Косовскиот претседател, Хашим Тачи, изјави дека објавувањето на наводните досиеја на обвинителите на Специјалниот суд, доставени до Здружението на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово (ОВК), може да ѝ наштети на одбраната на поранешните припадници на ОВК, на судењата пред Специјализираните совети на Косово (ССК).
„Објавувањето на досиејата може да се користи како изговор за ограничување на правата на обвинетите за време на кривичната постапка, или за ограничување на нивното право на движење или за ограничување на правото на целосно сослушување и сеопфатни сведоци“, нагласи Тачи за косовскиот ТВ канал Т7.
Здружението на воени ветерани на ОВК соопшти дека овој месец анонимно им биле доставени три сета досиеја што протекоа од СОК и ги повика косовските медиуми истите да ги објават, без откривање на имињата на сведоците.
Тачи посочи дека наводното протекување на документите на обвинителството е „крајно загрижувачко“ и подвлече дека тоа е причината „поради која беше одлучено овие институции да бидат преместени надвор од Косово“.
На оние лица, кои СОК ќе ги обвини за злосторства, кои опфаќаат убиства, тортури и незаконски притвори, за време и по војната 1998-1999, ќе им се суди пред ССК.
Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово, се дел од косовскиот судски систем со седиште во Холандија, во кои е ангажиран меѓународен персонал. Тие беа формирани под притисок на западните сојузници на Косово, кои се плашеа дека судскиот систем на Косово не е доволно подготвен да ги истражи ваквите чувствителни случаи и да ги заштити сведоците.
„Доколку се утврди дека протечените доверливи податоци се автентични, очекувам, надлежните органи на овие институции, да спроведат кривична истрага и оти одговорните лица, кои и да се, ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, нагласи Тачи.
Тачи, поранешен политички водач на ОВК, е еден од оние кои може да се соочи со судење пред ССК. Моментално се чека потврда на обвинението против него, кое го товари за разни злосторства, иако тој негираше каква било поврзаност со тоа.
Претседателот на Здружението на воени ветерани на ОВК, Хисни Гуцати, изјави дека досиејата треба да бидат објавени, за да се покаже дека Специјалниот суд е пристрасен и против Албанците.
И адвокатот на здружението, Томе Гаши, смета оти објавувањето на документите, за комуникацијата меѓу СОК и српските институции е законско, ако не се загрози идентитетот на сведоците.
„Не верувам дека е кривично дело јавното објавување на комуникацијата меѓу Србија и Специјализираните совети“, рече Гаши за Т7.
Но, Тачи нагласи дека Здружението на воени ветерани „го злоупотребува јавниот став кон Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство“.
СОК, исто така, соопшти дека здружението дејствува спротивно на интересите на правдата.
Експертите предупредуваат дека протекувањето на досиејата може сериозно да ја загрози работата на специјализираните обвинители и Специјалниот суд.
Марк Елис, извршен директор на Меѓународната адвокатска комора со седиште во Лондон, за Радио Слободна Европа денеска истакна дека „ова е чисто заплашување и напад на судот, напад на процесот, на фер судењата“.
„Ако се наоѓате во средина каде што групи или поединци даваат информации за имињата и адресите на сведоците, тогаш во суштина целиот процес се урива“, нагласи Елис.
Заштитата на сведоците во минатото беше клучно прашање на судењето на припадниците на ОВК во Хаг и во Косово.
Елис додава дека обвинителството треба да стави до знаење дека ќе преземе мерки против оние што објавуваат информации и оти треба да обезбеди „тоа да не се повтори“.
Досега ниту еден косовски медиум не ги објави документите, иако албанската телевизија „Топ ченел“, најави дека ќе го стори тоа.