Анализи

Профил: Сашо Мијалков – човекот чие име со шепот се изговара

Кој е човекот кој раководи со тајната полиција во земјава? Анализа на БИРН за сите информации и афери што се откриваа за Мијалков низ текот на годините, за нивниот епилог и за тоа како завршуваат оние кои ќе се обидат да отворат прашања за неговите наводни бизниси.

Името на Мијалков се спомнува со шепот и малубројни се оние кои се осмелиле да отворат одредени скандали или афери поврзани со него

За осум години, колку што Сашо Мијалков е директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), јавноста речиси и да му го немаше чуено гласот. Изјави за медиуми како и да нема давано, а забележано е само едно интервју за „Дневник“ кон крајот на 2013 година. Многумина велат дека појавата на братучедот на премиерот Груевски, Сашо Мијалков, која оддава авторитет, но и моќ, го прави еден од највлијателните луѓе во Македонија.Откако СДСМ ги објави аудио снимките, за кои се тврди дека станува збор за разговори меѓу Мијалков и поранешниот вицепремиер Муса Џафери, уредникот на телевизија „Сител“ Драган Павловиќ-Латас и поранешниот сопственик на Канал 5 – Емил Стојменов, освен за содржината на разговорите, во јавноста се коментираа и гласот и тонот на првиот човек на тајната полиција.

„На Мијалков гласот му го слушнав, а ти уште си ми скарана!”, ќе напише популарниот твитерџија Влатко Васиљ, парафразирајќи прочуен скопски графит.

Името на Мијалков се спомнува со шепот, како некаква шифра за тоа дека темата е опасна и не треба многу да се елаборира. Малубројни се оние кои се осмелиле да отворат одредени скандали или афери поврзани со него. Речиси секој што се обидел тоа да го стори, завршил со добивање кривична пријава за навреда и за клевета, вклучително новинари и политичари.

Од медиумските информации за исходите на неговите тужби за клевета се стекнува впечаток дека Мијалков како никогаш и да не загубил судски процес. Освен речиси пословичното отсуство од медиумите, тој како шеф на УБК никогаш не се појавил ниту пред собраниската комисија, која е надлежна да врши контрола врз работата на тајната служба.

Јавноста и медиумите го поврзуваа со повеќе скопски влијателни компании, но неговото име не стои зад ниту еден документ со кој може да се потврди евентуалната сопственост. Буквално сè во врска со него било со загадочност и шпекулации кои е тешко, па речиси и невозможно да се докажат.

До 2006 година Мијалков е познат само по „мерцедесот“

Во 1994 година патот го води Мијалков кон Прага, Чешка кадешто дипломира и магистрира

Годинава, во септември, Мијалков ќе полни 50 години. Во овие години, за него е познато дека дипломирал на дипломирал на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ на Економскиот факултет. Магистрирал во областа бизнис администрација. Женет е со примабалерината Александра Мијалкова.Во 1994 година патот го носи кон Прага, Чешка, каде што дипломира и магистрира на Економскиотот факултет. Во 1998 година, кога се враќа во Македонија, ја почнува кариерата во областа на разузнавањето, прво како помошник министер за одбрана и безбедносно разузнавање, потоа како советник на министерот за одбрана на Македонија (2000-2001), државен советник за безбедносни прашања во Владата и од 2006 година како директор на УБК. Со други зборови, Мијалков, по враќањето од Чешка и заокружувањето на своето образование, во целост се посветува на безбедносните прашања во земјава.

Во 2006 година за првпат неговото име почесто се спомнува по медиумите, кога под знак прашалник се стави легитимноста на изборот на Мијалков за директор на УБК, со оглед на тоа што е братучед на премиерот Никола Груевски.

„Опозициски извори вчера посакаа само анонимно да констатираат дека ‘откако Груевски си ги поставил пријателите за министри, сега именува роднини на другите функции’“, пишува тогаш „Утрински весник“.

Принт-скрин од текст во „Утрински весник“ кога се отвори прашањето за „преродбеничкиот“ непотизам

Како и денес, така и пред осум години, за Мијалков можат да се најдат малку податоци на интернет.

„Неговото име се спомнува единствено на веб-страницата на поранешниот српски министер за финансии, Божидар Џелиќ, каде што Мијалков е претставен како дел од иницијативата за Регионален инвестициски фонд на Балканот, и тоа како личност која долги години го развивала бизнисот со недвижен имот во Чешка“, пишува „Утрински“ во 2007.

Според весникот, името на Мијалков уште два пати циркулирало во медиумите пред 2007 година – првиот пат на свадбата на Груевски во септември 2001 година, кога Мијалков му го зајмил „мерцедесот” на својот братучед.

Единствената фотографија на Мијалков од периодот пред 2001 пребарувајќи по интернет е онаа објавена од „Вест“ од првата свадба на Груевски, тогашен министер за финансии.

Вториот пат пак, името на директорот на УБК во медиумите се спомнувало во март 2004 година кога под истиот тој „мерцедес” експлодирала бомба.

Не е познато дали е откриен сторителот кој постави бомба под „мерцедесот“ на Мијалков

Во медиумите нема информации дали случајот со подметнатата бомба бил разрешен. Последните информации датираат од 2007 година, кога се пишуваше дека МВР не го расветлило случајот за тоа кој ја поставил бомбата под автомобилот.

Имотот на Мијалков

Во 2007 СДСМ го прозва дека наводно ја злоупотребувал функцијата, бидејќи со задоцнување го поднел анкетниот лист за својата имотна состојба

По стапувањето на функцијата шеф на УБК, Мијалков е присутен низ медиумите, но главно како предмет на критика од страна на опозицијата. Во 2007 СДСМ го прозва дека наводно ја злоупотребувал функцијата, бидејќи со задоцнување го поднел анкетниот лист за својата имотна состојба. Тоа, како што тогаш изјави Јани Макрадули од СДСМ, укажува на можноста тој да ја злоупотребувал должноста за да тргува на берза. Мијалков стапил на функција на 28 август 2006 година, а анкетниот лист го поднел со задоцнување од девет месеци.Во анкетниот лист, меѓу другото биле пријавени акции на берзата, чија вредност на 14 јуни 2007 година била проценета на 300.000 евра.

„Дали директорот на УБК во минатава година ја злоупотребувал својата службена должност за да влијае на случувањата на Македонската берза и да добива навремени информации кои ќе му обезбедат сигурна заработувачка. Дали се точни сè погласните сомневања на јавноста дека опремата за прислушување на МВР се злоупотребува на берзата?“, праша Макрадули.

Иако Мијалков го поднел анкетниот лист до Државната комисија за спречување на корупцијата во јуни 2007 година, комисијата го објави на својата веб-страница половина година подоцна.

„Утрински весник“ тогаш поставил прашање до Мирјана Димовска, претседателка на Антикорупциската комисија, зошто анкетниот лист е објавен со задоцнување, но таа не објасни зошто во случајот на шефот на УБК е отстапено од стандардите за други функционери чиишто анкетни листови веднаш се објавуваат откако ќе бидат доставени до комисијата.

Мијалков до антикорупционерите тогаш пријавил дека поседува станови, гаража и деловен простор во Скопје од 640.000 евра, третина куќа во Штип од 50.000 евра, акции и сопственички удел од 306.000 евра, два „мерцедеса“ и мотоцикл вредни 62.000 евра, семеен накит и уметнички слики од 80.000 евра и оружје од 4.500 евра.

Отворените прашања за имотот на Мијалков не завршија тука. Во 2010 година, тогашниот претседател на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, одржа серија прес-конференции и достави документи до Антикорупциската комисија за кои тврдеше дека се докази оти Мијалков има активни фирми во Чешка кои не се пријавени во анкетниот лист.

Во 2010 година, тогашниот претседател на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, одржа серија прес-конференции и достави документи до Антикорупциската комисија за кои тврдеше дека се докази оти Мијалков има активни фирми во Чешка кои не се пријавени во анкетниот лист.

Иако партијата не беше повикана, сепак ВМРО-ДПМНЕ излезе со реакција во која го нарекоа Бошкоски „кодош што одработува за Црвенковски“.„Ваквите глупости на Љубе се одраз на слабост, нервоза и сериозен страв“, изјави тогаш Александар Бичиклиски од ВМРО-ДПМНЕ.

Антикорупциската комисија во февруари 2011 година го затвори предметот за Мијалков поради „немање елементи за понатамошно постапување“.

