„Македонската солидарност не е без причина“, тврдат за БИРН високи извори во домашни безбедносни институции, по веста дека македонското „МНР во тесна консултација со сојузниците и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, одлучи да протера еден дипломат на Руската Федерација, заради случајот Скрипал, во согласност со член 9. од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.
„Користењето на воено хемиско оружје е во спротивност со Меѓународното право и тоа влијае на безбедноста на сите земји“, беше потенцирано во соопштението на МНР.
Руската амбасада во Скопје брзо се огласи со реакција.
„Македонската влада донесе одлука да протера руски дипломат. Целосната одговорност за последиците од оваа провокација и исклучително непријателски чин без преседан во руско-македонските односи ќе ја носи македонската страна“, се вели во реакцијата на Руската амбасада на Твитер. На Твитер се огласи и македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, кој покрај солидарноста со сојузниците партнерите, одлуката ја објасни и со „заштита на безбедносните интереси на Македонија“.
Дали ова дообјаснување го дава и поконкретниот одговор за мотивацијата на македонската одлука? Високи извори во македонските безбедносни институции потврдно одговараат на ова прашање.
Станува збор за лице присутно подолго време во Македонија, кое спроведувало разузнавачки дејства насочени кон витални државни институции најмалку во период од една година, и кое се обидувало да организира своја информациска мрежа
„Постојат многу цврсти аргументи и голем број докази за дејствување на рускиот дипломат надвор од неговиот мандат определен во согласност со Виенската конвенција“, велат тие. Иако прилично воздржани во објаснувањето за доказите и идентитетот на дипломатот, сепак, потврдуваат дека станува збор за „лице присутно подолго време во Македонија, кое спроведувало разузнавачки дејства насочени кон витални државни институции најмалку во период од една година, и кое се обидувало да организира своја информациска мрежа“.
Мала база, големи активности
Одлуката за протерување на рускиот дипломат се случува една недела по средбата на рускиот заменик министер за надворешни работи, Александар Грушко, со македонскиот амбасадор во Русија, Гоце Карајанов, од која руското МНР излезе со досега најексплицитниот предупредувачки став во однос на македонската евроатлантска аспирација.
„Руската страна наведе дека плановите да се внесе Република Македонија во НАТО би можеле да имаат негативни последици за регионалната безбедност и за билатералните односи“, соопшти Руското МНР.
До денес нема објаснување кој бил поводот за состанокот кај Грушко, кој од октомври 2012 година беше постојан претставник на Русија токму во НАТО. Од јануари годинава е именуван на истата функција што ја извршувал од септември 2005 до октомври 2012 година – заменик министер за надворешни работи. Но, по пораката од таа средба, во македонската јавност се реактуелизираа прашањата: колку се реални ваквите предупредувања, има ли руското влијание изградено своја база во Македонија и какви се нејзините перформанси?
Од увидот на БИРН во регионални безбедносни анализи на ова прашање, заклучокот е дека „за разлика од Србија, Русија во Македонија има мала база за ефективно влијание, но не и безопасна“. Проценките во овој момент се дека, „ако Македонија постигне договор за решавање на спорот за името и стане извесно нејзиното членство во НАТО, тоа е периодот во кој е можна голема ‘ерупција’ на руските активности против таков развој на настаните“. Притоа се нотираат два различни приода на руската политика кон Македонија: еден до 2008 година, друг потоа.
Локалните играчи треба да наметнат впечаток во јавниот дискурс дека спасот за Македонија е во сојуз со единствениот природен партнер на Македонија – браќата по вера и словенска култура
Тоа го открија и класифицирани документи од македонските тајни служби, до кои лани дојде и ги објави Мрежата за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP) во партнерство со „Нова ТВ“, Српската мрежа за истражување кримнал и корупција „Крик“ и британскиот весник „Гардијан“.
Во тие докумени се вели дека Русија своите разузнавачки активности ги спроведува од амбасадата во Скопје преку три агенти на руската служба за надворешно разузнавање (СВР) и четири агенти на воената разузначка агенција ГРУ, кои биле координирани од центар на СВР во Белград и од центар на ГРУ во Софија.
Во еден од документите се вели дека руските дипломати за кои постојат индиции дека се занимаваат со разузнавачка дејност, во контактите се внимателни и конспиративни – брзо го менуваат местото на закажаните средби, не користат мобилни телефиони, користат лозинки и легенди. Притоа се наведува дека бил регистриран и спречен нивен продор во МНР, во Собранието, а регистриран бил и посебен интерес за кабинетот на претседателот на државата.
