Регион

Поранешните југословенски држави спорат за имотот на поранешната армија

Младен Лакиќ, Маја Живановиќ | Сараево, Белград

Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград. Фото: Викимедиа комонс/Ранко Николиќ

Хрватска за БИРН потврди дека планира во четврток да присуствува на состанокот на претставниците на поранешните југословенски републики, за имотот на поранешна ЈНА, откако медиумите објавија дека Хрватска и Македонија нема да испратат свои претставници.

Првиот состанок на Мешовитиот комитет за спроведување на Анексот А од Спогодбата за сукцесија во Белград, бара присуство на претставници на сите пет земји наследнички – Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Словенија и на Србија.

„Хрватска го потврди своето учество … иако Министерството за надворешни работи на Србија објави дека оваа средба е одложена”, ни рекоа од хрватското министерство.

Законот за сукцесија стапи во сила во 2004 година, но прашањето за воениот имот остана нерешено.

Денешната средба е од клучно значење, бидејќи комплетните податоци за ЈНА, се архивирани во Белград и само кога српските власти ќе ги отворат овие досиеа, ќе се знае која државата колку имот треба да наследи и која е неговата вредност.

„Оваа средба е можност да се постават прашања за авионите, тенковите и другиот имот од овој вид, но во овој момент не може никој да каже колкава е вредноста на тој имот”, изјави за Н1 телевизија, заменикот министер за одбрана на БиХ.

Кога станува збор за имотот на ЈНА, Србија е меѓу земјите со највисоки очекувања.

„Хрватите инсистираат дека од ресурсите на ЈНА, на Србија и припаднале најголем дел на научните капацитети – пред сѐ Воено техничкиот центар во Жарково, Техничко-тестниот центар, ВМА … И тука треба да очекуваме некој вид на барања или предлози за компензација”, изјави за весникот „Вечерње новости“ на 2 септември, српскиот воен експерт, Александар Радиќ.

Саво Штрбац, од српската невладина организација Веритас, за „Вечерње новости“ истакна дека само цивилите, воените лица и полицијата, оставиле помеѓу 40.000 и 50.000 станови, од кои голем дел во сопственост на армијата.

Договорот за сукцесија беше склучен во Виена во 2001 година, но досега, и покрај неколкуте обиди, не е постигнат договор за решавање на ова прашање меѓу БиХ и Хрватска.

Преговорите беа водени до 2012 година, кога речиси беше постигнато решение по ова прашање, но потоа Република Српска побара во договорот да се вклучи правото на постојана сопственост над имотот, што Хрватска го одби како предлог.

Пред потпишувањето на договорот од Виена, Хрватска склучи договори со Словенија и со Македонија, кои го добија назад својот имот.