Западен Балкан може да добие почист воздух и без гас

Ретко кога недостигот од инфраструктура е добар знак за Западен Балкан, или за кое било друго место. Но, фактот дека регионот нема добро разгранета гасоводна мрежа, а има значителни потенцијали за развој на зелената енергија, може да биде можност за да се засили транзицијата кон чиста енергија.

Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија можат да заштедат милијарди евра и да обезбедат почист воздух за нивните жители ако има политичка волја да се насочат ресурсите кон ветерна и соларна енергија и да се интегрираат овие извори во енергетскиот микс, а истовремено да се избегнуваат лажните ветувања за гасот.

Нов извештај од невладината организација Глобал Енерџи Монитор со седиште во Сан Франциско, САД, покажува дека предложените проекти за ветерна и соларна енергија во регионот, од вкупно 23 гигавати, имаат потенцијал да ги заменат плановите за гасна енергија. Тоа е приближно колку што Германија планира да вложи во обновлива енергија.

Ако се реализираат овие проекти, ќе може да се избегне испуштањето на 103 милиони тони јаглерод диоксид во еден животен век, што е еднакво на 87 проценти од емисиите во регионот во 2022 година, а истовремено да се заштедат повеќе од девет милијарди евра во трошоци за енергија во истиот период.

Но, заканата од гасната енергија, вклучувајќи ги и зголемените емисии на јаглерод диоксид, изложеноста на ценовна нестабилност и енергетска несигурност, демне на големо над Западен Балкан. Актуелните планови да се зголеми употребата на гасот ќе донесат уште поголема зависност од гориво што мора да се увезува.

Иако само Северна Македонија и Србија имаат оперативни централи на гас, се планираат вложувања за производство на енергија од гас од вкупно 2,6 гигавати во Албанија, Босна, Црна Гора и во Северна Македонија.

Србија е најголемиот потрошувач на гас во регионот, а 90 отсто од потрошениот гас го увезува од Русија. Од друга страна пак, Србија има најголеми планови за раст на соларната и ветерната енергија (10,9 гигавати), со што се отвора можноста да се намалат потребите од увоз на гас во иднина и да се обезбеди поголема енергетска сигурност.

Извор: Global Solar Power Tracker, Global Wind Power Tracker

Но, развојот на гасна инфраструктура има силна институционална поддршка од ЕУ и од САД, од компаниите, како и од меѓународните развојни банки како Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Нивен интерес беше да се лобира за и да се инвестира во развојот на гасната инфраструктура низ регионот, со што се одлеваа ресурси потребни за финансирање на декарбонизацијата во сосема спротивна насока.

Повеќе студии покажале дека транзицијата од јаглен на гас била поскапа од таа од јаглен на чиста енергија во ЕУ и во некои соседни земји, вклучувајќи ги Полска, Хрватска, Чешка, Романија, Словачка и Словенија. Ако на ова се додаде дека е поевтино да се градат и да се управуваат капацитетите со ветерна и со соларна енергија, сегашните енергетски планови може да го направат гасот непотребен.

Планираните ветерни и соларни електрани, кои се во различна фаза од развојот, би генерирале четири пати повеќе електрична енергија отколку сите предвидени гасни централи во регионот во нивниот век на користење. Овде се земаат во предвид и факторите како капацитетот – процентот на време во кое централата работи со максимален капацитет, кој што е несомнено на страната на соларната и на ветерната енергија.

Ако новите соларни и ветерни проекти за кои се знае стартната година (кои што се само дел од сите планирани проекти), се приклучат на мрежата до 2028 година, производството на енергија (11 терават-часови) значително ќе го надмине тоа од новите гасни централи (6 терават-часови) во истата временска рамка. Притоа, производството на гасна енергија е поскапо.

Извор: Global Solar Power Tracker, Global Wind Power Tracker, Global Oil and Gas Plant Tracker

Иако интеграцијата на ветерната и на соларната енергија во стабилна и сигурна мрежа е многу поголем предизвик споредено со традиционалните гасни централи, технолошките и административните решенија како подобрените дистрибутивни мрежи, балансирањето со постојните хидроелектрани, технологиите за складирање на енергијата, како и флексибилноста на страната на побарувачката, може да го подобрат капацитетот на мрежата.

Клучно е дека е потребна политичка волја за да се префрлат ресурсите од вложување во гас, вклучувајќи ги и 3,5-те милијарди евра планирани за гасни централи, цевководи и ЛНГ терминали, во градење капацитети за интеграција на соларната и на ветерната енергија во стабилна, доверлива и декарбонизирана мрежа.

Политичката решителност мора да биде воедначена од локалните, регионалните и глобалните чинители, вклучувајќи ги САД  ЕУ.

При реевалуацијата на планирањето и на стратегиите мора исто така да се даде приоритет на праведна енергетска транзиција, земајќи во предвид дека трендот на развој на капацитети за фосилните горива може да предизвика значителни еколошки и социјални штети. Ова вклучува загуба на биодиверзитетот и конфликти за користење на земјиштето.

Во исто време, само мал дел од предвидените соларни и ветерни капацитети се всушност во фаза на градба.

Во март 2024, само шест проценти (1,3 гигавати) од планираните капацитети биле во градба. Ова значи дека е крајно време да се подобрат законските рамки и да се изградат капацитети што ќе осигураат ригорозни процени на влијанието врз животната средина, ефективно планирање и издавање дозволи и спречување штетни последици од користењето на земјиштето врз биодиверзитетот и земјоделството.

Други одржливи алтернативи, како соларни панели на покривите исто така фаќаат корен, но за да се остварат целосните капацитети, мора да се даде поголема поддршка на енергетски проекти на заедницата, мали и модуларни соларни фарми, поседувани и управувани од локалните заедници.

Западен Балкан има единствена можност да го прескокне гасот и да оди директно на обновливи извори, побивајќи го опасниот мит за гасот како транзициско гориво, додека климатската криза се влошува. И сето тоа додека ги жнее економските и социјалните бенефити од праведната транзиција.

Скокот директно на соларна и ветерна енергија, наместо на гас, е остварлив. Потешка задача е да се најде волјата.

Занајим Козбај е истражувач во Глобал Енерџи Монитор. Пипа Галоп е офицер за Југоисточна Европа на мрежата ЦЕЕ Бенквоч.

Овој текст е оригинално објавен на Балкан Инсајт. Изразените мислења се на авторите и не нужно ги одразуваат гледиштата на БИРН.