Флеш Вести21/04/2019 23:38

Пендаровски и Силјановска со тесна разлика одат во втор круг на претседателски избори

На вториот круг претседателски избори закажани на петти мај силите ќе ги одмерат кандидатите за Претседател на државата на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ Стево Пендаровски и Гордана Силјановска.
За Пендаровски гласале 310 751, за Силјановска 309 799, додека за Блерим Река се изјасниле 75 915 избирачи на гласањето во првиот круг, објави Државната изборна комисија врз основа на обработени речиси 97 насто од гласовите. Одзивот на гласачите бил 41,92 насто.
Тесната разлика меѓу првите два кандидати, според опозицијата е јасен сигнал за потребата од предвремени избори.
„Крајот се насетува. Јас нема што да изгубам, моите тези се јасни, потврдени на примерот на европски држави. На Македонија и е потребен радикален пресврт и ова што го слушаме вечерва е отворена поддршка за она што го правиме“ изјави кандидатката на ВМРО ДПМНЕ за претседател на државава Гордана Силјановска.
„Победивме, но не целосно ги поразивме, затоа е неопходен вториот круг“ изјави лидерот на опозицијата Христијан Мицковски со оценка дека „почна падот на Зоран Заев“.
„Благодарам за мнозинската поддршка што ми ја дадовте мене и на овој концепт уште во првиот круг. Во првиот круг води концептот ‘Зедно’ и тој ќе победи и на вториот круг на пети мај“ изјави Стево Пендаровски, кандидатот на коалицијата предводена од СДСМ.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев пак ги повика сите што се двоумеа дали да излезат денес да излезат во вториот круг и да „изберат прогрес“.
Изборниот ден според првичните оценки мина мирно.
„Имавме кристално чист изборен прв круг, имавме скандинавски избори. Им честитаме на сите граѓани“ изјави шефот на изборниот штаб на СДСМ Александар Кирацовски.
„Се соочивме со низ прекршувања, прогон, притисоци од власта. И покрај тоа, генерално имавме мирен изборен ден”, порача Генералниот секретар на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев на прес-конференција на крајот од гласањето.
Од штабот на Блерим Река исто така изборниот ден го оценија како мирен и демократски, а малата излезност ја објаснија со иселување на граѓаните.
„Малиот процент на излезност на изборите за претседател на државата го потврдува нашиот податок од изборната програма дека 1/4 од граѓаните се иселени. Тоа е загрижувачки момент”, посочи Рамадан Реџепи, портпарол на Изборниот штаб на Река.