Во 2013 година, повторно се фрли сомнеж за имотот на Мијалков, овојпат од страна на опозициската СДСМ.

Минатата година, пак, ТВ НОВА објави дека директорот поседува недвижен имот и голема површина градежно земјиште во Чешка коишто исто така не се пријавени во неговиот имотен лист.

Порталот пишуваше дека директорот истовремено ја продал својата компанија „Миртланис“ на фирма со седиште во Панама, позната оф-шор дестинација, чиишто управители се поврзуваат со компанијата „Ексико“ којашто е акционер во фирми што градат многу од објектите од проектот Скопје 2014.

Антикоруциската комисија се повлече пред сите наводи, со образложение дека не е надлежна да отвора прашања за имот стекнат во странство.

Колку може УБК да биде независна ако директорот е во партиското раководство?

Нерасчистената дилема околу функциите на Мијалков остана да „виси“ уште од 2006 година, кога тој стапи на функцијата. Медиумите и експертите со години наназад во повеќе наврати го покренаа прашањето дали може тој да биде дел од раководството на партијата и воедно да биде директор на Управата за безбедност. Под сомнеж се стави независноста на институцијата, доколку со неа раководат партиски кадри.

Ако се погледне веб-страницата на ВМРО-ДПМНЕ, се гледа дека Мијалков е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Веб страницата на ВМРО-ДПМНЕ каде што Мијалков стои како дел од Извршниот комитет

Во членот 168 од Законот за внатрешни работи се вели дека „работник во Министерството не смее да биде член на органите на партијата утврдени со нејзиниот статут“.

Пречистен текст од Законот за внатрешни работи од 2014 година

Според истиот закон, „работник во Министерството“ е овластено службено лице, како што е Мијалков.

Овие отворени прашања никогаш не добија епилог, ниту пак, се расчистија докрај. Мијалков и понатаму останува дел од раководните органи на партијата и раководи со институцијата надлежна за вршење внатрешните работи поврзани со безбедноста и контраразузнавањето.

Полициската линија се провлекува

Таткото на Сашо Мијалков, Јордан Мијалков, беше првиот министер за внатрешни работи на независна Македонија во првата Македонска влада на Никола Кљусев

Ако се погледне семејното стебло на Мијалков, не зачудува зошто тој својот ангажман го пронаоѓа во полицијата. Таткото на Сашо Мијалков, Јордан Мијалков, беше првиот министер за внатрешни работи на независна Македонија во првата Македонска влада на Никола Кљусев. Тој загина во сообраќајна несреќа во Србија во декември 1991 година.„Тој остави силни белези на новата плурална македонска политичка сцена, но и многу ‘опашки’ и недораскажани приказни кои до ден денешен многумина си ги дораскажуваат по сопствен терк и според сопствените идеолошки позиции. За едни, тој беше голем и искрен патриот, но има и такви кои велат дека бил типичен полицаец од стар ков, човек замешан во многу игри, вклучувајќи ја, наводно, и онаа на фамозниот КОС, некогашната военоразузнавачка служба на Југославија, за чија моќ и влијание, особено во првите години на македонската независност, сè уште се плетат најразновидни легенди“, пишуваше магазинот „Глобус“ анализирајќи го минатото на првиот човек на УБК.

Таткото на Сашо Мијалков извршил големо влијание и врз својот внук, премиерот Груевски. Тој, како претседател на Боксерскиот сојуз на Македонија го „запалил“ својот внук за благородната вештина, ќе напише „Глобус“ во текстот насловен како „Дали Мијалкови владеат со Македонија?“.

Владимир Мијалков пак, помладиот брат на Сашо Мијалков, не е експониран во јавноста. Тој работи како советник во Царинската управа, откако претходно, исто како и неговиот брат, завршил Економски факултет во Прага, Чешка.

Владимир Мијалков беше директор на „Национална платежна картичка“, институција која требаше да ја менаџира и процесуира работата на националната картичка за безготовинско плаќање – проект што беше замислен и почна да се реализира во време кога Груевски беше министер за финансии.

