Актуелно

Заев побара, власта прифати нова истрага за смртта на Младенов

Долгоочекуваната бомба за случајот Младенов откри недоследности во истрага, презир кон критичките новинари и сомневањата во јавноста за причините на загинувањето. СДСМ побара, а власта веднаш прифати нова истрага за случајот Младенов

Заев смета дека треба да се испита и податокот дека таа вечер не работеле сигурносните камери на патарините | Фото: СДСМ

Заев смета дека треба да се испита и податокот дека таа вечер не работеле сигурносните камери на патарините | Фото: СДСМ

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска објави нови прислушувани телефонски разговори кои според него докажуваат дека истрагата за смртта на новинарот и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов била вршена непрофесионално и оти намерно се криени клучни докази. Заев смета дека постојат десет причини да се отвори нова истрага и вети дека наредната власт на СДСМ тоа ќе го стори.

Според него, Младенов бил мета на незаконското прислушување и Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) повеќе години наназад снимила преку 10.000 телефонски разговори на новинарот.

Веднаш по прес-конференцијата, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ го поддржа барањето на Заев коментирајќи дека и монтираните и сечени материјали на Заев ги негирале шпекулациите дека власта учествувала на каков било начин во овој случај.

Младенов загина ноќта меѓу 26 и 27 март 2013 година во близина на клучката кај Хиподром, возејќи во правецот на Скопје.

На местото на несреќата не беше пронајден телефонот, а во разговорите коишто ги објави Заев, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска му кажува на шефот на премиерскиот кабинет Мартин Протоѓер дека Младенов вечерта бил лоциран преку сигналот од мобилниот.

Истото го потврдува и братот на директорот на УБК, Сашо Мијалков, Влатко во разговор со непознато лице. Тоа што Младенов бил лоциран пе телефонскиот сигнал, а мобилниот не бил пронајден, според Заев, е првата причина поради која треба да се отвори нова истрага за инцидентот.

Втората причина била тоа што и Јанкулоска и нејзиниот соработник Иво Котевски во меѓусебен разговор признаваат дека истражниот судија што го водел случајот бил неискусен или како што вели Котевски „не го бидува“.

Младенов загина ноќта меѓу 26 и 27 март 2013 година во близина на клучката кај Хиподром возејќи во правецот на Скопје

Младенов загина ноќта меѓу 26 и 27 март 2013 година во близина на клучката кај Хиподром возејќи во правецот на Скопје

Полицијата открила и дека врз автомобилот на Младенов има траги од боја и Котевски во снимениот муабет со неговата претпоставена и вели дека не можеле да откријат колку време трагите се наоѓале на каросеријата. Овој разговор, според Заев, е третата причина за обновување на истрагата, додека фискалните сметки што ги откри новинарот Томислав Кежаровски се четвртиот повод за преиспитување на сообраќајката.

Опозицискиот лидер смета дека петтата причина за нова истрага се наоѓа во уште еден разговор меѓу Јанкулоска и Протоѓер во кој министерката открива дека УБК ја дознала целата траекторија на движењето на Младенов преку неговиот телефон, меѓутоа таа смета дека оваа информација не е за во јавност.

„И тоа е интересно шо ми го кажаа нашиве што не е за во јавност, ко што кружел има една луфта таму од пола саат… и последна базна станица што се јавува, сега нели тоа не мора ништо да значи, е Аеродром Александар Велики… Бидејќи има луфта меѓу патариниве можно е тој да свртел да носел некого на аеродром, па може пречекувал нешто или таму“, ѝ вели Котевски на Јанкулоска во еден од разговорите.

Заев смета дека треба да се испита и податокот дека таа вечер не работеле сигурносните камери на патарините. Котевски во разговор со Јанкулоска ја проблематизира оваа информација бидејќи тој претходно во јавноста тврдел дека камерите функционираат. Министерката смета дека не е работа на полицијата да даде отчет за камерите и оти тоа не е податок од јавен карактер.

Седмата причина за нова истрага била тоа што според полицискиот записник Младенов се движел по десната страна на коловозот, меѓутоа на тој начин немало објаснување зошто „мерцедесот“ удрил со предната страна во оградата и оставил отпечаток од регистарската табличка.

Од полицискиот записник лидерот на СДСМ заклучил и дека движењето на „мерцедесот“ на Младенов како и црвената и црната боја на неговиот автомобил се осмата причина за нова истрага.

Во документот од полицијата стои дека телото на Младенов било пронајдено на дури 22,5 метри од возилото, додека пак истражителите објавија оти новинарот бил пронајден мртов на седум метри од автомобилот и оваа нелогичност е деветтата причина за нова истрага, додека последната причина е една, според Заев, проблематична изјава на обвинителот Марко Зврлевски.

„Зошто Марко Зврлевски, од позиција Јавен обвинител, на 10-ти јули 2013 година, кога и официјално беше соопштено на јавноста дека случајот со Младенов се затвора како несреќен случај, изјави дека ‘на лице место не се пронајдени фискални сметки’“, праша лидерот на опозициската СДСМ.

Низ сите разговори провејува исклучителен презир, навреди и бесчуствителност на соговорниците кон критичките новинари и загинатиот Младенов.

1_1

1_2

1_3

1_4

1_5

1_6