Регион

Српска општина поддржува промоција на книга на осуден воен злосторник

Скриншот на објавата на Фејсбук на општина Неготин, која подоцна беше избришана

Општина Неготин на својата официјална Фејсбук страница, објави дека вечерва ќе се одржи промоција на новата книга, „Ова е моја земја, тука јас командувам“, од осудениот воен злосторник, Веселин Шљиванчанин.

Овој настан ќе се одржи во паркот на општината, иако првично беше планирано да се одржи во Народната библиотека „Доситеј Новаковиќ“ во Неготин, што беше критикувано од антивоени организации, кои соопштија дека користењето на јавен објект за промоција на книгата на Шљиванчанин, е неприфатливо.

Поранешниот офицер на ЈНА, беше прогласен за виновен пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во 2007 година, за помагање и поттикнување на тортура врз затвореници и беше осуден на пет години затвор.

Благата казна предизвика незадоволство, така што во мај 2009 година, Хашкиот трибунал го осуди за соучество во убиство на околу 260 затвореници, зголемувајќи му ја казната на 17 години затвор.

Меѓутоа, во 2010 година, Трибуналот, за прв пат, промени една важечка казна, бидејќи Жалбениот совет му ја намали затворската казна на десет години.

По издржување на две третини од казната, тој беше ослободен од затвор и во јули 2011 година се врати во Белград.

Насловот на книгата се однесува на инцидент во Вуковар. Имено, во ноември 1991, откако градот под опсада падна под контрола на српските сили, офицери на ЈНА запреа претставници на Европската набљудувачка мисија и на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, кои се обидуваа да стигнат до болницата во Вуковар. Тогаш, околу 200 луѓе беа изнесени од болницата и масакрирани.

Во септември 2020 година, Шљиванчанин за српската Хепи ТВ изјави дека ја напишал книгата за да прикаже „некои од неговите сеќавања и за вистината да биде напишана“.

Во октомври 2020 година, тој одржа промоција на книгата во Народната библиотека во Рековац, во централна Србија.

Ова е трета книга на Шљиванчанин. Својата прва книга, во која зборува за деновите поминати во затворот на МКТЈ, „Ја бранев вистината“, тој ја објави во 2012 година. Три години подоцна, во 2015, тој ги објави своите воени мемоари за падот на Вуковар „Сине, биди човек“.

Во последниве години, Шљиванчанин се појавува како гостин на настани на Српската напредна партија. На еден од нив, осум активисти на МИЧП, кои го прекинаа настанот, беа физички нападнати, а подоцна казнети со 50.000 динари (околу 420 евра).

Milica Stojanovic