Дали порноактерите се актери? Ги оценува ли некое филмско жири нивните перформанси? Одат ли на доделување Оскари? Дали кога некој порноактер е уапсен, како што е случајот со „бардот“ на порноактерите Рон Џереми, Холивуд препознава дека се работи за напад врз актерството?
Не, затоа што тој е обвинет и му се суди за силување, акт кој појавно страшно наликува на она што Рон и професионално го работел. Ама само наликува. Во основа е злосторство, кое зад себе остави жртви.
Ова е вистинската паралела што ја отсликува апсурдноста на дебатите дали ова што се случува со извесен Марјан Стаменковски е нешто што му се случува на новинар, па оттаму надлежни за реакција се другите новинари и организации, кои треба да застанат во заштита на колегата и медиумот, како што некои го перцепираат неговото интернет-орудие – порталот Доказ.
На прв поглед – груба паралела меѓу медиум и порносодржина. Ама само на прв поглед, и тоа под услов никогаш во животот да не сте кликнале на сајтот, пардон „медиумот“ и не сте ги виделе насловите и производите што се пласираат таму. И тука не мислам на враснатите нокти и одвратните слики на рекламите, туку на она што се произведува под „перото“ на овој човек.
Човек што со своето поведение и она што им го прави на луѓето не покажа грам човечност. Човек што практицира нешто што е антипод на новинарството.
Оттаму дебатата дал е тој новинар и дали Доказ е медиум е нешто што покажува до каде отидовме во разнебитувањето, релативизирањето и уништувањето на самата суштина на професијата на која ѝ припаѓаме. Во тој срамен процес никој од нас не е невин.
И таквите како него (не е тој единствен) и оние што наводно шуруваа со Стаменковски и разменуваа информации и стратегии како и кога некој да се нападне, но и ние што молчевме кога наши колеги и колешки се распнуваа и не направивме ништо или недоволно за да ги натераме новинарските организации да застанат и да нѐ заштитат од насилниците и киднаперите на професијата.
Молчевме и по некоја чудна инерција си дозволивме, телата за саморегулација да „расправаат“ за прекршени новинарски стандарди од страна на Стаменковски, заборавајќи дека со тоа му даваме легитимитет. Затоа што само новинар може да прекрши стандарди на професијата. Сигурно не одиме и читаме објави на Тинекс и Пакет.мк од визура на новинарска етика.
Дозволивме да нѐ изедначуваат, да нѐ спуштат на нивно ниво и да нѐ добијат на кондиција. Молчевме пред типични маалски насилници. Покажавме страв, а познато е како насилниците реагираат на тие што се повлекуваат. Тие се хранат со немоќта на жртвите и од молкот и од стравот на набљудувачите.
Рекетот за кој велат дека секогаш на овој или на оној начин егзистирал по темните ќошиња на професијата, преку Доказ и нему сличните стана доминантен и нескриен, аждер толку силен, што веќе никој нема сила поединечно да му спротивстави. Но, затоа тука се новинарските организации ЗНМ, ССНМ и сите што гордо во насловите ги ставаат новинарите и медиумите. Сега тие треба да реагираат. Сега тие треба да го почнат процесот на правење разлика. Сега треба да се создаде заеднички фронт и конечно, конечно да се стави „нога на врата“ на сите што го злоупотребуваат фактот што новинарството е отворена професија во која секој може да влезе.
Тоа најдобро ќе се направи со тотален игнор на случајот и неприфаќање на лажната дебата за тоа кој е, а кој не е новинар. Меѓународната федерација на новинари има многу краток и јасен професионален кодекс. Девет члена што забрануваат лажење, плагијат и слично. Десеттиот е најважен – само тој што ги почитува овие девет члена има право да се нарекува новинар. Толку е. На паметниот доста.
Во спротивно, оваа војна (не битка, нив секојдневно ги губиме) е загубена. Стаменковски ќе се врати со Доказ десетпати посилен, и што е најважно уште повеќе осилен. Таков, тој ќе инспирира десетици нови портали, кои преку порноновинарство ќе одработуваат и ќе заработуваат.
А ние ќе дебатираме дал’ е или не е новинар.