Анализи

И овој јануари без плата, но и без хонорари

На почетокот на 2015 година сите вработени и хонорарци во Македонија ќе ги добијат своите плати со задоцнување поради неажурност на институциите. Работодавците велат дека во земјава тоа редовно се случува и оти е потешко да се најде начин да им се каже лошата вест на вработените, отколку да се направи пресметката.

Секоја година по обичај доцни јануарската плата поради неажурност на институциите кои доцнат со пресметката на просечната плата | Фото: danielmoyle / Foter / CC BY

Секоја година по обичај доцни јануарската плата поради неажурност на институциите кои доцнат со пресметката на просечната плата | Фото: danielmoyle / Foter / CC BY

На крајот на првиот месец од 2015 година, што традиционално се смета за финансиски најтежок, на сите ќе им доцнат платите и хонорарите. Тоа е затоа што институциите по обичај доцнат со пресметката на просечната плата, која секоја година на почетокот се зема како основа за пресметка на основицата за придонеси и плати. Поради тоа, работодавците не можат да го пресметаат точниот износ за придонесите за пензиско и инвалидско, социјално и здравствено осигурување.

Дополнително, сѐ уште не постои упатство за начинот на пресметка и плаќање на придонесите од хонорари.

Од Управата за јавни приходи велат дека денеска ќе биде објавено известувањето за начинот на пресметка на придонесите според новата просечна плата и сè ќе биде во рамките на законските рокови.

„Чекавме Државниот завод за статистика да излезе со пресметка за просечна плата. Сега таа е објавена и врз нејзината основа е извршена промена во наменскиот софтвер за придонеси“, вели Весна Новаковиќ, портпарол на УЈП.

Таа додава дека тоа не е ништо невообичаено и се случува секоја година. Денеска УЈП треба уште да го објави известувањето на веб-страницата до сите компании.

Потешко им е на работодавците да им соопштат на вработените дека ќе доцни платата, отколку да се направат пресметките, вели претседателот на Конфедерацијата на работодавци, Миле Бошков

Претседателот на Конфедерацијата на работодавци, Миле Бошков, вели дека работодавците се веќе навикнати на вакво доцнење и компаниите не се изненадени од неажурноста. „Некои, што имаат поквалитетен кадар и повеќе искуство, се обидуваат порано да ја пуштат пресметката за јануарската плата, па ако помине помине“, вели Бошков.

Според него, станува збор за проблем во менаџирањето со информацијата. „Потешко им е на работодавците да им соопштат на вработените дека ќе доцни платата, отколку да се направат пресметките“, вели Бошков.

И во приватните агенции кои исплаќаат плати и хонорари во земјава велат дека ова е нешто што редовно се случува.

„Пресметката за просечна плата требаше да стигне денеска, но еве, доцни. Тоа не е нешто невообичаено, секоја година на почетокот е така“, вели Раде Ненадиќ, директор на Агенцијата за привремени вработувања „Партнер“.

Авторските агенции во Македонија сè уште не знаат на кој начин и на кои сметки да ги уплатат задолжителните придонеси за пензиско-инвалидско и здравствено осигурување за хонорарите повисоки од 9.590 денари.

Од Македонската авторска агенција за БИРН изјавија дека тие ги имаат одвоено парите за придонеси на хонорарите над минималната плата, како што предвидуваат новите законски измени, но тие сè уште се на нивните сметки, бидејќи не знаат каде точно да ги уплатат.

„Ние ги направивме пресметките како агенција, придонесите од хонорарите се наплатени, но бидејќи не знаеме каде точно треба да ги уплатиме, чекаме да добиеме упатства со објаснување, па потоа веднаш да ги уплатиме“, велат од Македонската авторска агенција. „Штом добиеме насоки, веднаш ќе ги уплатиме парите“, додаваат оттаму.

Од Управата за јавни приходи велат дека денеска ќе биде објавено известувањето за начинот на пресметка на придонесите според новата просечна плата и сè ќе биде во рамките на законските рокови.

Од УЈП, како државен орган надлежен за прибирање на давачките, велат дека веќе ги подготвуваат насоките за тоа како точно ќе се постапува при наплата на придонесите од хонорари и тие ќе бидат доставени до јавноста до крајот на неделава.

Контроверзиите во јавноста се појавија откако од први јануари почнаа да важат измените на пет закони кои беа изгласани минатото лето, а со кои Македонската влада им наложи на хонорарците во земјата да плаќаат придонеси за хонорарите кои се повисоки од минималната плата. Така, наместо 10 проценти за персонален данок на доход, колку што изнесуваа оптоварувањата на хонорарите до крајот на 2014 година, сега се наплаќаат плус 25 проценти, од кои 17,6 за пензиско-инвалидско и 7,3 за здравствено осигурување.„Законските давачките од приходите на граѓаните треба да се исплатат до 10-ти во месецот “, вели портпаролката на УЈП, Весна Новаковиќ ,објаснувајќи дека дотогаш ќе се усогласат надлежните институции и платите и хонорарите ќе се исплатат во рамките на законскиот рок.