Бура во чаша базенска вода

Некаде веќе констатирав дека македонските медиуми ја пренесоа веста за тетовскиот базен и нивното решение за одвоени „женски“ термини за користење со – сосема погрешни наслови. Не треба да стои „Во среда и сабота само жени можат да се капат во Градскиот базен во Тетово“, туку „Во среда и сабота на мажите им е забрането капење на Градскиот базен во Тетово.“

Тетовските општински власти наведуваат дека воведувањето на „женските термини“ се воведени по барање на жените и, ете, излезено им е во пресрет. Не е наведено кои жени и како го доставиле ова барање? Протестирале пред портите на базенот со феминистички транспаренти? Доставиле петиција до директорот на базенот или до градоначалникот? Или, пак, стоеле пред канцеларијата на градоначалникот? Можеби добил безброј телефонски повици со ова барање? Конечно, не видов дека која било граѓанска организација застана зад тоа барање.

Во таа смисла, зошто да не помислам, на пример, дека не група жени, туку група мажи побарале нивните жени да не се мешаат со други мажи? Или што би рекло „Бјело дугме“ во опеаниот патријархат во „Хајдемо у планине“:

„Секоја џукела ги гледа газовите на мојата девојка.“

Моносексуална демократија

Овој мој обид да го иронизирам случајот „тетовски базен“, произлегува од ноторното сознание дека согледувањето на состојбите зависи од перспективата од која се гледаат работите. Сакам да кажам дека со интерес, дури би рекол и со одредена доза забава, ја следам бурата што, за право, не се крена во чаша вода, туку во еден 25-метарски базен, за кој, искрено, не знам ни дали и колку е посетуван, односно кој е интересот за неговата посета, та од мажи, та од жени.

И она што можам да го заклучам е дека (главно) сите се – во право. И оние што ја поддржуваат одлуката на градските власти, како и оние што огорчено ѝ се спротивставуваат.

Од една страна, демократијата најдобро се огледува во толеранцијата и задоволувањето на потребите на малцинството. Кога велам „малцинство“, воопшто не мислам на жените. Мислам на малцинскиот дел што сака на овој начин да ги консумира услугите на базенот.

Со други зборови, ако постои само еден единствен човек (маж или жена) што има потреба да биде сосема сам во некаков социјален простор, тогаш власта е должна таа потреба да му ја исполни. Без оглед дали се во прашање културолошки, религиски, безбедносни, здравствени или некои други причини.

Од друга страна, лично сум дефинитивно против користење простори за социјална интеракција (а базенот тоа секако е) од страна на некакви моносексуални групи. Значи, речиси на ниво на инстинкт сум алергичен на секакво дружење и здружување на ниво на некакви физички и/или биолошки обележја, односно на ниво на пол, раса, боја на кожа, религија…

„Машки“ и „женски“ социјални клубови, кафеани „само за мажи“, навивачки групи, скинхедси и… што и да е. Сето тоа ми е сомнително и на извесен начин грдо.

Знам дека сега ќе ми се префрли дека постојат здруженија, на пример, на луѓе со некакви физички и здравствени попречености, но, веднаш да се разбереме, не се здружуваат тие луѓе поради својата попреченост, туку поради заедничките интереси за евентуално полесно надминување токму на општествените пречки на кои наидуваат.

Сакам да кажам дека интересот за подобрување на сопствената состојба или состојбата на групата во која општеството ве ставило и без некоја ваша волја, не е исто со овозможувањето ексклузивни привилегии само затоа што сте маж или жена.

Базените отсекогаш биле своевиден „лакмус“ за нивото на демократијата во одредена земја. Па, ако сакате, и за дискриминацијата. Барем од популарната култура (филмови и книги) ги знаеме оние натписи на базените во нацистичка Германија: „Забрането за Евреи и кучиња.“

Во САД, долго време постоеја „бели“ и „црни“ базени. Во Јужноафриканската Република, ова правило траеше до укинување на апартхејдот во 1994 година. Не треба да се напоменува дека „црните“ базени, онаму каде што воопшто ги има се нестандардни, многу помали и со несоодветни услови.

Се разбира дека базените биле подложни и на полова поделба, што првенствено се објаснувало со „морални“ причини (како што впрочем е случајот и со јавните „машки“ и „женски“ плажи). Непристојно е во вода да се мешаат половите! На пример, во Мелбурн се дозволени „интегрирани“ базени дури во 1947 година, иако во остатокот на Австралија оваа практика била воведена уште во 20-тите години на минатиот век.

Во земјите во кои се силни или доминантни религиските норми, оваа практика е задржана и денес. Но, од друга страна, ги има и во западните држави. За потребите на овој текст шетав малку по интернетскиот простор и наидов на некои (додуша ретки) примери на базени во Германија, па дури и во Финска, каде што постојат одредени термини (најчесто еден или два часа) еден ден во неделата каде што капењето е дозволено само за жени.

На пример, Градскиот базен во финскиот град Еспо, секоја недела од 9 до 10.30 часот ги отвора вратите само за жени. Во тој период, и целиот персонал на базенот е составен од жени. Оваа практика се прекинува секое лето (вклучувајќи го и ова) и ќе се обнови во септември.

На нивната интернет-страница може да се прочита и специјалната напомена дека во времетраењето на „женскиот саат“, бифето не работи. Истиот ден од 11 часот, базенот се отвора за „сите категории“ и – бифето проработува.

Мотиви и реакции

Во што е проблемот со тетовскиот базен? Лично мислам дека одлуката на градските власти е многу лошо дури и погрешно искомуницирана. Нејасна е потребата од нејзино донесување, нејасни се мотивите и намерите на општинската управа, нејасни се желбите што наводно биле искажани…

Сево ова остава простор за низа шпекулации и најразлични убедувања во јавноста.

Слушнав и прочитав од безброј луѓе, безброј толкувања зошто е донесена ваквата одлука (од Општината не прочитав ништо посериозно). Најмалку уверливо ми е она што е најчесто споменувано, за таканаречениот сејф спејс (безбеден простор). Ако е ова начинот да се штитиме од злосторства и криминални дејства, тогаш е најдобро да се вратиме во периодот на корона-вирусот и сите да бидеме во карантин и да седиме дома.

Многу полесно можам да ги разберам религиските причини (иако сум далеку од тоа да ги оправдам). Во целиот овој галиматијас, прочитав и дека на „покриените“ жени им било забрането да влегуваат и да се капат во „нормалните“ базени. Не знам зошто е тоа така. Веројатно постои или ќе постои некаков изнасилен одговор за хигиенски и здравствени причини.

Претпоставувам дека во исклучиво женско друштво е дозволено да се искапат и „откриени.“ Иако, без оглед на религиските норми, тука мора да се каже дека и „покриеноста“ и „откриеноста“ не се ништо друго, туку само одраз на машката култура. Ама, ете, можам да разберам дека на некои жени им е непријатно да се појават во патријархална средина во некаков стандарден костим за капење.

Но, без оглед на сето ова, секогаш, ама баш секогаш се изненадувам на бурните реакции и сензитивноста на јавноста за овие, сепак, маргинални теми. Ако сакаат да се капат жените сами, нека се капат. А ако не сакаат, нека не се капат. Но, тоа е веќе некоја друга тема.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија