Актуелно

Што им кажа Богоески на Американците

Врз основа на документот кој од неодамна е јавно достапен за случајот поткуп околу „Маѓар телеком“, кој се води пред судот во Њујорк, БИРН направи реконструкција на сведочењето на поранешниот разузнавач Слободан Богоески и пријател на грчкиот бизнисмен Димитрис Контоминас.

Поткупот во „Македонски телекомот“ повторно актуелен / ФОТО: БИРН

Поткупот во „Македонски телекомот“ повторно актуелен / ФОТО: БИРН

Поранешниот директор на Службата за јавна безбедност, Слободан Богоески, во својство на сведок на 28 декември 2014 дава изјава пред претставникот на Американската комисија за хартии од вредност, која го води спорот против „Маѓар телеком“ во САД. Во изјавата, тој го опишува поткупот на македонските функционери.

По објавувањето на документот, Богоески избира да молчи и да не го коментира сопствениот исказ, кој предизвика бура во јавноста, деманти на посочените функционери, но и молк на Обвинителството и на надлежните институции.

Врз основа на документот кој од неодамна е јавно достапен на интернет, БИРН направи реконструкција на сведочењето на Богоески за тоа како се одвивала операцијата „Поткуп во Маѓар телеком“.

Средина на декември 2004 година (телефонски разговор Атина – Скопје)

Димитрис Контоминас го ангажира Слободан Богоески итно да го поврзе со висок владин функционер од СДСМ и со членови на раководството на ДУИ. Контактите почнуваат преку луѓето на Контоминас – Никос Ставридис и Михалис Кефалојанис.

Меѓу 23 и 25 декември 2004 година (Скопје и Тетово)

Текот на парите

„Македонски Телеком“ ѝ плаќа на скопската „Нетфон“ (Контоминас) за лажни консултантски договори, а таа ги префрла парите на кипарската „Чапекс“ (Контоминас).

Од Кипар парите ги земаат внуците на Контоминас, синовите на неговите браќа, и ги носат во неговата вила во Атина. Таму ги бројат, ги земаат телохранителите на Контоминас придружени од советникот во Македонската влада и ги носат преку граница, на меѓуграничниот премин „Богородица“.

Парите ги предаваат на тимот на високиот владин функционер од СДСМ, составен од неговите возач и телохранител.

Тимот на високиот владини функционер од СДСМ од граница веднаш парите ги носи во Владата, а потоа во Тетово, во куќата на идеологот на ДУИ.

Ставридис и Кефалојанис се сретнуваат со високиот владин функционер од СДСМ и со неговиот заменик од редовите на ДУИ. Во Тетово се среќаваат со висок претставник на ДУИ и со идеологот на партијата, поранешен гастaрбајтер.

По првиот состанок сѐ изгледа легитимно. Се разговарало да се надминат проблемите со плаќањето на таксите за фреквенција и со доцнењето на дивидендата. Двоецот на Контоминас ветува дека ќе се врати по Нова Година со решение за проблемите и со идеја за ширење на бизнисот со мобилна телефонија во Косово.

Околу 15 јануари 2005 година (Скопје)

Ставридис и Кефалојанис носат Меморандум за соработка кој е речиси идентичен со Протоколот за соработка кој подоцна го потпишале инволвираните. Двоецот усно му кажува на високиот владин функционер од СДСМ дека меморандумот ќе им донесе профит на сите, но Владата за возрат треба да:

– го одложи спроведувањето на Законот за телекомуникации со што би се задржала монополската позиција на „Македонски Телеком“;

– наместо целиот пакет акции што го поседува државата во „Македонски Телеком“, да продаде само 9,9 проценти. Така „Маѓар Телеком“ ќе помине поевтино, а сепак ќе го има управувачкиот пакет.

Околу 30 јануари 2005 година (Скопје)

Тимот на Контоминас ја носи втората верзија на Меморандумот за соработка и се сретнува со високиот владин функционер од СДСМ, неговиот заменик од редовите на ДУИ и со еден владин советник. Ставридис и Кефалојанис бараат Богоески да ги поврзе со Екрем Љука од Косово, сопственикот на „Мобикос“.

Почеток на март 2005 година (Пеќ, Косово)

Богоески договара средба.

Како биле поделени парите и како се плаќале

Директорите на „Маѓар телеком“ калкулирале со сума од 10 милиони евра, додека она што е платено во Македонија изнесува 7,5 милиони. Богоески смета дека останатите 2,5 ги задржал Контоминас. Од овие 7,5 милиони евра, 2,5 оделе за високиот владин функционер од СДСМ, додека 5 биле наменети за „пријателите од Тетово“.

Динамиката на плаќање:

– 2,5 милиони на денот на потпишување на Протоколот за соработка (27 мај 2005),

– 2,5 милиони до 30 декември 2005

– 2,5 до 30 јуни 2006

Ставридис и Кефалојанис пак се во Скопје и со Богоески одат за Пеќ, на Косово, каде што живее Екрем Љука.

