Регион

Руски „ковид-туристи“ навалија по вакцини во Хрватска

Русите избираат меѓу четири типа вакцини во Хрватска | Фото: Министерство за здравство на Хрватска

Руси патуваат во Хрватска за да примат вакцини одобрени од Европската Унија бидејќи во својата земја можат да примат само Спутник, која не е признаена од ЕУ и од други земји.

Вакцините во Хрватска се бесплатни и руските туристи може да изберат меѓу четири типа – Фајзер, Модерна, Астра Зенека, како и Џонсон и Џонсон, од која се прима само една доза, па не мора да се враќаат за ревакцина. Токму Џонсон и Џонсон била најчестиот избор на Русите.

По вакцинирањето, овие „ковид-туристи“, како што ги нарекуваат, добиваат сертификати со кои можат да патуваат во Европа и во многу други земји.

Руската туристичка агенција Руски експрес ги воведе вакциналните тури до Хрватска овој септември, а побарувачката постојано расте.

На интернет-страницата на агенцијата, овие тури се рекламираат како атрактивна понуда. Стандардниот пакет вклучува патување до Пула или до Загреб, трансфер од аеродромот, хотелско сместување, здравствено осигурување, а може да вклучува и транспорт до вакцинален пункт.

Цената по лице изнесува 440 евра. Агенцијата препорачува четиридневен аранжман, за да се види дали ќе има реакции од вакцината, или ако нема, за посетителите да можат да уживаат во туристичката понуда на Хрватска, јавува агенцијата ХИНА.

Побарувачката расте толку многу што, како што јави весникот „Вечерњи лист“, летовите од Русија до Загреб се целосно резервирани. До крајот на ноември, четири руски авиокомпании ќе вршат шест летови неделно до Загреб.

Зоран Чарапиќ, сопственикот на туристичката агенција „Атлантис травел“, за БИРН изјави дека побарувачката расте. „Никогаш не беше како сега. Порано имавме еден лет неделно, од Аерофлот, со 100 седишта“, рече тој, додавајќи дека Русите доаѓаат во Хрватска за да добијат кју-ар код, со кој ќе може да патуваат во ЕУ и во други земји. „Најчесто остануваат четири дена и три ноќи“, додаде Чарапиќ.

Една руска „ковид-туристка“ за Н1 изјавила дека главната причина поради која ја примила вакцината е за да може да патува во ЕУ. Многу туристи, исто така, ја користат можноста да ја посетат Хрватска и да уживаат во нејзините убавини.

„Јутарњи лист“ јавува дека еден ден дошле толку многу руски туристи да се вакцинираат, што персоналот на вакциналниот пункт Кајзерица морал да бара Хрвати низ нив, затоа што тие имаат приоритет за вакцинирање пред странските посетители.

„Додека доаѓав на работа денес, имаше голема редица од Руси. Дошле уште пред да отвори вакциналниот пункт“, изјавила менаџерката на вакциналниот пункт Кајзерица, Кристина Томашиќ за „Јутарњи лист“.

Според Хрватското биро за статистика, вкупно 1.279 Руси живеат во Хрватска.

Пред да одат во Хрватска, Русите патуваа во Србија по вакцини. Но, можноста да добиваат ковид-сертификати, достапноста на вакцината Џонсон и Џонсон со една доза, како и достапноста на летовите, ја ставија и Хрватска на туристичката мапа, иако на Русите им треба виза за да влезат во земјата.

Матеа Гргуриновиќ