Регион

Вучиќ негираше дека се заканувал оти ќе убие хрватски воен заробеник

Александар Вучиќ Фото:predsednik.rs

Вучиќ  ги отфрли тврдењата дека учествувал во воено злосторство во Хрватска во 1991 година, откако хрватски весници објавија дека сведок во судски процес за воени злосторства, изјавил дека Вучиќ му се заканувал со смрт.

Вучиќ за медиумите во Белград изјави дека во седумдесеттите и осумдесеттите години, како дете и тинејџер, неколку пати престојувал во Хрватска, но не и во 1991 година.

Тој додаде дека за време на војната, не бил во Хрватска „сѐ до 1994 или 1995 година, кога бев функционер на СРП (Српска радикална партија) два дена, односно кога отидовме во (изборна) кампања во Српска Краина“.

Тој истакна дека „никогаш во својот живот не бил во Петриња (каде што сведокот бил заробен).

Хрватски „Вечерњи лист“ вчера објави дека сведокот, Коста Д., како што го именува весникот, на судење за воени злосторства во Загреб изјавил дека Вучиќ бил присутен кога бил фатен во септември 1991 година и дека му се заканил оти ќе го убие.

Сведокот рекол: „Се сеќавам кога сегашниот претседател на Србија, Вучиќ, како сега да го гледам, дојде кај нас и зборуваше кого ќе убие, а кого ќе заколе“, објави „Вечерњи лист“.

„Вучиќ ми кажа дека јас, како Србин, сум го предал српскиот народ и дека последен ќе ме заколе“, додал сведокот, пишува „Вечерњи лист“.

Овој исказ сведокот го дал на судењето на поранешните српски борци, Душан Јовиќ, Мило Паспаљ, Владо Ќуповиќ и Марко Врцељ, кои се обвинети за воени злосторства извршени врз цивили и воени затвореници во 1991 година во областа Глина, каде што се наоѓа Петриња. Ним им се суди во отсуство.

Вучиќ нагласи дека во тоа време бил студент и дека неговата политичка кариера започнала дури во 1993 година, кога ѝ се приклучил на СРП.

Тој нагласи дека во Хрватска „на некои луѓе им се суди врз основа на исказите на вакви сведоци – можете да замислите како ќе завршат овие луѓе, врз основа на такви брутални и грозоморни лаги“.

За исказот на сведокот пишуваше и „Јутарњи лист“, објавувајќи изјава на уште еден сведок на истото судење, кој рекол дека додека бил во заробеништво, видел еден од обвинетите, како и сведокот Коста Д., но дека таму не го видел Вучиќ.

Во текот на првата половина на 90-тите, СРП беше активна во ширењето на националистичка реторика, но некои нејзини членови беа вклучени и во конфликтите на терен, прво во Хрватска, а подоцна и во Босна и Херцеговина.

Во 2018 година, водачот на СРП, Воислав Шешељ, беше осуден за поттикнување злосторства, со националистичките говори што ги одржа во Војводина за време на војната во 1992 година.

Вучиќ заедно со тогашниот потпретседател на партијата, Томислав Николиќ, ја напушти СРП во 2008 година, а потоа ја формираа Српската напредна партија, која е на власт во Србија од 2012 година.