Точно пред истекот на рокот, кој завршуваше денеска, државниот јавен обвинител Марко Зврлевски ги достави податоците што од него ги бараше специјалната обвинителка Катица Јанева – статистичките податоци за бројот на оформени предмети во јавните обвинителства кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, како и сето она што досега го презеле институциите.
Во рацете на Јанева, сега се три предмети кои биле формирани во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од содржината на неовластеното следење на комуникациите.
1. Случај „опрема од Израел“
Првиот предмет е оформен по кривична пријава на СДСМ против сега веќе бившиот директор на УБК, Сашо Мијалков за примање поткуп, злоупотреба на службената положба и овластување, како и против Светлана Костова, а истите кривични дела се и против непознато лице за давање поткуп.
СДСМ во април годинава, обелоденувајќи аудио снимки, објави дека тогашниот директор на УБК зел провизија од половина милион евра само за да почне да преговара за набавка на опрема за прислушување од израелска фирма.
Според аудио разговорите што ги презентираше лидерот на СДСМ Зоран Заев, стануваше збор за бизнис договори што Мијалков ги договорал со неговата соработничка Светлана Костова (која сега е судија во Управниот суд) и нејзини разговори со претставници од израелското Министерство за одбрана, кое наводно требало да ја набави опремата за прислушување вредна околу 14 милиони евра.
2. Случај „земјиште на Водно“
Овој кривичен предмет е оформен по пријава на СДСМ против премиерот Никола Груевски, сега бившиот министер за транспорт Миле Јанакиески и други лица, меѓу кои и правни лица од Белизе и Лугано за злосторничко здружување, перење пари и за злоупотреба на служената положба.
Во пријавата се вклучени и непознати лица од компаниите „Кара“, „Сирах Лимитед“ од Белизе, „Т&МЈ Инвестмент“ од Лугано, Швајцарија….
Документите од катастарот за овој случај, што беа презентирани од опозицијата, говореа дека шест парцели од над 17 илјади квадратни метри на Водно биле купени од три фирми: Ексико ДООЕЛ, КАРА и Сирах Инжинеринг. Секоја од нив имала купено по две парцели. Најголемо земјиште поседува фирмата Сирах – повеќе од 11 илјади квадратни метри.
Оваа фирма беше во сопственост на Ристо Новачевски, за кој во јавноста се тврдеше дека е кум од првиот брак на премиерот Никола Груевски, кој пред неколку месеци ја продаде оваа фирма и сега истата се води како „Систина лајф кеар сентар“, чиј сопственик е компанијата на Орце Камчев, „Орка Холдинг“.
Лидерот на СДСМ Заев, тврдеше дека дека ДУП-овите („Тасино Чешмиче“ и „Капиштец – Водно“) каде што се наоѓаат вредните парцели биле сменети само со цел „да се задоволат мегаломанските афинитети на премиерот Груевски“.
3. Случај „неовластено прислушување“
Третиот предмет е оформен по кривична пријава на СДСМ против Никола Груевски, Сашо Мијалков, началникот на УБК, Горан Груевски и други лица за злосторничко здружување, неовластено прислушување, злоупотреба на службената положба и овластување и злосторство против човештвото.
Овие дела се однесуваат на првата „политичка бомба“ што ја обелодени опозицијата, во која се тврдеше дека околу 20.000 граѓани биле незаконски прислушувани од УБК, вклучително високи претставници од власта и од опозицијата, новинари, претставници од невладини организации, од Синодот на МПЦ, ИВЗ, политичари од албанскиот блок… Единствените лица кои ги немало на листата, според СДСМ, биле премиерот Груевски и тогашниот директор на УБК Мијалков.
Космос, Бошкоски и изборните манипулации – дел од работниот материјал
Освен трите предмети кои биле оформени во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постојат уште 30 предмети чија статистика била доставена до специјалното обвинителство, а претходно ги водело скопското обвинителство.
Речиси за секоја објавена политичка бомба СДСМ има поднесено кривична пријава.
Една од пријавите се однесува против Мијалков, Горан Груевски и други лица вработени во МВР, за неовластено прислушување и тонско снимање. За овој случај испитани биле Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Тито Петковски, Оливер Спасовски, Стево Пендаровски, Сашо Мијалков, Горан Груевски, претставник на МВР, три лица вработени во УБК и тројца професори од ФИНКИ – Скопје како технички советници. Биле сторени обиди да се испита и градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, но тој досега не бил испитан.
Кривична пријава е поднесена и за „политичката бомба“ што се однесуваше на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски. Пријавата е поднесена против Мијалков и лица вработени во МВР, за мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување, малтретирање во вршење на службата.
„Испитани се овластени службени лица, инволвирани во лишувањето од слобода на сега осудениот Љубе Бошковски, како и лицето викано Пуки“, се вели во соопштението на обвинителството.
Пријава е поднесена и против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и против Мартин Протоѓер за „политичката бомба“ во која наводно тие договараат да се отпуштат од работа лица кои не се од владејачката партија.
За рушење на објектот „Космос“ пријави се поднесени против Никола Груевски, Миле Јанакиески, градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски и непознати лица, вработени во општината за злоупотреба на службената положба и овластување.
Пријави има и против директорот на „Телеком“ Жарко Луковски и против Јанакиески за наводно присилување на вработени во Македонски Телеком и Т-Мобиле како да го извршат избирачкото право.
Најголемиот дел од пријавите се однесуваат на повредата на слободата на определување на избирачите, повреда на тајноста на гласањето и други дела поврзани со изборните процеси.
Јанева и тимот стојат пред огромен предизвик
БИРН се обрати и до специјалната обвинителка Јанева и до државниот обвинител Марко Зврлевски за евентуалните пречки со кои би се соочиле при процесуирањето на овие предмети. Одговор не добивме ниту од едната ниту пак од другата страна.
Специјалната обвинителка веќе најави дека откако ќе добие податоците, ќе почне да ги бара и предметите еден по еден. Таа рече дека очекувањата се дека веќе во декември ќе бидат покренети обвиненија.
Сепак, пред Јанева и нејзиниот тим од 12 обвинители стојат голем број предизвици. Медиумите известуваат дека се запрени градежните активности во зградата во која специјалната обвинителка треба да ги истражува предметите поврзани со незаконското прислушување.
Правните експерти предупредуваат и дека Јанева може да се соочи со бавно добивање одговори од институциите, одбивање соработка и слично, со што би се зголемила веројатноста јавноста да не види ефект од нејзината работа пред одржувањето на априлските избори.
Јанева досега се нема изјаснето по овие прашања, туку самоуверено одговараше дека во периодот од 15 декември годинава до 15 март 2016 година таа и нејзиниот тим ќе ги покренат првите обвиненија за предмети поврзани со содржината на разговорите од прислушуваните материјали.