Вести

Убиството на Мартин Нешкоски било намерно сокривано

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
martin neskoski

Мартин Нешкоски беше убиен во јуни 2011 на плоштадот „Македонија“, додека ВМРО-ДПМНЕ ја славеше изборната победа

Прикривањето на вистината за убиството на Нешкоски доаѓа од структури во МВР и обезбедувањето на Никола Груевски. Ова денеска го соопшти лидерот на СДСМ Зоран Заев, презентирајќи аудио разговори кои наводно се водат меѓу министерката Гордана Јанкулоска, портпаролот Иво Котевски, премиерот Никола Груевски, неговиот шеф на кабинет Мартин Протуѓер…

За убиството, кое предизвика серија протести, а заврши со пресуда против Игор Спасов, припадник на специјалната единица „тигри“, според разговорите, не била запознаена министерката Гордана Јанкулоска, па откако таа дознава, се бараат начини како убиството да се презентира во јавноста како индивидуален чин на Спасов и да се намали штетата врз имиџот на владата.

Според она што можеше да се чуе од разговорите, Дејан Митревски – Урко, како началник на одделот за обезбедувањето на Владата, иако немал овластување да го ангажира Игор Спасов (припадникот на специјалната единица „тигри“ кој го уби Нешкоски), тој го сторил тоа со усна наредба. За ова не била изготвена ниту службена белешка, ниту пак за убиството некој сносеше командна одговорност.

„Сеа со Урко се расправав на телефон. Два дена чекале да видат шо да праат бе. Така ми вика“, вели Јанкулоска.

„И ја му реков, викам, требаше одма да кажете, Брза помош, нешо ќе направме, ќе го изведевме некако“, одговара Протуѓер.

Во друг разговор, премиерот Груевски ѝ вели на Јанкулоска дека треба да излезе во јавност и да каже дека Спасов бил на прославата на ВМРО-ДПМНЕ приватно.

„Тој не бил таму службено, не сме го одредиле службено таму да биде, најверојатно бил приватно и приватно дејствувал…“, вели Груевски.

Од разговорите меѓу Котевски и Јанкулоска, пак, може да се чуе дека вечерта Спасов бил на должност, но во цивилна облека, што е надвор од процедурите.

„Ќе беше многу боље да се бутнеше информација дека од СДСМ некој МВР…хахах…утепал член на ВМРО“, наводно ѝ вели Котевски на Јанкулоска.

На Сител телевизија, веднаш по убиството, навистина беше објавен прилог со содржина дека убиецот бил член на СДСМ.

Прилог на вестите на „Сител“ по убиството на Нешкоски

Братот на Мартин тврди: „Овие не се луѓе“!

aleksandar i martin neskoski

Мартин и неговиот брат Александар Нешкоски

Александар Нешкоски братот на убиениот Мартин Нешкоски, веднаш по завршувањето на прес-конференцијата на СДСМ најави дека попладнево организира протести во 17 часот пред Владата.

„Од разговорите се гледа дека има командна одговорност во случајот. Тие се организирале за да го прикријат убиството. Четири години зборувам како бил убиен брат ми, дека луѓето што го убија брат ми беа работно ангажирани, а не цивили, ама никој не ме слушаше“, вели тој за БИРН и револтирано додава: „Судот е нелигитимен, МВР е нелигитимно. Овие не се луѓе“.

Mартин Нешкоски (16 август 1989 — 6 јуни 2011) беше брутално претепан до смрт од страна на припадник на специјалните полициски сили „Тигри“ на плоштадот „Македонија“ во Скопје за време на одржување на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори во 2011 година.

За убиството се дозна преку медиумите, од очевидци кои биле сведоци на настанот, a портпаролот на МВР Иво Котевски, дента по убиството, изјави дека нема никакви информации за настанот. Дури два дена подоцна, семејството на Мартин дозна дека нивниот син бил убиен.

По случајот со Нешкоски, почнаа да се протестираат масовни протести против полициската бруталност, а младите повикуваа на одговорност од министерката Јанкулоска.

Igor Spasov

Полицаецот Игор Спасов беше осуден на 14 години затвор за убиството на Мартин

Припадникот на тигрите Игор Спасов беше осуден во јануари 2012 година на 14 години затвор, а скопскиот Апелационен суд ја потврди казната. Во текот на судскиот процес тој тврдеше дека некој друг е оној кој го задал смртоносниот удар.

Официјалното објаснување на МВР беше дека Мартин се обидел да се качи на бината додека се славела победата, но, според на СДСМ, министерката Јанкулоска тврди поинаку.

„А бе, не е…види сеа, причината за убиството. Овој, преѓе шо ти кажав, дошол малиот у Дом на АРМ, сакал да влезе, овие го избуткале, пошто овој што е од Тигриве, од нивнава банда, бил таму. И после го видел уште еднаш на искачање, кога искачавме од АРМ и детево се сопнало и овој го скршил од мавање. Значи, нити бегал, нити не давал да му стават лисици“, вели таа и додава дека настанот им го расипал „апсењето на Љубе Бошкоски“, што се случи дента по изборите.

Премиерот Никола Груевски, по убиството на Нешкоски, изјави дека ниту ВМРО –ДПМНЕ ниту МВР ниту пак Владата се инволвирани во убиството.

Откако заврши судењето против Спасов и протестите против полициската бруталност, таткото на Мартин изврши самоубиство.