Вести

Во чест на „Шарли“, борбата продолжува

Во чест на нашите колеги од магазинот „Шарли ебдо“, кои подготвуваат специално антирасистичко издание, ние треба да ја продолжиме борбата и да ги разобличиме и осудиме сите кои промовираат расизам и омраза. Ова го порачаа македонските новинари на денешниот протестен марш кој започна истовремено со масовниот марш за солидарност во Париз.

По маршот на новинарите во Скопје, тие заедно со истакнати личности и поранешни дипломати го следеа во живо масовниот марш во Париз | Фото: С.Ј.Марушиќ

По маршот на новинарите во Скопје, тие заедно со истакнати личности и поранешни дипломати го следеа во живо масовниот марш во Париз | Фото: С.Ј.Марушиќ

Истовремено со почетокот на големиот марш на неколку милиони луѓе во Париз, меѓу кои и повеќе светски државници, во знак на солидарност со застреланите колеги од магазинот „Шарли ебдо“ од Франција, во Скопје маршираа неколку десетици новинари.

Симболично, тие во рацете носеа наострени моливи, кои ги оставија до книгата на жалост во Францускиот културен центар, каде се потпишаа и оставија пораки на поддршка. По маршот на новинарите во Скопје, тие заедно со истакнати личности и поранешни дипломати го следеа во живо масовниот марш во Париз.

Новинарите во рацете носеа наострени моливи, кои ги оставија до книгата на жалост во Францускиот културен центар, каде се потпишаа и оставија пораки на поддршка | Фото: С.Ј.Марушиќ

Новинарите во рацете носеа наострени моливи, кои ги оставија до книгата на жалост во Францускиот културен центар, каде се потпишаа и оставија пораки на поддршка | Фото: С.Ј.Марушиќ

„Борбата, која треба да ја продолжиме во чест на нашите колеги од „Шарли“, кои подготвуваат специјално антирасистичко издание, е да ги разобличиме и осудиме сите екстремисти кои промовираат расизам и омраза“, изјави на протестниот марш заменик-претседателот на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, Драган Антоновски.

На големиот марш во француската престолнина учествуваа повеќе светски државници, меѓу кои и германската канцеларка Ангела Меркел, британскиот премиер Дејвид Камерон, премиерите на Шпанија, Италија, Израел, Турција, кралот на Јордан… Македонија на овој настан, според најавите, требаше да биде претставена преку нашиот амбасадор во Париз, Агрон Буџаку.