Регион

Случаj „Штрпци“: ’Рамбо’ симна патник од воз

Железничката станица во Штрпци, каде што жртвите биле киднапирани во 1993. Фото: Викимедија комонс

Очевидецот, Зоран Бугетиќ, на судењето на петмината припадници на паравоените сили на босанските Срби, пред Вишиот суд во Белград изјави дека двајца од борците, на 27 февруари 1992 година, одвеле патник што седел во неговото купе.

Бугетиќ објасни дека патувал на релација Белград – Црна Гора, кога возот, веднаш по влегувањето во БиХ, запрел во Штрпци, каде машко лице, кое можеби било полицаец, а можеби не, почнало да ги прегледува документите на патниците во неговото купе.

Според Бугетиќ, во купето потоа влегле двајца борци, од кои едниот изгледал како „Рамбо“.

„Тој не ја погледна мојата лична карта, само праша за моето име и презиме и ми рече: ‘Остани каде што си’. На едниот од двајцата патници (кои седеле со него во истото купе) му рече: „Пакувај се, одиме!“, потенцира Богетиќ.

„Мислам дека немаше време да го земе палтото. Тој со очај го замоли другиот човек: ‘Те молам, оваа перница дај му ја на моето семејство’“, додаде тој.

Богетиќ можел од возот да види како другите борци, кои според неговото сведочење и исказите на другите сведоци, носеле различни униформи, ги ставаат симнатите патници во возило.

„Едно лице одеше, а позади него имаше друго со пиштол вперен во грбот на првиот човек“, рече тој.

На Гојко Лукиќ, Љубиша и Душко Васиљевиќ, Јован Липовац и Драгана Ѓекиќ, им се суди за воени злосторства извршени над цивили, поради киднапирање и убиство на 20 патници.

Припадниците на српската паравоена единица „Одмаздници“, која била дел од Војската на Република Српска, се обвинети дека учествувале во запирање на возот и киднапирање на патниците од несрпска националност.

Според обвинението, патниците прво со камион биле одвезени во основното училиште во село Прелово, каде биле тепани.

Потоа на затворениците им било наредено да ја соблечат облеката и во долна облека и со раце врзани зад грб, повторно да влезат во камионот, по што биле однесени во куќа во селото Мушиќи.

Тие ги терале затворениците да влегуваат во куќата во групи од по две или три лица, а потоа ги убивале со истрел во тилот. Осумнаесет затвореници беа убиени на овој начин, а останатите двајца биле застрелани кога се обиделе да избегаат.

На десет други поранешни припадници на силите на босанските Срби, им се суди пред Судот на БиХ во Сараево, за киднапирања и убиства во Штрпци.

Досега само двајца припадници на силите на босанските Срби се осудени за ова злосторство. Небојша Ранисављевиќ, кој во Црна Гора беше осуден на 15 години затвор и Миќо Јовичиќ, кој доби петгодишна затворска казна, откако се изјасни за виновен пред Судот на БиХ.

Командантот на „Одмаздници”, Милан Лукиќ, пред Хашкиот трибунал во 2012 година, беше осуден на доживотен затвор за воени злосторства извршени во Вишеград, источна БиХ, но не и поради убиствата во Штрпци.