Вести

„Скопје 2014“ продолжува со „Рајска градина“

Реплика на Милоска Венера, антички ликови, лавови и грифони ќе ја красат „Рајската градина“ во општина Аеродром. Зад идејното решение е фирмата „Архитектоника“ која заедно со главниот проектант, Жарко Чаушевски, стои зад повеќе „барокни“ зданија во Скопје.

Мултифункционален објект во паркот

Мултифункционален објект во паркот

Декоративни елементи во стилот на неокласицизам, павилјон, летниковец, статуи и скулптури во фонтани се предвидени да го красат најавениот парк во општина Аеродром, илустративно именуван како „Рајска градина“.

Според избраното идејно решение на фирмата „Архитектоника“ , која во проектот „Скопје 2014“ потпишува шест објекти меѓу кои се фасадата на Владата и на новите факултети кај УКИМ, станува збор за продолжување на архитектонскиот израз за кој во јавноста се прифати терминот „барок“.

Управител на „Архитектоника“ и главен проектант е Жарко Чаушевски кој освен објектите на архитектонското биро, потпишува и голем број фасади во централно градско подрачје. Зад идејното решение на паркот, освен Чаушевски, се потпишува и Филип Богатинов и Македонка Чаушевска, сите дипломирани архитекти.

Паркот ќе се гради со пари на Општина Аеродром, која предвидела дека цената на проектот ќе се движи околу 14 милиони евра, колку што е проценетата вредност на тендерот, и дека „Рајската градина“ треба да биде готова во рок од две години.

Во моментов тече конкурсот за изведувач на изградбата на паркот што во образложението на проектот се оценува како „нова туристичка атракција на која ќе позавидуваат многу метрополи“ и простор „за целодневна забава на фамилијата“.

БИРН дојде до нацртите на идејното решение за „Рајската градина“, објавени на системот за јавни набавки. Од нив се гледа дека во паркот се предвидени девет типа на скулптури, меѓу кои се препознатливи реплика на античката Афродита од Милос, позната како Милоска Венера, Нептун, лавови и грифон. За сите нив пишува дека „ќе бидат изработени од бетон, со мотив од македонската историја и традиција“ и одобрена од проектантот на идејното решение.

Реплика на Милоската Венера и грифон меѓу статуите во идната Рајска градина

Реплика на Милоската Венера и грифон меѓу статуите во идната Рајска градина

PicMonkey Collage

Во „Рајската градина“ ќе има четири типа фонтани. Првата е највисока и изнесува 13 метри, замислена како обелиск со женска фигура на врвот, додека другите три се пониски, со скулптура во центарот и околу самата фонтана.

Фонтани

Фонтани

Објектите во паркот се со богати декорации, а предвиден е и воден павилјон со неокласични столбови, како и летниковци кои потсетуваат на подзаборавениот летниковец на скопскиот плоштад.

Саат чешма, летниковец, павилјон и песочник

Саат чешма, летниковец, павилјон и песочник

Целиот парк ќе се протега на 15 хектари и ќе биде ограден со влезни капии и плоштади, две езера, мостови, пристаништа за педалини, остров за изнајмување, дел за шетање на миленичиња, живеалишта за пони, елени, зајаци, пауни и фазани, патеки за трчање, ролање и јавање коњи.

Детали од фасадата на националниот ресторан во паркот

Детали од фасадата на националниот ресторан во паркот

Споменици на плоштадот во Рајската градина

Споменици на плоштадот во Рајската градина