Грчкото Министерство за миграции и азил објави дека во 2022 година издало 2.767 златни визи, што е значителен раст во однос на 2021, кога одобрило 1.525 такви визи.
Во последните месеци од 2022, пак, е забележан рекорден број на нови апликации, кој пораснал од 337 во септември на 1.116 во декември.
Грција ја воведе програмата за златни визи во 2014. Со неа, државјани на трети земји што ќе купат недвижности во вредност од најмалку 250.000 евра добиваат петгодишна дозвола за престој, со право да ја обноват по истекот.
Дозволата за престој им се одобрува и на државјани од трети земји што ќе инвестираат во нешто што ќе направи позитивен ефект врз економијата и развојот на државата. Исто така, тие може да добијат право да престојуваат во Грција ако вложат неутврден износ во специфични форми на хартии од вредност или ако депонираат најмалку 400.000 евра во банка, како физички лица или преку свои компании.
Според податоците од министерството, од 2014 до 2022 година, 62,8 проценти од овие дозволи за престој биле дадени на кинески државјани, вкупно 6.159.
По нив следуваат турските државјани со 631 дозвола или 6,4 проценти, либанските со 4,5 проценти и египетските со 2,9. Околу 200 дозволи им биле издадени и на британски државјани.
Грчкиот весник „Катимерини“ објави дека причината за сегашниот наплив на инвеститори е тоа што минималниот инвестициски лимит ќе се зголеми од 250.000 на 500.000 евра од 1 мај.
Етерон, грчка тинк-тенк организација, извести дека оваа шема има негативни ефекти врз цената на недвижностите.
„Утврдено дека овие инвестиции имаат штетно влијание врз цените за домување, и тоа не може да се надмине со подигнувањето на прагот за инвестирање без воведување дополнителни критериуми“, рекоа оттаму.
Како што објави БИРН, цените на становите стануваат сериозен проблем во Грција, а кириите достигнуваат рекорди. Многу Грци имаат проблем да врзат крај со крај, па прибегнуваат кон нови решенија, како додавање цимери во станот или враќање во домовите на своите родители.
На 17 февруари, Португалија објави дека ќе ја укине својата програма за златни визи и ќе го забрани издавањето нови лиценци за додавање имоти на апликацијата Ер-бнб и на други шеми за изнајмување за краток престој. Оваа земја, исто така, има криза со домувањето.
Во 2022 година, Европската комисија ги повика владите на земјите-членки да престанат да им продаваат државјанства на инвеститори. Сепак, златните визи се различни, бидејќи обезбедуваат трајна дозвола за престој, а не државјанство.