Регион

Семејствата на осудените босански Срби бараат ревизија на пресудите

Семејствата на Србите осудени за воени злосторства пред Судот на БиХ, изјавија дека е неопходно, експерти од босанскиот ентитет, Република Српска, РС, да извршат ревизија на пресудите, кои се, како што нагласија, пристрасни.

Горан Обрадовиќ, Бања Лука

Семејствата на осудените Срби, во вторникот испратија отворено писмо, со кое побараа од Народното собрание на Република Српска (НСРС) да преземе чекори, за да се изврши ревизија на предметите, во кои членовите на нивните семејства се осудени.

Од НСРС се бара да го запре „правното насилство во предметите на воени злосторства, кое води кон стигматизација на српскиот народ“.

Семејствата на осудените Срби сметаат дека е неопходно, на ентитетските судови да им се овозможи да ги преземат сите случаи на воени злосторства, кои се пред Судот на БиХ, со што, сметаат тие, би се постигнала многу поголема објективност и заштита на правата.

„Има бројни докази кои ги доставувавме и до јавноста, и до Судот на БиХ, дека се изнудувани изкази во одредени случаи, кои директно влијаеле на донесувањето на пресудите, дека вештачењата се местени, а сведоштвата лажни. Ниту Судот сакаше ова да го уважи, ниту пак јавноста реагираше на тоа“, се вели во писмото.

Тие наведуваат дека пресудата која што му беше изречена овој месец на Насер Ориќ, поранешен командант на босанската армија во Сребреница, со која тој беше ослободен од обвинението за убиство на тројца српски воени затвореници во 1992 година, покажала дека постојат предрасуди кон Србите.

„Во контекст на срамната пресуда на Судот на БиХ која му беше изречена на Насер Ориќ, бараме од вас, претставниците на народот на Република Српска, остро да реагирате за да се стави крај на стигматизацијата и прогонот на српското население, и да се заложите за почитување на словото на законот“, се вели во писмото.

Политичките лидери на Србија и на РС, исто така, остро го критикуваа ослободувањето на Ориќ.

Претседателот на РС, Милорад Додик, се закани со оживување на идејата за одржување на референдум, на кој ќе бидат оспорени надлежностите на Судот и на Обвинителството на БиХ.

Тој изјави дека судот бил пристрасен, бидејќи судијата што го водел предметот бил Бошњак..

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, изјави дека ослободителната пресуда е доказ дека животот на српските цивили не е “вреден колку и животот на другите”.

Од друга страна, претседателот на Судот на Босна и Херцеговина, Ранко Дебевец, негираше дека оваа институција е пристрасна.

„Судот на БиХ работи професионално, во согласност со доказите дадени од обвинителството, а не врз основа на политички и медиумски шпекулации и притисок”, рече тој.