Анализи

Савовски и Андоновски: Професионалци или параван за „враќање на отпишаните“?

Богатото искуството на двајцата нови директори во МВР, е главна причина што нивното именување наиде на голем консензус меѓу безбедносни експерти и од власта и од опозицијата. Такво нешто досега не се случило, а најмалку кога е во прашање кадровската политика во МВР. Но, не изостануваат и сомнежите, дека зад избраните професионалци од сенка ќе раководат старите кадри.

„Добри предлози дал министерот Митко Чавков!“ Ова е најчестата оценка што може да се слушне во стручни безбедносни кругови на власта, но и на опозицијата, по изборот на двајцата нови директори, кои Владата завчеравечер ги именуваше на двете клучни позиции во МВР – Бирото за јавна безбедност и Управата за безбедност и контраразузнавање.

Во тие директорски фотелји од завчера се Горанче Савовски, досегашен началник на Централните полициски служби и Љупчо Андоновски, досегашен началник на Одделот за безбедност и контраразузнавање – Скопје. Савовски и Андоновски не се познати за пошироката јавност.

Но, зад нивната, условно речено, анонимност, стои богата професионална биографија и искуство во МВР. Можеби оттаму потекнува и овој неформален консензус за двете кадровски решенија, каков што досега не се случил кога е во прашање кадровската политика во МВР.

Ни скандали, ни грешки

Ќе може ли да излезе Љупчо Андоновски од сенката на претходникот и од петната на УБК / Фото: МВР

Ќе може ли да излезе Љупчо Андоновски од сенката на претходникот и од петната на УБК / Фото: МВР

Дипломираниот криминалист на Факултет за безбедност на УКИМ, Горанче Савовски (07.01.1973), за првпат се вработува во МВР во 1999 година. Оттогаш до денес таму ги поминал сите скалила за напредување во кариерата.

Почнал како помлад инспектор по крвни деликти во СВР Скопје, продолжил како самостоен инспектор во Одделението за внатрешни работи во Гази Баба – отсек за оперативни работи, па самостоен инспектор во СВР Скопје во одделение за општ криминал, за потоа да стане и Главен инспектор, раководител во истиот сектор.

По инспекторската следува неговата „началничка фаза“ во Одделението за општ криминал во СВР Скопје, а потоа и во Единицатата за криминалистички работи, по што неговите обврски продолжуваат во „централата“. Од помошник началник на Службата за криминалистички истраги во СВР Скопје, станува началник на Центарот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во Централните полициски служби на Бирото за јавна безбедност во МВР.

Паралелно со професионалните обврски, во 2011 година на Европскиот универзитет ја одбранил магистерската теза „Улогата на полицијата во обезбедувањето на докази во преткривичната постапка за кривичните дела против животот и телото, со посебен осврт на кривично дело убиство во Република Македонија“ и се стекнува со звањето магистер на правни науки.

Последниве години Савовски ги помина на функцијата началник на Централните полициски служби. Тие се основани во рамките на Бирото за јавна безбедност заради ефективно и економично извршување на одредени специфични и сложени полициски работи за кои е потребен висок степен на специјализација и важат како еден вид „чадор“ за успешно координирање на сите служби.

Неговите колеги велат дека досега успешно го држел „чадорот“. За името на Савовски не се врзани никакви професионални скандали, пикантерии, грешки. И негови сегашни и поранешни колеги го опишуваат како „професионалец, смирен, стабилен и исклучително коректен“.

Секако, не изостануваат забелешките дека тој и неговиот новоизбран колега неформално инклинираат кон десницата, но сето ова го толкуваат на „ниво на личен впечаток“. Двајцата, барем јавно никогаш не експонирале партиска наклонетост, ниту дозволиле да се одрази врз насоките за работа во службата.

Но, дали е навистина е се толку идеално? Токму на првиот ден од новата функција, опозицискиот СДСМ на Савовски му приреди „огнено крштевање“ преку 34-тата „бомба“. Еден од презентираните разговори, наводно меѓу Гордана Јанкулоска и Горанчо Савовски, открива негов слаб имунитет на министерската интервенција „за санирање на работата“ со партиски донатор, кај кого во инспекциска акција се пронајдени 5,5 тони црвена нафта.

„Во тек сум министерке со тоа и интервенирав веќе….недоразбирање е зашто стварно човекот од таа фирма ни помогна… Ќе го решиме, ќе го решиме…“, ветува наводно Савовски.

Ваквите „епизоди“ под сомнеж го ставаат прашањето на професионалниот интегритет, но ја отвораат и дилемата дали токму изборот на „професионалец“ на раководна функција навистина бил автентична потреба на МВР или само одлично алиби за континуитет на старите практики, кои досега беа демаскирани и со други аудио-снимки што ги објави опозицијата. Одговорот ќе го даде Савовоски преку начинот на кој ќе ја извршува функцијата.

Посветен професионалец

Ќе може ли да излезе Љупчо Андоновски од сенката на претходникот и од петната на УБК / Фото: МВР

Ќе може ли да излезе Љупчо Андоновски од сенката на претходникот и од петната на УБК / Фото: МВР

Високи професионални оценки доби и Љупчо Андоновски, кој завчера седна на едно од најжешките столчиња во МВР, а кое доживеа најголема компромитација од шрапнелите на опозициските „бомби“. Против неговиот претходник, Сашо Мијалков, и началникот на Петтата управа, Горан Груевски, опозицискиот СДСМ поднесе кривична пријава за незаконско прислушување на над 20.000 лица, која подоцна ја проширија и за неовластено прислушување на највисоките лидери на опозицијата и за злоупотреба на прислушувањата за политички цели.

