Вести

Порталите и лани најголеми прекршители на новинарските стандарди


Различна година, исти тенденции. Советот за етика во медиумите (СЕММ) ја објави годишната статистика за прекршување на новинарските стандарди во 2021.

Членовите на комисијата за жалби при Советот лани работеле во 109 предмети. Донеле 96 одлуки, од кои, во 48 биле изречени морални санкции, односно било констатирано дека е прекршен Кодексот на новинарите, додека 53 биле оценети како неосновани.

По пат на медијација, решени биле осум случаи, се наведува во извештајот на СЕММ.

Неславни „лидери“ во медиумите за кои биле поднесени жалби и натаму, како и секоја година остануваат интернет-порталите. Во бројки, тоа значи дека над 91 отсто од жалбите биле за содржини објавени на порталите.

Многу далеку зад нив се телевизиите, новинските агенции и весниците. За сите нив заедно биле поднесени вкупно 9 жалби.

Нема драстични промени ниту кај типот на прекршувањата. Во 26 случаи, како и во изминатите години, најмногу бил прекршуван членот еден од Кодексот на новинарите, кој пропишува објавување точни и проверени информации, право на одговор или на „втора страна“ и најмалку два неповрзани извори за информациите што се пласираат.

Според статистиката, второ поголемо прекршување на новинарските стандарди Советот за медиуми лани забележал кај членот 8, што подразбира внимателно известување за несреќи и семејни трагедии ослободено од сензационализми, 33,33 отсто.

Помалку жалби во споредба со 2020 | Извештај на СЕММ за 2021

За ова стигнале 16 жалби до Советот за етика, односно тие, во споредба со 2020, се удвоиле.

Впрочем, ланската година е прва во која има двоцифрен број жалби за овој член од Кодексот на новинари, споредено со претходните години. Тоа секако се должи и на фактот што годината имаше најмалку две големи трагедии, кои, за жал, го поттикнаа сензационалистичкото известување лишено од емпатија.  

Покрај овие членови, жалби стигнале и за навлегувањето во приватноста на личноста, дури и тогаш кога тоа нема врска со јавниот интерес, како и плагијаторството, пристрасното известување во кампањи, неразликувањето вест од коментар.

Непримерниот говор и говорот на омраза, минатата година не се високо на листата според бројот на пријави. Тие биле детектирани во 4 пријавени случаи.

До Советот за етика, најмногу се жалеле граѓани (80), потоа медиуми и новинари во 17 случаи, граѓански организации во 8 случаи, а 4 жалби стигнале од политичари и од носители на јавни функции.