Снимателот Владимир Желчески и новинарот Александар Тодевски од порталот А1он биле претепани од страна на учесници на денешниот протест пред Собранието на Македонија.
Фотографиите од пристигнувањето на Брзата помош првично почнаа да се шират на социјалните мрежи, а информацијата ја потврди главниот уредник на А1он, Предраг Петровиќ.
„Учесници на протестот од зад грб ја нападнале екипата со боксови по глава и со клоци. Им ја одзеле камерата, ја фрлиле на земја, почнале да ја шутираат и целосно ја уништиле. Веднаш била повикана Брза помош и во моментов двајцата се во Ургентиот центар и им се вршат испитувања“, потврди Петровиќ.
Фотографите кои биле во близина и го следеле настанот успеале да направат фотографии од напаѓачите и од двајцата новинари кои по нападот, лежат на земја.
По инцидентот, веднаш се огласи Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) кој побара полицијата во најкраток можен рок да ги пронајде напаѓачите и да го расчисти инцидентот.
„Дополнително, овој инцидент е резултат неодговорните политичари и нивните приврзаници чиј говор на омраза преку медиумите и социјалните мрежи токму на ваков начин се сели на улиците“, велат од ССНМ.
Претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, ги посети нападнатите новинари во болница и најостро го осуди инцидентот.
Иницијативата „За заедничка Македонија“ чија цел, според организаторите, е да се зачувува унитарноста на државата, трае втор ден. На маршот учествуваат членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ како и директори на државни институции.