На судењето на поранешниот припадник на Војската на Република Српска (ВРС), Боро Милојица, сведок на обвинителството изјави дека видел кога обвинетиот, во селото Волариќе, во 1992 година, отворил оган врз десетина цивили, Роми.
Џана Брканиќ, Сараево
С-3, заштитен сведок на обвинителството, во понеделникот пред Судот на Босна и Херцеговина во Сараево, изјави дека видел кога Боро Милојица, обвинет за убиство на цивили од бошњачка, хрватски и ромска националност, отворил оган врз цивили, Роми, во Волариќе.
Сведокот рече дека бил ангажиран во шестиот љубушки баталјон на 43-тата Приедорска бригада на ВРС, кога во јули 1992 година, од местото Миска глава, со Милојица и Перо Ѓуриќ, со зелено комбе, тргнале кон местото Хамбарине.
„Во местото Волариќи наидовме на група луѓе кои копаа нешто. Препознав еден Ром кој беше со мене на работна акција“, рече С-3.
„Кога отидов кај него да се поздравам, се слушнаа пукотници и луѓето почнаа да паѓаат“, се присети С-3.
Додаде дека ги видел Перо и Боро како пукаат во нив и ги прашал: „Што правите, луѓе?“.
Но, тие двајца само ги кренале рамената. После тоа, како што додаде сведокот, тие не разговарале за овој настан.
Призна дека никому не го пријавил овој инцидент.
„Дознав подоцна дека тие беа Роми од населбата Волариќи … Имаше десетина, не знам точно“, рече С-3.
Во близина на луѓето во кои што пукале, истакна сведокот, имало и други мртви тела.
Одговарајќи на прашањето на одбраната на обвинетиот Милојица, сведокот рече дека и тој имал автоматска пушка, но оти не пукал.
Додаде дека сите тројца „пиеле, но не биле пијани“.
На Милојица и на Желисав Ривиќ, поранешни припадници на шестиот љубушки баталјон на 43-тата Приедорска бригада на ВРС, им се суди за убиство на 19 цивили од бошњачка, хрватска и ромска националност, извршени во јуни и јули 1992 година.
Судењето продолжува на 2 октомври.