Припадници на ГРУ и на ФССБ (Меѓурегионален фонд за промовирање стратегиска безбедност со седиште во Москва – организација формирана 1998 од припадници на поранешни КГБ ) извршиле обид за креирање паралелни безбедносни структури во Македонија од редот на поранешни и актуелни припадници на МВР, МО и АРМ, со цел прибирање информации за акутуелната политичка состојба, и за организирање мрежа од патриотски настроени јатаци.
За разлика од работата на овие служби, се смета дека „домашната логистика е изразена преку низок профил на афилијации“. Односно, оние кои се промовираат или препорачуваат како (про)руски субјекти, не се препознаени во македонската јавност како лица со висок политички и општествен углед, ниту со капацитет за каков било пресврт врз јавното мислење, со кој би го еродирале високиот процент на граѓани определени за членство на земјата во ЕУ и НАТО.
Иронијата е што како такви не се препознаени ниту во Москва, но со проценка дека „во таргетираниот радиус на интерес подобро е да се имаат и ‘корисни анонимуси’ кои барем ќе вреват, отколку да не се прави ништо“. Со тоа употребната вредност им е дименизионирана во согласност со можностите за дневно-политички аларми (прес-конференции, прогласи, протести), ширење лажни и пропагандни вести, подгревање поларизација на меѓуетнички, интраетнички и соседски план, ширење страв за внатрешен распад на државата, гребење по површината на сите т.н. „замрзнати конфликти“ кои Русија ги користи за да влијае во политиките во регинот. Локалните играчи треба да наметнат впечаток во јавниот дискурс дека спасот за Македонија е во сојуз со единствениот природен партнер на Македонија – браќата по вера и словенска култура.
„Милер, ми текна…“
Иако Македонија во ’90-тите години усвои декларција за стратегиска определба кон ЕУ и НАТО, владите на ВМРО-ДПМНЕ во претходната деценија во практика не прикажаа на дело приврзаност кон таквата определба, особено по Самитот на НАТО во Букурешт. Македонското разочарување од неуспехот за зачленување во Алијансата стана плодна почва за вгнездување на други интереси, за кои власта на Груевски почна да обезбедува широка пропусна моќ.
Посуштинскиот заплет започнува од 2010 година, кога за првпат е најавено приклучување на Македонија кон „Јужен тек“ на средба на претседателот Иванов и вицепремиерот Ставрески со директорот на „Газпром“ Алексеј Милер на економскиот форум во Санкт Петерсбург.
Во јуни 2011 година Ставрески се среќава со заменик директорот на „Газпром“ Александар Медведев, а во јуни 2012 година Груевски заминува во повеќедневната посета на Русија. Се среќава со претседателот Путин, пред околу 230 компании ги презентира можностите за инвестирање во Македонија, а на средба со Милер разговара за динамизирање на процесот за приклучување во проектот „Јужен тек“. Во септември 2013 година и првиот човек на „Газпром“ доаѓа во Скопје. Веста е дека Македонија е влезена во развојните планови на компанијата.
Но, Милер тогаш остварува уште една средба за која јавноста никогаш е информирана – одржана во директорскиот кабинет на Управата за безбедност и контраразузнавање. Деталите, кои за јавноста остануваат тајна, се исцртуваат од потезите што следат – влез на руски инвестиции во разни бизниси (рударство) но особено со гасот, зделка по која се креирани три ќерки фирми дадени под контрола на домашни играчи.
Македонското разочарување од неуспехот за зачленување во Алијансата стана плодна почва за вгнездување на други интереси, за кои власта на Груевски почна да обезбедува широка пропусна моќ
Обидот да се создаде монопол и да се завладее целосно во нафтениот и бизнисот со гас, кон крајот на 2015 и почетокот на 2016 година ја отвора и епизодата со руски потпис во обидот за превземање на „Макпетрол“, компанија чија продажна инфраструктура сочинува 60 отсто од пазарот. Во екот на политичката криза, тоа е првиот посериозен чин, со кој тогашната владејачка врхушка се обидува да ја запре извесноста на пржинските процеси кои водат кон нејзино демисионирање.
Целта е преку дозволување на енергетска зависност на земјата од рускиот пазар на нафта, деривати и гас, да се овозможи промена на македонската надворешно-политичката ориентација, за внатрешни интереси на тогашната локална елита, и за политички цели на наворешниот интересент. Таа операција доживува неуспех, бидејќи во тој период јавноста е сензибилизирана за промени, а Владата на Груевски обезмоќена за изведба на такви операции пред нејзиниот пад.
