Регион

Поради пандемија побарано ослободување на затворениците во Хаг

Здружението на адвокати што застапуваат пред меѓународните судови, од ММКТ денеска побара да ги ослободи постарите затвореници за воени злосторства, за да се обезбеди дека тие нема да се заразат со КОВИД-19.

Според нивното соопштение, Претседателот на ММКТ има овластување да одобри ослободување на притворените лица, кои издржуваат казни изречени од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) и Меѓународниот трибунал за Руанда.

„Сите затвореници кои моментално ја издржуваат казната во Европа и во Бенин (Западна Африка) се постари затвореници и затоа се особено ранливи. Ако се заразат, нивните животи би можеле да бидат загрозени“, се вели во соопштението на здружението.

Комесарот за човекови права на Обединетите нации (ООН), Мишел Башел, се вели во соопштението, ги повика владите „да не ги забораваат затворениците, бидејќи последиците од нивно занемарување, се потенцијално катастрофални“.

Здружението бара одобрение за предвремено ослободување на оние затвореници кои отслужиле две третини од казната, а оние кои не отслужиле, да бидат привремено ослободени.

Меѓу уапсените е и поранешниот политички лидер на Република Српска, Радован Караџиќ, кој минатата година беше осуден на доживотен затвор за геноцид и други воени злосторства.

Пред ММКТ тече судскиот процес против поранешните функционери на Службата за државна безбедност на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, додека презентацијата на жалбите во случајот на Ратко Младиќ е одложено, поради неговата лоша здравствена состојба.