Вести

УНЕСКО и даде на Владата нов рок да го спаси Охрид

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Државата има неколку месеци да ги заврши задачите што не ги исполни две години | Фото: БИРН

Во наредниве месеци Владата ќе треба да исполни се што не исполнила од 19-те препораки на УНЕСКО, како и да го реши проблемот со градењето на диво во охридскиот регион, за Охрид да не заврши на листата на загрозено светско наследство. По неколку одложувања, Комитетот на УНЕСКО ја донесе одлуката со која реши Охрид уште една година да го задржи сегашниот статус, по што ќе следува ова ревизија на состојбите.

 До февруари треба да се испрати извештај за сработеното до Комитетот, а тој на наредната сесија што се очекува налето во 2020 ќе се врати на прашањето на Охрид и повторно ќе одлучува дали да го стави на црвената листа на загрозено наследство или да го остави каде што е.

Ова значи дека УНЕСКО нема да испрати нова експертска мисија за да определи корективни мерки и постојано да го следи нивното исполнување на теренот, туку ќе им ја остави таа обврска на државните власти.

Иако првичната предлог-одлука беше локалитетот уште веднаш да се прогласи за наследство во ризик, со неколкуте амандмани што ги побараа Босна и Херцеговина, Бразил, Кина и Унгарија, на државата и е даден нов рок за да излезе на крај со проблемите со кои се соочува регионот.

Политичко-експертски несогласувања

Државните и експертските претставници имаат различни погледи за статусот на локалитетите | Фото: БИРН

Експертските тела на УНЕСКО како ИКОМОС и ИУЦН до последен момент инсистираа локалитетот да се стави на листата на загрозено наследство, објаснувајќи дека тоа ќе биде добро за регионот.

Изабел Анатол Габриел, претседателка на одделот за Европа и Северна Америка на Центарот за светско наследство, рече дека последниот извештај од Владата укажува дека некои мерки биле преземени, но има одолжувања во исполнувањето на приоритетните препораки, има незауздан развој, неодржлива експлоатација на крајбрежјето, зголемено загадување, фрагментација на живеалишта и притисок од туризмот.

„Сите овие закани значат дека подрачјето е под закана и затоа се предлага да се стави на листата на светско наследство во опасност во најскоро можно време за да може да се преземат корективни мерки“, додаде Габриел.

Претставничката на ИКОМОС истакна дека забелешките се слични со тие од пред 30 години, и произлегуваат од акумулираната ерозија на извонредните вредности на подрачјето, а не од влијанието на еден или два големи проекти.

„Во 1979 кога беше впишано подрачјето, добро зачуваните градови Охрид и Струга се наоѓаа во речиси недопрена природа. Во 1988 веќе се забележа големо зголемување во градењето и населувањето што сериозно ја наруши рамнотежата во регионот. Економските и демографските промени претставуваат закана за подрачјето и треба да им се пристапи со интегрирани мерки за зачувување на природното и културното наследство“, рече таа.

Сепак, повеќе земји се јавија за збор во одбрана на Македонија, истакнувајќи дека треба да се поздрават напорите што Владата ги прави и дека ставањето на Охрид на листата на загрозено наследство би имало повеќе обесхрабрувачки ефект отколку што би помогнало во заштитата.

„Државата ќе добие посилен поттик да ги спроведе потребните мерки ако добие уште една година“, рече претставникот на Бразил.

Македонскиот министер без ресор Едмонд Адеми, кој ја претставува државата на конференцијата во Баку, рече дека Владата веќе презела мерки и ќе биде решителна во исполнувањето на другите задачи.

„Во последниве две години владата на Северна Македонија му покажа на светот дека е способна да го заштити природното и културното наследство на охридскиот регион“, рече Адеми.

Бегство од листата на загрозени

Министерот Адеми и градоначалникот Георгиески го бранеа незагрозениот статус

Освен охридскиот регион, повеќе други локалитети беа предложени да се префрлат на листата на загрозено наследство, како бугарскиот град Несебар, еден национален парк во Јужна Африка, археолошко наоѓалиште во Ирак и други. Во повеќето случаи се појави судир меѓу барањата на експертите да се усвојат одлуките и барањата на државите да добијат уште малку време.

На интернет-страницата на Комитетот за светско наследство е објаснето што се случува кога еден локалитет ќе се стави на загрозената листа. Прво, за тоа да се случи треба да бидат загрозени токму одликите поради кои тој е прогласен за дел од наследството на УНЕСКО. Ризиците може да бидат тековни (деградација што веќе се случува како обесшумување, беспланско градење, загадување, природни несреќи, војни) или потенцијални (планови и проекти што ако се исполнат, ќе го загрозат локалитетот).

Веднаш штом ќе се прогласи некое место за загрозено, Комитетот за светско наследсто добива можност да обезбеди помош за негова заштита. Тогаш Комитетот, заедно со државните власти, подготвува корективни мерки и постојано го следи нивното исполнување за да се осигура дека ќе се преземе се што е потребно за да се спасат вредностите поради кои локалитетот е прогласен за светско наследство.

За разлика од тоа, кога се регистрирани нерегуларности но статусот не е сменет во загрозен (како во случајот со Охрид), државата сама треба да подготвува и да спроведува планови за заштита според препораките на УНЕСКО и да ја известува светската организација за тоа.

И од УНЕСКО објаснуваат дека државите различно го доживувале прогласувањето за дел од нивното наследство за загрозено. Додека некои самите барале нивни локалитети да бидат ставени на загрозената листа за да добијат помош од УНЕСКО, други го сметале тој чин за повреда на честа.

„Поставувањето на некое место на листата на загрозено наследство во никој случај не треба да се гледа како санкција, туку како систем воспоставен за да одговори на специфичните потреби за неговата заштита на ефикасен начин“, се вели во објаснувањето на УНЕСКО.

И албанската страна влегува под УНЕСКО

Двете влади ветуваат заеднички напори за да го заштитат регионот | Фото: БИРН

На годинешнава конференција беше усвоена одлуката и албанското крајбрежје на Охридско езеро да биде впишано во листата на УНЕСКО како комбинирано природно и културно наследство.

Бидејќи и од западната страна на границата постојат слични проблеми како и од оваа (прекумерна изградба, недоволно управување со отпадот, загадување итн) експертските тела ИКОМОС и ИУЦН предложија локалитетот уште во старт да се прогласи за наследство во опасност. Овој предлог го поддржа Норвешка, чија претставничка рече дека со тоа двете држави ќе добијат поттик да ги здружат напорите за да го заштитат регионот. Сепак, по барање на Унгарија и на други држави, беше променет првичниот предлог и локалитетот не доби загрозен статус.

„Во оригиналниот предлог е предвидено да се испрати мисија за да се дефинираат корективни мерки. За Северна Македонија може да се извлечат мерки од реактивната мисија од 2017, но немаме такво нешто за Албанија. Би сакале да го оставиме оригиналниот предлог за да испратиме мисија“, побара претставничката на УНЕСКО.

Но беше одлучено дека светската организација ќе испрати само обична реактивна мисија, а не мисија што на терен би спроведувала мерки.

„Среќни сме и горди што додаваме уште еден бисер на светската листа. Заедно со Северна Македонија ќе бидеме пример за прекугранична соработка за да се осигураме дека и природните и културните вредности ќе се задржат“, рече претставникот на Албанија.

Прв што ја честиташе оваа одлука беше македонскиот претставник Едмонд Адеми.