Актуелно

Се гласа за петтиот претседател на шестите директни избори

 

Утрово од 7 па сè до 19 часот отворени се гласачките места ширум републиката и таму граѓаните ќе може да гласаат за нов претседател, бидејќи актуелниот Ѓорге Иванов нема право на уште еден, трет мандат.

Ова е седми избор на претседател по осамостојувањето, а шести на непосредни избори зашто првиот претседател Киро Глигоров во 1991 година го избраа пратениците во Собранието.

На претседателските избори, целата земја е една изборна единица, а гласачите може да го искористат своето право во локалното избирачко место, а такви има вкупно 3.480 низ државава.

Денешните претседателски избори се први по оние во 2004 година што се одржуваат без притоа да се гласа и за нешто друго

Теоретски, за еден кандидат да биде избран за претседател уште во првиот круг ќе треба да добие најмалку 904.066 гласови, меѓутоа ова сценарио е малку веројатно, со оглед дека има тројца кандидати зад кои стојат поголеми партиски коалиции.

Она што е посигурно е дека петтиот претседател би требало да го добиеме дури по вториот круг на 5 мај 2019. Сепак, има уште еден услов за изборот на претседател да биде легитимен, а тоа е по две недели на гласачките места да излезат најмалку 723.253 граѓани. Оваа бројка е 40 проценти од 1.808.131 полнолетен жител со право на глас, односно таа го претставува цензусот за избор на шеф на државава.

Денешните претседателски избори се први по оние во 2004 година што се одржуваат без притоа да се гласа и за нешто друго. Во 2009 година, граѓаните, покрај претседател, избираа градоначалници и општински советници, додека во 2014 избираа и пратеници.

Од 2011 навака, можност да гласаат имаат и македонските државјани во дијаспората, а за овие избори во 32-те дипломатски претставништва се пријавиле вкупно 1.781 гласач. Тие гласаа вчера.

Според информациите на Државната изборна комисија (ДИК), процентуално најмногу од пријавените излегле да гласаат во Берлин и во Букурешт, додека најмалку во Копенхаген и во Абу Даби.

Ден пред сите гласаат тие што претходно се пријавиле како болните и немоќни, војниците и затворениците.

Во 13 затвори кај нас има 1.640 лица со право на глас, од кои најмногу се наоѓаат во Казнено-поправниот дом „Идризово“. Како што соопшти ДИК, гласањето во затворите поминало без поголеми проблеми и излезноста била повеќе од педесет проценти.

Како болни и немоќни се пријавиле 3.539 лица и плус 12 што се во домашен притвор и тие имаа право да гласат во текот на вчерашниот ден. Вчера, за првпат гласале и штитениците на два старски дома. Од 71 гласач таму, своето право го искористиле дури 70.

Повеќе од 3.000 домашни и околу 400 странски набљудувачи ги следат изборите овој викенд, а акредитирани се и 30 странски новинари.

Граѓаните, доколку имаат потреба да постават прашање во врска со изборите, тоа може да го направат на бесплатниот телефонски број во ДИК – 0800 444 555 или, пак, да пријават неправнилност во набљудувачката мисија на невладината МОСТ на 080 080 080

Заедно со шестите претседателски избори, денеска се одржуваат и предвремените локални избори за градоначалник на Охрид, Ново Село и Дебар.

Охрид и Дебар немаат градоначалник бидејќи нивните први луѓе Јован Стојаноски и Ружди Љата починаа во првата година од својот мандат, додека градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, даде неотповиклива оставка откако беше осуден за обид за шверц на цигари.

Граѓаните, доколку имаат потреба да постават прашање во врска со изборите, тоа може да го направат на бесплатниот телефонски број во ДИК – 0800 444 555 или, пак, да пријават неправнилност во набљудувачката мисија на невладината МОСТ на 080 080 080.

ДИК за овие избори воведува и новина, па така, граѓаните со оштетен слух ќе може да пријават неправилности преку видеоповик на телефонскиот број 076/488-360.