Репортажи

Тензично, но мирно на протестите за „Монструм“ во Скопје

Албанците повторно излегоа на улиците во Скопје на протести против пресудите во случајот „Монструм“. Овојпат протестите поминаа мирно.

На местото на настанот беше забележително зголемено присуство на полициски оклопни возила и специјални единици | Фото: Синиша Јаков Марушиќ

На местото на настанот беше забележително зголемено присуство на полициски оклопни возила и специјални единици | Фото: Синиша Јаков Марушиќ

По најавата за одржување на паралелни протести, полицијата го зголеми своето присуство на договорените локации.

Македонците требаше да се соберат пред зградата на Владата, а Албанците во скопската општина Чаир.

Албанците протестираат против неодамнешната пресуда за тероризам со која шестте Албанци беа прогласени за виновни за убиство на петте Македонци кај Смилковско езеро во 2012 година.

Попладнево, неколку илјади Албанци, главно млади луѓе, се собраа во близина на зградата на судот, извикувајќи „УЧК“, и носејќи транспаренти со фотографија на премиерот Никола Груевски под која пишуваше „Ова е лицето на злото“.

Неколку илјади Албанци, главно млади луѓе, извикуваа „УЧК“ и носеа транспаренти со фотографија на премиерот Груевски под која пишуваше „Ова е лицето на злото“ | Фото: Синиша Јаков Марушиќ

Неколку илјади Албанци, главно млади луѓе, извикуваа „УЧК“ и носеа транспаренти со фотографија на премиерот Груевски под која пишуваше „Ова е лицето на злото“ | Фото: Синиша Јаков Марушиќ

На местото на настанот, зголемено присуство на полициски оклопни возила и специјална полиција. Ситуацијата беше напната, но протестите поминаа мирно.

Демонстрантите имаат неколку барања, почнувајќи со ослободување на шестте Албанци осудени за убиство на петте Македонци во 2012 година, ослободување на уапсените на протестите одржани минатата недела, оставка на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и истрага за работата на обвинителката Гордана Гешковска.

И покрај најавите, немаше протести на Македонците пред Владата.Дојдоа само новинарските екипи | Фото: Зоран Ричлиев

И покрај најавите, немаше протести на Македонците пред Владата.Дојдоа само новинарските екипи | Фото: Зоран Ричлиев

Иако повеќе групи повикуваа на паралелен протест на Македонците пред зградата на владата, таму попладнево се појавија само бројни медиумски екипи.

Во неговото прво јавно обраќање, кое доаѓа две недели по донесување на пресудата која резултира со превирања, претседателот Ѓорге Иванов повика на мирни протести.

„Протести се дозволени секаде, меѓутоа насилството не се толерира. Надлежните институции преземаат се што е потребно за да спречат какви било појави на насилство… Сите отворени прашања може да се решаваат преку институциите“, рече македонскиот претседател.

Маја Коцијанчиќ, портпарол на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи, Кетрин Ештон, изјави: „Секој има право на протест, но на мирен начин“.

Премиерот Никола Груевски, во четвртокот, за програмата на албански јазик на Македонската радио и телевизија, МРТВ, изјави дека насилството на протестите, кое во Скопје изби минатата недела во петок, е дело на „религиозни радикали”, кои немаат никаква врска со интересите на Албанците.

„Кога станува збор за насилното однесување, нашите информации зборуваат дека зад него стојат луѓе кои имаат други агенди, луѓе што се задоени со верски радикализам, и ние треба да бидеме внимателни во врска со тоа“, рече Груевски.

Фото: Синиша Јаков Марушиќ

Фото: Синиша Јаков Марушиќ

Минатиот петок, вистинска битка изби на улиците во Скопје, кога неколку илјади демонстранти, Албанци, главно млади луѓе, незадоволни од пресудата во случајот “Монструм“, се обидоа да упаднат во Кривичниот суд во Скопје, при што беа спречени од полицијата.

Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута, на 30 јуни беа осудени на доживотен затвор за тероризам, врзано со убиствата во 2012 година. Двајца од осудените се надвор од дофат на македонските судови, бидејќи се наоѓаат во Косово.

Поглаварот на исламската верска заедница во Македонија, ИВЗ, реис-ул-улема Сулејман Реџепи, ги осуди немирите, додавајќи дека е „ризично“ да се учествува во протестите зад кои не стои никаква формална организација.

Учесниците на минатонеделните протести кои пред полицијата мафтаа со знамиња на Саудиска Арабија на кои беа испишани арапски текстови,  тој ги опиша како „манипулатори“.

„Оние што го направија ова, без сомнение, се приклучија за да го девалвираат  протестот и неговиот национален и верски карактер“, рече Реџепи.

Во меѓувреме, лице кое себеси се нарекува “Командант Пантер“ преку интернет побара од Али Ахмети, да ја напушти владата.

Тој нагласува дека е подготвен да започне нов вооружен конфликт во Македонија, сличен на оној во 2001 година, кога албанските бунтовници, предводена од Али Ахмети, се бореа со македонските безбедносни сили.

Инаку, во понеделник во Скопје се очекува да пристигне американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски работи, Викторија Нуланд, која ќе разговара за евроатлантските аспирации на Македонија. Се очекува во агендата за разговорите да се најдат и етничките превирања.

Сторијата е објавена и на Балканска транзициска правда