На Љука му предлагаат „Мобикос“ да биде виртуелен оператор на мрежата на „Мобимак“, му ја земаат лиценцата за да направат заедничка компанија, но дилот не се реализира.

Контоминас и неговите соработници никогаш не му ја ни вратиле оригиналната лиценца на Љука.

Нон-пејперот е сржта на скандалот / ФОТО: БИРН

Нон-пејперот е сржта на скандалот / ФОТО: БИРН

Мај 2005 година

Се потпишува Нон-пејпер кој е „скриена слика“ на Протоколот за соработка. Овој „документ“ ја регулира поделбата на парите на сите страни вклучени во договорот. Контоминас имал практика да потпишува нон-пејпери за „неофицијална лична употреба“, а со овој нон-пејпер го држел под уцена високиот владин функционер од СДСМ во случај да го прекрши договорот. Нон-пејперот бил предуслов да се случи Протоколот за соработка.

27 мај 2005 година (Скопје)

Аналитико

„Аналитико АИ“ се договора со „Македонски Телеком“ да продаваат услуги на „Мобимак“ и за тоа да добие 100.000 евра, без да знае високиот владин функционер од СДСМ.

Парите ги зема личност тогаш вработена во „Аналитико АИ“, а подоцна член на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Парите на „Аналитико АИ“ биле предадени по наредба на тогашниот владин советник Тео Вајгел и на неговиот адвокат.

Се потпишува Протоколот за соработка, веднаш по состанокот во Владата каде што биле присутни Димитрис Контоминас и Михалис Кефалојанис, а потоа има мала церемонија во владините простории.

27 мај 2005 година

Првата рата се плаќа пред потпишувањето на Протоколот за соработка.

30 декември 2005 година

Втората рата се плаќа кога Владата ја повлекла тужбата против „Македонски Телеком“ за неплатените такси за фреквенциите.

30 јуни 2006 година

Третата рата се плаќа непосредно пред парламентарните избори, додека во меѓувреме Владата го продава пакетот акции од 9,9 проценти на „Маѓар Телеком“.

20 јуни 2008 година (Скопје)

„Пријателите од Тетово“ ја „спукале“ за парите

Идеологот на ДУИ се знае со првите луѓе на оваа партија уште од 1981 кога им помогнал да се снајдат откако ја напуштиле Македонија, каде што имале проблем со властите, бидејќи учествувале во демонстрациите на Косово. Високите функционери на ДУИ овој човек го доживувале како идеолошки татко.

Кога почнала војната во Македонија во 2001 година, токму тој ги назначува за лидери на движењето во Македонија и по конфликтот се вратил во Тетово за да ја формираат ДУИ.

Неговата куќа во Тетово била еден вид духовно свртувалиште на лидерите на ОНА и на ДУИ.

На 27 јуни 2006 имало атентат врз него, едвај преживеал. Тој сметал дека токму функционерите на ДУИ го нарачале атентатот и дека извршителите биле од Косово.

Откако оздравел го информирал Богоески дека половина од третата рата, односно 1,25 милиони евра не биле префрлени нему и на партијата.

Контоминас се сретнал со него и му платил дополнителни 1,25 милиони евра, иако тврдел дека е исплатено сѐ што било договорено.

Идеологот на ДУИ починал при крајот на 2012 година.

„Вечер“ го објавува Нон-пејперот, но Богоески тврди дека тој не му го дал на новинарот, иако го поседувал заедно сосе обемна документација за случајот.

Есента 2008 година (Скопје)

И другите медиуми почнале да објавуваат за истрагата во „Македонски Телеком“. Полицајци вклучени во истрагата го препознале гласот на Богоески во телефонските разговори што ги следеле и го контактирале.

Богоески сите документи за случајот „Телеком“ му ги дал на Павле Трајанов и го замолил да му ги предаде на премиерот Никола Груевски.

Нешто подоцна есента 2008 (Солун)

Преку посредникот Емануел Малелис – Маноли се организира состанок меѓу Димитрис Контоминас и моќен функционер во власта на ВМРО-ДПМНЕ во хотелот „Кемписки“ во Солун. Се договораат македонските власти да ги повлечат меѓународните потерници за ексдиректорите на „Македонски Телеком“.

За услугата, моќниот функционер во власта на ВМРО-ДПМНЕ бара два милиони евра и уште 500.000 евра за одредена адвокатска фирма, за правни услуги.

Крајот на 2008 година (Скопје)

За да се осигура дека договореното ќе се оствари, Контоминас на моќниот функционер во власта на ВМРО-ДПМНЕ му предлага нови бизнис-планови.

Еден од тие планови, според Богоески, е трампата на трите згради на „Македонски Телеком“ за зградата на скопскиот плоштад која во тоа време сѐ уште била во карабина. Дополнително, за оваа зделка „Македонски Телеком“ платил 16 милиони евра.

Покрај ова, формирале и заеднички компании за недвижности, телекомуникации и за грејниот систем.