Наводите на поранешниот судија на Мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС), Малком Симонс, предизвикаа полемики во врска со случајот кој за воени злосторства се водеше против Оливер Ивановиќ, кој беше убиен пред да заврши судскиот процес.
Небојша Влајиќ, поранешен адвокат на убиениот Ивановиќ, денеска изјави дека наводите на Малком Симонс, поранешен главен судија на ЕУЛЕКС, покажуваат дека гонењето на Ивановиќ за воени злосторства, било „монтиран судски случај“.
Вчера Симонс им изјави на членовите на Комитетот за законодавство на Собранието на Косово, дека врз него бил вршен притисок да го гони Ивановиќ од политички причини, со цел да го спречат да учествува на изборите.
„Шефот на мисијата … јасно ми рече дека не сака Ивановиќ да се кандидира на следните локални избори во Косово“, рече Симонс.
БИРН го контактираше Симонс за да дознае на кој шеф на Мисијата мислел, но до објавувањето на овој текст, нѐ добивме одговор.
Влајиќ, адвокатот на Ивановиќ во случајот за воени злосторства што се водеше против него, за БИРН нагласи дека е „целосно сигурен дека има многу вистина во тоа (во она што го изјави Симонс)“.
Влајиќ нагласува дека не знае дали ЕУЛЕКС се обидел „да го спречи Оливер да се кандидира или не“. Но, тој смета дека Мисијата на ЕУ била под притисок, затоа што „тие не обвинија никого од висок профил, особено не Срби, и затоа им требаше таков случај“.
Тој додава дека судиите на ЕУЛЕКС се „на високо ниво во однос на нивната стручна работа и професионалност“, но дека тој не верува и во нивната непристрасност.
Ивановиќ, во 2016 година, беше прогласен за виновен за воени злосторства и осуден на девет години затвор за давање наредба за убиство на косовски Албанци. Но, Апелацискиот суд го врати случајот на повторно судење, а по убиството на Ивановиќ во 2018 година, случајот беше отфрлен.
ЕУЛЕКС реагираше на тврдењата на Симонс, велејќи дека тие се „неосновани“, затоа што Ивановиќ „сепак учествувал на изборите во ноември 2017 година“.
Оттаму додадоа дека судиите и обвинителите на ЕУЛЕКС се целосно независни.
„Симонс знаеше за сите судски активности, учествуваше во насочување и надгледување на работата на судиите на ЕУЛЕКС, го оценуваше нивниот труд и учествуваше во изборот на судии и доделувањето на случаи, вклучувајќи го и случајот Ивановиќ“, изјавија за БИРН од одделот за односи со јавноста на ЕУЛЕКС.
Симонс првпат изнесе обвиненија против ЕУЛЕКС откако поднесе оставка како судија во 2017 година. Мисијата на ЕУ тогаш откри дека самиот Симонс е предмет на неколку истраги за наводни незаконски дејствија.
Пред да биде убиен, Ивановиќ, во два наврати, се кандидираше на изборите како противник на Српска листа, единствената српска политичка партија во Косово, што ја има поддршката на Белград.
Тој беше застрелан пред седиштето на неговата партија во Митровица во јануари 2018 година. На шест лица, обвинети за учество во убиството на Ивановиќ, во моментов им се суди на Косово.
Наводни водачи на организираната криминална група што го уби Ивановиќ се српските бизнисмени, кои српските безбедносни служби веќе подолго време ги сомничат за криминални активности – Милан Радоичиќ и Звонко Веселиновиќ.
Радоичиќ стана потпретседател на Српска листа во 2018 година.
Српските власти не ги коментираа тврдењата на Симонс.