Регион

Во Карловац се одржа комеморација за убиени војници на ЈНА

Гробот на еден од убиените војници: Фото: Анета Владимиров

Претставници на Српскиот народен совет (СНС), на семејствата на жртвите и антивоени активисти, се собраа денеска во Карловац, за да го одбележат сеќавањето на 13-те заробени војници на ЈНА, убиени од хрватски полицаец, во 1991 година.

На комеморацијата беше посочено дека со собирот се одбележува смртта на војниците, но истовремено се осудуваат и „стравот и страдањето што градот Карловац и сите во него, мораа да ги претрпат, за време на гранатирањето во 1991 година“ од страна на ЈНА.

Во оваа прилика, организаторите на комеморацијата ги осудија и „поттикнувањето на војна, мобилизацијата и демонизацијата на оние кои одбија да земат оружје“, како и „нехуманите егзекуции на голораките затвореници“.

Комеморацијата се одржа во православната црква во Карловац и на локалните гробишта, бидејќи, како што објави СНС, комеморацијата на местото на злосторството, на мостот во Карловац, „не беше можно оваа година“.

Дамир Мандиќ, градоначалник на Карловац, на Фејсбук напиша дека смета оти настанот не треба да се одржува на мостот, затоа што „комеморативниот собир на мостот Коран, исклучиво служи како обид за негирање на политиката за Голема Србија, што доведе и до страдање на резервистите на ЈНА“.

Карловац, за време на војната, беше на првата линија на фронтот и претрпе сериозни штети.

СНС, сепак, посочи дека комеморацијата е антивоена и има за цел да ги осуди военохушкачките политики „кои на крајот доведоа до страдање не само на цивили на сите страни, и од сите страни, туку и на оние регрути кои до војната воделе животи во мир со своите соседи“.

„Националистичката политика, која управуваше со животот на мобилизираните резервисти и која ги доведе до мостот на Корана тој кобен ден, беше на многу начини штетна и погубна и за хрватскиот, и за српскиот народ“, соопшти СНС.

Во 2015 година, Врховниот суд на Хрватска, му ја потврди пресудата на поранешниот хрватски полицаец, Михајло Храстов, за убиство на 13 резервисти на ЈНА, како и за ранување на уште двајца, во септември 1991 година.

Случајот, кој не беше класифициран како воено злосторство, туку како „незаконско убиство и ранување на непријателот“, беше покренат во март 1992 година.

Во 2012 година, судот заклучи дека Храстов ги убил војниците откако тие се предале.

„Немало самоодбрана, ниту затворениците се обиделе да избегаат, така што убиството, според меѓународните закони не може да се оправда“, рече судијата Жарко Дундовиќ.

Во декември 2016 година, 14 месеци пред истекот на четиригодишната затворска казна, Храстов беше ослободен од затвор.