Максим Саморуков, заменик главен уредник на Carnegie.ru при Карнеги центарот во Москва, за Дојче веле ја опишува оваа неуспешна синергија.
„За Кремљ се чинеше дека Груевски со неговото нелиберално однесување и влошувањето на односите со Западот, е добар кандидат за тимот на руските европски сојузници, заедно со Орбан, Земан или Додик. Падот на власта на Груевски ги спречи овие планови“, вели Саморуков.
Пенетрација за дестабилизација
Руските активности се нотирани и во јануарската анализа на Институтот за демократски студии од Софија („Assessing Russia’s Economic Footprint in Macedonia“)
„Руското економско присуство во Македонија е во пораст во текот на изминатата деценија, иако од минимална почетна точка. Приходот на руските компании кои работат во Македонија се зголеми четирипати од 63 милиони евра во 2006 година, на над 212 милиони евра во 2015 година. Сепак, тие сочинуваат нешто повеќе од 1% од вкупниот број приходи во економијата. Голем дел од инвестициите на Русија во Македонија се канализира преку трети земји, вклучувајќи
и преку оф-шор дестинации како Кипар и Белизе“, се вели во анализата.
Во неа особено внимание посветува на обидот на Русија да создаде енергетска зависност на Македонија и тоа преку скапа експанзија на природниот гас од „Газпром“.
Дел од аналитичарите предупредуваат дека Балканот е место на кое Русија верува дека може да работи на дестабилизација на ЕУ по многу ниска политичка цена – без финансиски трошоци и без безбедносни ризици за себе
Иако руското економско присуство во Македонија е помалку изразено од она во другите земји од Западен Балкан, во анализата се нотирани преференции за иден поголем раст на руски проекти во македонскиот енергетски сектор, како и фактот дека во последните две години Русија вешто ја експлоатира политичката нестабилност на Македонија.
Дел од аналитичарите предупредуваат дека Балканот е место на кое Русија верува дека може да работи на дестабилизација на ЕУ по многу ниска политичка цена – без финансиски трошоци и без безбедносни ризици за себе.
„Суштината на руското влијание во регионот нe е во слични културни склоности, во словенската солидарност или влијанието на православната црква, туку во нешто многу поприземно. Корупцијата ги поврзува луѓето, а на Балканот поврзува опасни луѓе. Мнозинството балкански олигарси имаат свои руски врски. Руската надворешна политика би можела да ги користи. Русија на тиe општества нe може да им понуди функционален економски, ниту привлечен политички модел. Уште помалку да ги финансира. Заедничко незадоволство нe е исто што и и заедничка перспектива. Прекинот на изградба на „Јужен тек“ го намали влијанието на Москва“, се вели во еден од коментарите на „Фајненшл тајмс“.
Во руската пропагандна орбита
Едно изгубено влијание Кремљ брзо го компензира со друго. Од крајот на 2014 година ја зајкнува пропагандата со лансирање на информативната агенција „Спутник“ со седиште во Москва, која е дел од руската медиумска група „Русија севодња“. Има регионални претставништва во Вашингтон, Пекинг, Париз, Берлин, Лондон, Белград и други метрополи и се стреми да се натпреварува со Асошиетед прес и Ројтерс.
Вестите на „Спутник“ и на други (про)руски медиуми стационирани со редакции кај северниот сосед, во Македонија редовно се пренесуваат од медиуми блиски и финансирани од претходната власт. Ваквата „доверба“ има и персонална линија: еден од уредниците во Вашингтонската канцеларија на „Спутник“ е 49- годишниот Македонец, Златко Ковач, натурализиран американски државјанин.
Неговото име се спомнува во текстови, исклучиво во контекст на прашањето: како овој, и други уредници кои до вчера раководеле со уредување на онлајн-страници (Trans Regional Web Initiativ) посветени нa напорите на Пентагон против исламскиот екстремизам, иранската субверзија, руската и кинеската агресија и други закани, сега одеднаш работат за пропаганданата машина на Путин?! Ковач во некои изјави ваквиот пресврт го објаснува како „економски оправдан“ (по кратењето средства од Конгресот за американските програми).
Но, ако се анализираат неговите политички ставови што ги објавува на социјалните мрежи, се добива впечаток дека неговиот ангажман во „Спутник“ е и идеолошки оправдан. А за стандардите врз кои се темели работењето на „Спутник“ покрај самите вести, говорат и оние кои работеле во оваа агенција. Една таква новинарска исповед под наслов „Мојот живот во руската мрежа за пропаганда“, е објавена и во магазинот „Политико“.
Диструбутерите и контрибутори на руското влијание во регионот во голем број слуачи имаат имаат српски адреси“, тврдат безбедносни експерти за БИРН
„Диструбутерите и контрибутори на руското влијание во регионот во голем број случаи имаат имаат српски адреси“, тврдат безбедносни експерти за БИРН.
„По потреба и според моментот се анимираат замрзнатите конфликти. Македонија преку Договорот со Бугарија и обидот за решавање на црковниот проблем, самата изби два адута кои досега се злоупотребуваа за поттикнување тензии. На засегнатите им останува ‘игра’ со спорот за името, големоалбанското прашање и НАТО. За таа цел ги користат локалните играчи во Македонија“.
Воено неутрални со Русија?
Заплашување од „бруталната албанизација“ на Македонија деновиве упати Јанко Бачев, лидер на „Единствена Македонија“ партија што најави дека „ќе се залага за радикален пресврт во македонската политика со повлекувањето на актите за прием на Македонија во НАТО и ЕУ, барање за членство на Македонија во Евроазиската економска унија и стратегиско партнерство со Русија“.
Таков обид веќе направи пратеникот во македонскиот парламент, Иван Стоиљковиќ, лидер на Демократската партија на Србите во Македонија (ДПСМ), кој во јуни 2016 година во Москва ја потпиша Декларацијата за соработка со путиновата „Единствена Русија“, која се залага за формирање воено неутрална територија на Балканот.
И додека во безбедносната сфера е изградена јасна слика за центрите и експозитурите на влијание, она врз што засега не постои поголема безбедносна контрола е еден „невидлив ешалон“ во Македонија кој на Кремљ му користи за потребите на т.н. хибридни војни
Владата на Груевски не се јави со ниту една реакција на ваквиот потег, имајќи предвид дека ДПСМ беше и е дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, чиј декларативен приоритет е интеграција во НАТО. Стоиљковиќ беше гостин на Москва и лани во јули со лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски и со Борис Дамовски од иницијативата „За заедничка Македонија“, кога се сретнаа со Сергеј Железњак, заменик-секретар на Генералниот совет на „Единствена Русија“, кој тогаш изјави: „Гледаме со длабока загриженост како под директен притисок однадвор се направени груби обиди за мешање во внатрешните работи на суверена Македонија, промени во националниот идентитет, името на државата, Уставот, системот на државата и националните симболи. Сево ова е направено со цел да се трансформира Македонија во протекторат на НАТО против волјата на поголемиот дел од нејзините граѓани. Таквите активности не само што ја дестабилизираат политичката ситуација во Македонија, туку имаат и негативно влијание врз безбедноста и стабилноста на целиот балкански регион“.
Гостите на Железњак истите ставови ги промовираат и во Македонија, спакувани како наводни автентични ставови за надворешните приоритети на земјата, особено пред и по настаните кои кулминираа на 27-ми април, а не го донесоа очекуваниот пресврт.
Таквиот обид беше искомпромиран со насилство, а подоцна и со информации дека Горан Живаљевиќ, претставник на српската Безбедносно-информативната агенција (БИА), во критичниот ден упаднал со демонстрантите во зградата на македонското Собрание.
Иако на настаните им се припишуваше афектна реакција на „народот“, „случајот Живаљевиќ“ и епизодата со повлекувањето на дипломатскиот персонал од амбасадата во Скопје, покажаа дека се преминати некои црвени линии од другата страна на границата. Но, која? Во безбедносна оценка на оваа тема стои луцидна назнака: „ Живаљевиќ со „ч“ (Живалевич)“.
И додека во безбедносната сфера е изградена јасна слика за центрите и експозитурите на влијание, она врз што засега не постои поголема безбедносна контрола е еден „невидлив ешалон“ во Македонија кој на Кремљ му користи за потребите на т.н. хибридни војни.
Станува збор за млади македонски ИТ- кадри, хакери и фејк њуз стратези, влезени во мрежата на различни начини – најмногу „православно- патриотски“ мобилизирани, а незначителен дел преку студиски стипендии во земјава, но и престои во Руската Федарација, запознавање со нејзините научни и технолошки можности.
Иако се друго се спроведува под бенигната назнака „културна соработка“, влијанието се шири преку разни прокси организации, дел од т.н. патриотски здруженија, преку неколку новинари и еден портал во „специфични врски со руската амбасада во Скопје“, преку руско спонзорирање на изградба на цркви, а во еден дел и преку Рускиот културен центар, почесните конзулати и околу 30 македонско-руски здруженија за пријателство сега организирани во Сојуз заради подобра координација.