Познат беше како директор на „Национална платежна картичка“, институција која требаше да ја менаџира и процесуира работата на националната картичка за безготовинско плаќање – проект што беше замислен и почна да се реализира во време кога Груевски беше министер за финансии. Членови во Управниот одбор на НПК беа и Гордана Јанкулоска, актуелна министерка за внатрешни работи, и Миле Јанакиески, сегашен министер за транспорт. НПК беше институција која се издвои од згаснатиот Завод за платен промет (ЗПП) и се трансформира во акциониерско друштво. Се инвестираа речиси еден милион евра за опремување на просториите.Државните ревизори тогаш констатираа дека немало јасна физичка делба на имотот на ЗПП, па така се создала можност за проневера на државен имот и милионски суми буџетски пари. Ревизорите препорачаа да се преиспита и продажбата на АД НПК на тогашните Македонска и Балканска банка.

На тогашниот јавен обвинител Љупчо Шврговски му требаше една година за да го испита случајот „Национална платежна картичка“, точно толку колку што беше потребно за предметот да застари.

Митот за недопирливиот

Она што без тронка резерва може да се заклучи е дека Мијалков, а и неговиот брат, не сакаат да бидат експонирани во јавноста. Она по што се разликува Сашо Мијалков од брат му е леснотијата со која поднесува тужби за клевета и бара високи отштети.

Насловната страна на неделникот „Фокус“ откако директорот на УБК го доби судскиот процес против уредникот Јадранка Костова и новинарот Владо Апостолов

Таков е случајот со неделникот „Фокус“, каде што доби пресуда од 6.000 евра поради два текста во кои извор е екс-амбасадорот на Чешка, Игор Илиевски, кој изјави дека трпел притисоци од Мијалков. Парите беа собрани од колегите новинари и на Мијалков и неговиот адвокат му беа исплатени над 9.000 евра, вклучително со судските трошоци. Парите од отштетата Мијалков ги донираше во Домот за деца без родители „11 Октомври“.Директорот на УБК два пати го тужеше и Јани Макрадули од СДСМ, во 2007 и во 2008 година. Тужбите кои беа покренати и пред кривичниот и пред граѓанскиот суд се однесуваа на изјавата на Макрадули дека Мијалков ја злоупотребува опремата за прислушување, како и за случајот „хотелска Окта“.

За првиот случај, Макрадули беше задолжен да му плати на Мијалков 8.500 евра, а директорот на УБК најави дека парите ќе ги даде во хуманитарни цели. За вториот случај пресудата против Макрадули тежеше 1.500 евра.

Љубе Бошкоски голем дел од својата кампања за парламентарните избори во 2011 година ја потпираше на обвинувањата за криминал токму на Мијалков. Веднаш по изборите тој е уапсен, а подоцна и осуден за незаконско примање пари.

Во третата бомба на СДСМ се презентирани разговори за кои СДСМ тврди дека се на Мијалков, Латас и сопственикот на Канал 5, Емил Стојменов, во кои е содржано ликување и инструкции за медиумско покривање и понижување на Бошкоски. Во еден од разговорите се вели дека против Бошкоски се поднесени 4 тужби за клевета од кои се очекува оштета од 80 илјади евра.

Неколку месеци по апсењето, Бошкоски, за кој медиумите информираа дека е во депресија и во тешка психичка состојба, јавно му се извини на Мијалков, по што тој ги повлече тужбите.

И портпаролот на СДСМ Петре Шилегов е на листата тужени од Мијалков, но пресуда сè уште не е донесена. Првиот човек на УБК го тужи Шилегов поради серијата прес-конференции во 2013 година кога портпаролот на опозицијата обвини дека „компанијата во Чешка, Мијалков си ја продал сам на себе“.

За разлика од релативно брзите пресуди во полза на Мијалков, случајот на Ален Зекиров ја илустрира бавноста на правдата кога станува збор за блиски луѓе до шефот на УБК и го зголемува митот за недопирливост и неограничена моќ.

Точно пет години му требаше на судот да го истера докрај судскиот процес Зекиров, кој беше телохранител на Мијалков од 2006 до 2012 година. Тој во јуни 2009 година на булеварот „Партизански одреди“со мотоцикл, на обележан пешачки премин го прегази скопјанецот Симо Серафимовски.

Иако станува збор за сообраќајна несреќа со фатални последици Зекиров беше осуден на казна затвор од 6 месеци. Со реакција тогаш се јави СДСМ, кој пресудата против Зекиров ја оцени како „резултат на двојните аршини на македонското судство, контролирано од само еден центар“.