Владата на босанскиот ентитет, Федерација Босна и Херцеговина (ФБиХ), го поддржаа законот за забрана на системот „две училишта под еден покрив”, но сепак, некои изразуваат сомневање дека федералниот парламент ќе го усвои овој закон.
Пишува: Игор Спаиќ. Сараево
Предлагачот на законот, пратеникот во Претставничкиот дом на Парламентот на ФБиХ, Денис Грац, од опозициската партија Наша странка, за БИРН вели дека ја поздравува одлуката на Владата на ФБиХ, за поддршка на предлог-законот за забрана на сегрегацијата во образованието во овој ентитет.
„Со овој предлог-закон се обидуваме да ја натераме Владата да земе поактивно учество во спречувањето на ваквите (дискриминаторски) појави”, изјави Грац, додавајќи дека позитивно е изненаден што Владата поддржала предлог на опозицијата.
Додаде оти се сомнева дека кој било одговорен парламентарец би гласал против законот, иако експертите веруваат дека усвојувањето на овој предлог, може да наиде на сериозни пречки од страна националните политички партии во парламентот.
„Ќе помине или не, никој не знае”, вели за БИРН, политичкиот аналитичар, Аднан Хускиќ.
Сегрегација во образовниот систем во БиХ е резултат на војната во оваа држава, која траеше од 1992 до 1995 година, па така учениците, во зависност од тоа дали се Срби, Хрвати или Бошњаци, имаат своја посебна „национална образовна програма”.
Освен што одделно ги следат часовите по веронаука и мајчин јазик, учениците, исто така, учат различна историја и географија, бидејќи секоја националност има своја интерпретација за овие предмети.
Во многу училишта, учениците и физички се поделени, така што часовите ги посетуваат во различно време, за да не се сретнат.
Грац го достави до парламентот предлог-законот за ставање крај на оваа практика, на 20 јули, кога околу 100 ученици од различни училишта во ФБиХ, организираа протест против сегрегацијата во образованието.
Иако БиХ и нејзините два ентитета имаат закон за забрана на дискриминација, Грац нагласува дека тој закон „не ја исполнил својата цел”.
Сепак, Хускиќ смета дека овој предлог, најверојатно, нема да добие политичка поддршка од националните партии.
„Како причина, некои од оние кои се противат, најверојатно ќе ја наведат заштитата на националните културни права или ќе речат дека родителите на учениците се против тоа”, вели тој.
Сугерира дека во овој процес треба да се вклучат и меѓународните тела, како што се Европскиот парламент и Советот на Европа, кои изразиле став против дискриминацијата во образовниот систем во БиХ.
„Ова е прашање на елементарните цивилизациски вредности, на кои Европската унија вели дека им е посветена и треба да се постави како прашање на патот на БиХ кон ЕУ”, нагласи тој.
Во јули заменикот на шефот на Советот на Европа во Сараево, Тони Павловски, го осуди бавниот процес на решавање на ова прашање.
Изјави дека одржувањето на системот „две училишта под еден покрив” е „неоправдано”.
Таквиот систем „директно се противи на развојот на духот на толеранцијата, взаемното разбирање и соработката”, што има централно значење во Европската конвенција за човекови права, заклучи Павловски.