Ќе може ли да излезе Андоновски од сенката на претходникот и од петната на УБК? Негови колеги се уверени во тоа, имајќи ги предвид неговите професионални вештини и долгогодишното искуство. Други, пак, се сомневаат дека и овој професионалец и е потребен на УБК само како параван за главните „играчи“ – претходникот од сенка и началникот на Петтата управа.

„Андоновски е одличен професионалец. Но, работата на УБК денес е практично сведена на Петтата управа. Оперативата е многу падната, другите сектори исто така. Ако ги немаат слушалките на уши, ниту ќе видат, ниту ќе знаат што се случува. Логично беше Андоновски да биде именуван на директорската позиција поради долгогодишното искуство, но мислам дека сепак некој друг ќе ги влече конците таму“, вели поранешен службеник на УБК.

Андоновски (50) со дипломата на криминалист од Факултатот за безбедност на УКИМ, се вработува во МВР уште во далечната 1987 година во скопскиот оддел на УБК и таму ги поминува сите скалила во хиерархијата – од „обичен“ инспектор, самостен, главен инспектор до началник. Скопскиот оддел на УБК го сметаат за тежок сектор и своевидна „УБК во мало“, бидејќи третира голем спектар на проблематика – тероризам, контраразузнавање, организиран криминал.

Условно речено, Андоновски единствената „пауза“ од тој сектор ја направил само во мандатот на министерот Томислав Чокревски, кога три години работел во Секторот за внатрешна контрола на МВР.

Како што сведочат неговите колеги, природниот пат на напредување во професијата му бил прекинат единствено кога Зоран Верушевски доаѓа на чело на УБК. Во тој период Андоновски бил прераспределен на работа во Тетово како главен инспектор, но по 5-6 месеци повторно бил повикан во Скопје. За едно скалило е унапреден по заминувањето на Верушевски, во мандатот на Миле Зечевиќ.

Од 2006 година Андоновски е началник на скопскиот оддел на УБК. Паралелно со службените обврски, тој поминал богата стручна едукација во Германија, Британија, Израел и САД, а во 2011 година магистрирал на ФОН на темата „Видови на меѓународна соработка на разузнавачките служби во превентива и намалување на ризиците од одредени форми на тероризам“.

Нема искуство во комуникацијата со медиумите, веројатно поради природата на неговата работа која подразбира што помала експонираност. Сепак, за БИРН ги сподели впечатоците од првиот работен ден на новата функција.

„Ова е тешка и одговорна работа. Ќе работам како што знам, како што досега сум работел и знам дека ќе имам помош од сите мои колеги со кои досега сум го поминал работниот век,“ вели Андоновски.

Неговото име досега не се појави во опозициските „бомби“. Но, една од „бомбите“ закачи член на неговото пошроко семејство, на кого Јанкулоска во разговор наводно му предлага во кадровски „суфицит“ да бидат ставени сите вработени што го тужат МВР.

Од интегритетот на Андоновски најмногу ќе зависи дистанцата од ваквите практики, но и дали ќе успее да стави личен печат во работата на службата и да ги симне хипотеките од неа. Едни веруваат во тоа, други се сомневаат.

„Ако никој нема храброст од сајтот на МВР да ја тргне сликата и биографијата на Сашо Мијалков, кои до денес (28.05. н.з.) се уште стојат во графата ‘директор на УБК’, и тоа повеќе од две недели по неговата оставка, а трет ден по изборот на новиот директор, тогаш за што разговараме? Да, Андоновски е професионалец, но нема да биде тоа ако некој од сенка му диктира потези или му ги врзува рацете“, вели поранешен колега на новиот директор на УБК.

Не сакам опозиционери да ги фалат!

Времето и предизвиците што стојат пред МВР, ќе покажат дали со овие две именувања Министерството за внатрешни работи отвора нова страница во кадровска политика на инстутуцијата, давајќи им предност на искусните кадри, чија лична политичка инклинација, каква и да е, и без разлика дали ја имаат или ја немаат, била и останува неекспонирана и во сенка на професионалноста.

„Ќе излажам и ќе направам грев, ако кажам дека Савовски или Андоновски не се добри. И двајцата се одлични професионалци“, вели нивни поранешен колега, кој е надвор од професијата, а е активен во опозицискиот блок. Во владејачката партија, пак, не се многу среќни на укажувањата дека пофалби за кадровскиот избор во МВР доаѓаат и од експерти на политичкиот опонент.

„Не ми се допаѓа кога ги фали некој од опозицијата. Тоа ме загрижува“, вели функционер од власта. Сѐ уште е доминантен стравот дека таквите пофалби значат оти некој не е доволно „нивни“.

Тој менталитет ќе треба што поскоро да биде надминат, бидејќи никому не му се потребни кадри што ќе бидат „своина“ на власта или на опозицијата туку на институциите кои работат за потребите и интересите на сите граѓани.

Ако од некаде мора да се почне во јакнењето и промовирањето на професионалните капацитети, а паралелно со тоа и департизацијата на институцијата од партиско-родниски именувања, веќе е извесно дека министерот Чавков го направи првиот чекор. Јавноста очекува тој потег да не биде ниту лажен, ниту последен.