Вести

По 8 години затвор за ексдиректорите на „Маѓар телеком“

Судење за „Маѓар телеком“ | Фото: БИРН

Атила Сендреј, Ролф Плат и Золтан Кишјухас се виновни во случајот „Маѓар телеком“, пресуди денеска Кривичниот суд. Сите се неправосилно осудени на по осум години затвор, дознава БИРН од Кривичниот суд.

Обвинетите треба солидарно во буџетот да вратат еден милион евра, односно над 67 милиони денари затоа што несовесно работеле во службата.

Според пресудата, тие го оштетиле буџетот и склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарска консултантска куќа.

Анализата што пред две години ја направи БИРН покажа дека пет години предметот „Маѓар телеком“ нечепнат стоел во фиоките на судот. Кога почнало судењето во отсуство на Сендреј и другите обвинети, половина од закажаните рочишта се одложиле. Се смениле тројца судии и тројца обвинители.

Динамиката, судењето ја добива откако предметот го презеде СЈО и обвинителката Лиле Стефанова.

Обвинетите не се достапни за судот и државата ги бараше со потерница, но никогаш не ги обезбеди. Предметот, откако ќе биде објавена пресудата, оди пред Апелација.

Но, аферата „Маѓар телеком“ има уште едно „домашно лице“ што се потпира на сведочењето на поранешниот разузнавач Слободан Богоевски пред њујоршкиот суд. Таму тој тврдеше дека тројца македонски политичари биле подмитени со 7,5 милиони евра за да не дозволат либерализација на телекомуникацискиот пазар.

Дали македонските политичари „В.Б.“ и „пријателите од Тетово А.А. и М.Џ.“ зеле мито, како што пишува во документот што го читаше обвинителката Лиле Стефанова пред судот, а Богоевски во Њујорк ги именуваше како Владо Бучковски, Али Ахмети и Муса Џафери, ќе се знае откако правосилно ќе заврши предметот на денес неправосилно осудените тројца Унгарци.