во БиХ, во 1993 години, бидејќи не било поднесено од овластен обвинител за воени злосторства.

Судот соопшти дека обвинението е отфрлено, бидејќи во времето кога е поднесено, местото обвинител за воени злосторства, било упразнето.

Истото образложение судот го даде кога ги отфрли обвиненијата за воени злосторства во предмет кој се води против осум поранешни полицајци, обвинети за масакр на Бошњаците од Сребреница, извршен во селото Кравица, во јули 1995 година.

Меѓутоа, во овој случај, новиот обвинител за воени злосторства на Србија, Снежана Станојковиќ, поднесе барање за продолжување на постапката, кое на крајот беше прифатено.

Не е познато дали Станојковиќ ќе поднесе слично барање и во случајот Штрпци.

Српското обвинителство за воени злосторства, во март 2015 година, подигна обвинение против Гојко Лукиќ, Љубиша Васиљевиќ, Душко Васиљевиќ, Јован Липовац и Драгана Ѓекиќ, сите поранешни припадници на вооружените сили на босанските Срби, за учество во киднапирање и убиства на цивили.

Предметот повеќе од две години беше во правен вакуум, бидејќи Вишиот суд, во неколку наврати, побара од обвинителството да ги отстрани утврдените недостатоци во обвинението против поранешните припадници на ВРС. Обвинението конечно беше потврдено во мај оваа година.

Во исто време во БиХ беа уапсени десет поранешни припадници на силите на Република Српска, чие судење започна во октомври 2015 година.

На 27 февруари 1993 година, група борци предводена од Милан Лукиќ, командант на паравоената единица „Одмаздници“, му наредиле на локалниот шеф на станицата, да го запре експресниот воз кој транзитирал од Белград кон црногорскиот приморски град Бар.

Борците присилиле 20 патници да се симнат од возот. Повеќето биле Бошњаци, што живееле во Србија и во Црна Гора. Меѓу нив имало и еден Хрват, кој патувал во Црна Гора во посета на својот син, и уште еден млад човек кој никогаш не е идентификуван.

Симнатите патници со камион биле префрлени во училиштето во селото Прелово, во близина на Вишеград. Таму биле ограбени и претепани.

Потоа биле однесени во близина на селото Мишиќи, каде што биле убиени, а нивните тела фрлени во реката Дрина.

Посмртните останки на тројца од нив биле пронајдени во езерото Перучац, во близина на Вишеград, додека другите сé уште се водат за исчезнати.

Хашкиот трибунал го осуди Милан Лукиќ на доживотен затвор за злосторства извршени за време на војната во Вишеград, но не и за киднапирањата во Штрпце.

Сепак, судот во Црна Гора, за случајот Штрпци, на 15 години затвор го осуди поранешниот член на единицата на Лукиќ, Небојша Ранисављевиќ.

За време на неговото судење, беше докажано дека однапред постоел план за киднапирање на патниците и дека српската железница, за можноста за киднапирање, ги информирала српското министерство за внатрешни работи и војската на Југославија.