Окружниот суд во Загреб го осуди Драган Бирач, кого му беше судено во отсуство, за воени злосторства извршени во Хрватска Костајница, во септември 1991 година.
Бирач, кој живее во Србија, беше осуден на осум години затвор за убиство на цивилите, Анѓелка Бишќан и нејзината мајка, Јагода Бркљачиќ, и на седум години затвор за убиство на заробениот припадник на хрватската војска, сопругот на Анѓелка, Младен Бишќан.
Казните му беа обединети во единствена казна од 12 години затвор.
Според обвинението, Бирач ги убил Анѓелка, Јагода и Младен Бишќан на 8 септеври 1991 година, во дворот на нивниот семеен дом во Хрватска Костајница, откако тие со кренати раце се предале.
Судијата, Дражен Кевриќ, рече дека од исказите на сведоците е неспорно дека Бирач ги убил со автоматско оружје.
Тој го цитираше сведочењето на Данило Бишќан, син на убиената брачна двојка, кој видел кога Бирач отворил оган, а потоа рекол дека ги „покосил усташите“.
По пресудата, невладината организација Документа – Центар за справување со минатото, повторно ја критикуваше хрватската судска практика за судење во отсуство.
„Оваа пресуда не може да се спроведе во странство, бидејќи судењето е во отсуство. Ако во еден момент обвинетите или правосилно осудените лица му бидат достапни на хрватското судство, тие можат да побараат повторно судење“, изјави, Јелена Јовиќ, од Документа, за хрватскиот јавен сервис ХРТ.