На 12 ноември минатата година, Европската Унија го усвои таканаречениот Културен компас на Европа. Станува збор за стратешки, рамковен документ, кој треба да ги регулира односите меѓу културата, поточно творците, културните работници, граѓанските организации со државните администрации, но и да ја унапреди и поддржи слободата, демократијата, меѓудржавните релации и „меката моќ“, поточно да ја афирмира таканаречената културна дипломатија.
Кажано со европскиот бирократски речник, главната цел на овој документ е да ја интегрира културата како „клучен елемент во европските стратегии за демократијата, економијата, социјалната кохезија и меѓународните односи.“
Но, зад овие сувопарни зборови постојат, што би се рекло, и низа конкретни задачи и активности.
Првата линија на одбраната
Компасот опфаќа четири главни акценти. Првиот се однесува на европските вредности и правата во подрачјето на културата, што би требало да значи поттик на размената на културните идеи без никакви ограничувања. Вториот акцент се однесува на јакнењето на положбата на уметниците и културните работници.
Првенствено се мисли на подобрување на работните услови и фер исплата за творечкиот и културниот труд, но и за гарантирање на уметничките слободи, односно оневозможување на каков било вид цензура и автоцензура. Третата насока е за конкурентноста и отпорноста. Културните права се дефинираат како фундаментални човекови права. Се обезбедува еднаков и рамноправен пристап до културните вредности.
Тие се третираат како важна сила во социјалната кохезија и општественото здравје. Тука, акцентот е ставен на културните и креативните индустрии како фактор за иновации и економски развој, како и на отпорноста и заштитата на културните вредности при војни и природни непогоди. И конечно, четвртиот дел се однесува на културата како фактор на поврзување на луѓето, државите и континентите, односно како фактор во меѓународната политика.
Во таа смисла е предвидено во ЕУ да се прават редовни известувања за напредокот на земјите-членки во однос на напредокот во остварувањето на овие задачи, а веројатно состојбите во однос на културата ќе бидат ставени и во редовните извештаи за напредокот на државите кандидатки за влез во Унијата. Исто така, се предвидува и организирање центар за прибирање и анализа на културните податоци, следење на трендовите и обединување на најдобрите практики.
Имајќи ги сите овие стратегии предвид, европскиот комесар за меѓугенерациска праведност, млади, култура и спорт, малтешкиот политичар Глен Микалеф, текстот со кој го претстави Културниот компас не случајно го наслови како „Прва линија на одбраната на Европа.“ Тој, во него, се повика на делото „За Европа“ (Pour l’Europe) на Робер Шуман, еден од основачите на денешната Европска Унија.
Тој, во своето дело вели дека Европа, пред да стане економски и/или воен сојуз, мора да стане културна заедница во највозвишената смисла на тој збор. Микалеф констатира дека учеството на луѓето во културата подразбира уживање во слободата и прифаќање на различностите.
„А онаму каде што се развиваат различни културни содржини, нема место за популизам и екстремизам. Европските уметници се најсилниот глас на демократијата“, вели Микалеф.
Македонскиот изгубен компас
А како стојат работите кај нас? На одбележувањето на Илинден, никој не го споменува Крсте Петков Мисирков, кој во своето капитално дело од истата 1903 година „За македонцките работи“, критикувајќи го Илинденското востание, го констатира токму тоа, дека прво треба да се работи на создавање на писменоста и културната свест, а потоа воено да се дејствува.
Едноставно е, без изградена национална и културна свест, а таа не може да се изгради без образованост во најшироката смисла на зборот, сите акции од типот на Илинденското востание можат само да им служат на туѓите интереси. Ако некому уште не му е јасно што сакал Мисирков да каже, нека види како стојат работите денес.
Залудно е сега да се констатира дека фамозиниот есеј на Мисирков „Што направивме и што треба да правиме за однапред?“ (Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?) очигледно не бил лектира на ниту еден македонски политичар од 80-тите години на минатиот век, па до денес.
Интересно е што денес сѐ помалку се цитира и наводната изјава на Гоце Делчев за светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Изјава со која беа полни устите на политичарите до пред некое време. Македонската телевизија го прекинува директниот пренос од свеченоста по повод Илинден, токму кога почнува културно-уметничката програма. Демек, политичките флоскули на политичарите се поважни од „надградбата.“
Телевизиските дневно-политички дебати одамна ги истиснаа емисиите од културата на телевизиите со национални фреквенции. „Тоа нема гледаност“ ми вели еден „истакнат деец“ во македонското телевизиско новинарство. Мора да се сложам со него. Се разбира дека нема гледаност она што не може да се види. Ниту читаност она што не може да се прочита.
Тоа е отприлика она што во Културниот компас се нарекува еднаква и рамноправна достапност до културните вредности.
Но, како што стојат работите со другите сегменти на овој стратешки документ. Која е таа култура што ги поврзува луѓето, државите и континентите? Кои се тие различни културни модели што егзистираат тука? Да бидеме реални, колку навистина ја познаваме бугарската или грчката култура? Не велам историја, туку велам култура? Колку бугарска музика може да се слушне на македонските радија? Кои се новите тенденции во грчкиот театар? Какви филмови снимаат во Албанија?
Единствено сме во тек со случувањата во некои делови од некогашна Југославија, но и тоа е последица на инерцијата од некогашниот заеднички културен простор, кој, за среќа, во некои сегменти уште функционира. Но, не станува збор тука за целиот тој простор, туку главно за Србија и нешто помалку Хрватска и Босна и Херцеговина. Нашиот културен компас ги нема, на пример, Словенија и Црна Гора во својот видокруг. А нема да верувате. И таму постојат рок-бендови. И таму се снимаат филмови. И тоа нови, а не од времето на некогашна Југославија.
Не само што не знаеме ништо за нашите најблиски соседи, туку не правиме ништо ниту да сознаеме, ниту тие да сознаат нешто за нас. И не само тоа, македонскиот дел од овдешното население не знае ништо за она што се создава во албанската, турската, влашката… култура во нашата земја. А тоа е, убеден сум, генератор на низа овдешни политички и економски проблеми. Тоа е генератор на ксенофобијата што владее тука.
Немаме институционална стратегија за поддршка на стартапите во културните индустрии. Немаме институционална стратегија за пробив на македонската култура надвор од земјата. Немаме стратегија за користење на вештачката интелигенција или балансирање на ползата од неа со опасностите што демнат. Немаме дигитални платформи за онлајн-култура, на пример за онлајн-галерии или онлајн-концерти. Немаме дигитални библиотеки и електронски книги.
Немаме стриминг сервиси. Имаме само полна уста со идентитети што самите сакаме да си ги унижиме.
Кај нас, културата се сфаќа единствено како монета за политичко поткусурување, коалициски препукувања и нагодби, и, секако, како поле за лесно перење пари. Гледајте само што се случува со проектот „Скопје – европска престолнина на културата.“ Главните расправи се водат околу тоа кој и како ќе владее со парите. Уметниците, творците и професионалците во културата никаде ги нема. Тие се небитен дел од ова општество. За нашето Министерство за култура и туризам, културата главно се сведува на културното наследство, фолклорот и македонските вина.
На крајот на краиштата, тој ксенофобичен аспект на културата доведе и до фамозниот проект „Скопје 2014“, каде што се „испраа“ купишта пари, а културата, освен некои корумпирани поединци, не виде ништо од корист. Покривите на културните институции уште прокиснуваат.
Ако за Европа, културата е првата линија на одбраната на нејзините вредности, за Македонија и нејзините вредности, вклучувајќи го тука и фамозниот идентитет, е – последната!
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија









