Регион

Турција ги замолчува критичарите на справувањето со катастрофата

Новинари биле спречувани да ги фотографираат урнатините

Новинарите што се обидуваат да известуваат за земјотресот во Турција се соочуваат со забрани, приведувања и истраги откако владата отвори војна со наводни „дезинформации“, додека бројот на жртви и натаму расте.

Волкан Пекал, дописникот од Адана за весникот Евренсел, е еден од репортерите што биле притворени од полицијата бидејќи ги фотографирал местата погодени од земјотресот околу Адана „без дозвола“. Од Евренсел рекле дека на Пекал му било забрането да продолжи да фотографира врз основа на „усните упатства“ од локалниот гувернер.

„Има бројни известувања дека новинари во Дијарбакир биле спречени да известуваат за паднатите згради врз основа на наредба од Претседателството за управување со несреќи и итни ситуации – АФАД“, велат од Асоцијацијата за медиумски и правни студии, МЛСА.

Бројот на загинатите и повредени постојано расте, откако во понеделникот два големи земјотреса од 7,9 и 7,7 степени според Рихтеровата скала ја погодија јужна и југоисточна Турција.

Во меѓувреме, обвинителите во Истанбул отвориле истрага против новинарите-ветерани Мердан Јанардаг и Енвер Ајсевер поради нивните тврдења дека владината реакција на катастрофата не била ефикасна.

Од канцеларијата на обвинителството соопштија дека истрагата против нив била поради „отворено поттикнување на луѓето на омраза и непријателство“.

Од полицијата рекоа дека на социјалните мрежи идентификувале 90 луѓе за ширење лажни вести и дезинформации во врска со земјотресот, а од нив четворица биле приведени.

Еден од нив е Озгун Емре Коч, политички коментатор од платформата за академски вести Дактило 1984. Коч бил задржан во полиција во вторникот поради неговите критички твитови за тоа како владата се справува со земјотресот.

„Повикувањето на нашиот колега, политикологот Озгун Емре Коч, е јасно кршење на академските слободи и на слободата на изразување. Тоа е закана за општеството“, соопштија од Дактило 1984.

Владиниот одговор на катастрофата беше критикуван и од многубројни преживеани, експерти и новинари, кои велат дека властите не успеале да достават помош во повеќе погодени подрачја и дека не ги користеле вооружените сили ефикасно, иако имаат војнички персонал од 120.000 луѓе во областа.

Според медиумските извештаи, многу од урнатите згради биле оставени без помош, а луѓето без вода, струја и храна.

Владата, пак, на ова одговара со обиди да ги замолчи критичарите. Директоратот за комуникации на турското претседателство промовираше апликација на која луѓето ќе може да пријавуваат лажни вести и дезинформации.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган, во вторникот најави тримесечна вонредна состојба и се очекува да ги посети погодените градови.

Хамди Фират Бујук