Актуелно

Продолжени договорите на Башановиќ, Обрадовиќ и на Шубара

Зоран Башановиќ, надворешниот соработник на премиерот Заев

Премиерот Зоран Заев летово ги продолжил договорите на четворица соработници од Србија на период од уште една година, потврди за БИРН владината прес-служба.

Откако Заев во 2017 дојде на „Илинденска“ ангажираше повеќе надворешни соработници меѓу кои и четворицата од Белград. Нивните договори беа склучени на две години и истекуваа летово.

Поранешниот естраден менаџер Зоран Башановиќ и ексдиректорот на државната компанија за производство и за дистрибуција на струја во Србија ЕПС, Александар Обрадовиќ се надворешни соработници за економски прашања, човекот што ја водеше српската Агенција за приватизација, Љубомир Шубара му помага на премиерот околу финансиите, банкарството и околу инвестициите, додека како ИТ-експерт е ангажиран Владимир Цветковиќ.

Башановиќ се договорил со Заев за месечен надоместок од 1.500 евра, додека Обрадовиќ, Цветковиќ и Шубара земаат по 1.200.

„На надворешните соработници Владимир Цветковиќ, Зоран Башановиќ, Љубомир Шубара и Александар Обрадовиќ договорот им е продолжен на една година, со истите износи како и досега“, велат од Владата.

Бројката на ваквите соработници се менува, премиерот на почетокот од годинава имаше вкупно 39 надворешни соработници.

„Сите надворешни соработници за своето работење му одговараат на премиерот кој го оценува нивното работење“, додаваат од владината прес-служба.