Регион

Пронајдена нова масовна гробница во БиХ

Нова масовна гробница е откриена на локалитетот Кориќански карпи, каде што во 1992 година беа извршени грозоморни убиства, кога беа стрелани околу 200 цивили од бошњачка и од хрватска националност.

Комеморација за убиените на Коричански карпи. Фото: Анадолија

Мујо Бегиќ, шеф на подрачната канцеларија на Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина во Бихаќ, не информира дека масовната гробница, која беше откриена во средата, содржи, засега, непознат број на посмртни останки, кои можат да се поврзат со убиствата извршени во 1992 година во оваа област.

„Она што веруваме е дека посмртните останки се поврзани со лицата стрелани на Кориќански карпи, во август 1992 година. Во моментов очекуваме наредба од Судот и Обвинителството на БиХ, по што ќе излеземе на терен и ќе почнеме со ексхумација“, вели Бегиќ за БИРН.

Во Обвинителството на БиХ, рекоа дека ќе издадат наредба кога ќе бидат исполнети условите за тоа, но не прецизираа кога ова може да се очекува.

На Кориќански карпи, во август 1992 година, припадници на Интервентниот вод на полицијата од Приедор, стрелаа околу 200 мажи.

Тие прво им наредиле на затворениците да застанат на работ на патот и да се свртат кон провалијата, а потоа пукале во нив од автоматско оружје. Убиените претходно биле симнати од автобуси кои биле дел од конвој, во кој се наоѓале протерани Бошњаци и Хрвати од општината Приедор, која била под контрола на босанските Срби.

За убиствата на Кориќански карпи, досега се осудени 11 поранешни полицајци од Приедор – Дарко Мрѓа беше осуден во Хаг, а останатите пред Судот на БиХ.

На територијата на Западен Балкан, сè уште како исчезнати се водат 12.000 лица, повеќето од нив во Босна и Херцеговина.

Објавено и на Балканска транзициска правда