Сенад Џанановиќ, Един Гаџо и Јасмин Еровиќ, се обвинети дека во 1992 година, учествувале во здружен злосторнички потфат, кој имал за цел притворање на српските цивили во Сараево, а потоа и нивно убиство.
Драгана Ерјавец, Сараево
Пред Судот на Босна и Херцеговина, почна судењето на Џанановиќ, Гаџо и Еровиќ, кои се товарат дека како припадници на штабот на територијалната одбрана „Стела” и на специјалната единица на Армијата на Босна и Херцеговина, извршиле воени злосторства над цивилни лица во Сараево.
Според обвинението, тие заедно со ним познати лица, на подрачјето на населбата Алипашино поле – Б фаза, нелегално затворале, убивале, мачеле и нечовечно третирале приведени цивили.
Обвинителот, Владимир Симовиќ, изјави дека злосторствата се случиле во подрумот на зградата на плоштадот ЗАВНОБиХ, каде што цивилите биле притворани, како и во месарницата, која се наоѓа во продолжение на зградата, но, и во канцелариите на штабот на „Стела”, каде што цивилите биле мачени и испрашувани.
Џанановиќ, како што се вели во обвинението, од мај до крајот на јули 1992 година, незаконски затворил повеќе од сто цивили од српска националност, а како управник и одговорно лице на објектите за притвор во Алипашино поле, учествувал и допуштил другите членови на „Стела” да учествуваат во убиста, силување и во нанесување на физички и ментални повреди на притворените цивили.
Гаџа е обвинет дека од мај до крајот на јули 1992 година, учествувал во незаконско притворање, убиства, испрашување и физичко малтретирање на српски цивили.
Еровиќ е обвинет оти заедно со Џанановиќ, од мај до крајот на јули 1992 година, водел затвореничка, која е именувана како сведок „А“, во еден стан во Алипашино поле, каде што ја силувале.
Обвинителот Симовиќ рече дека ќе докаже оти во реонот на Алипашино поле, во мај 1992 година, бил воспоставен систем за малтретирање на српски цивили, при што многумина биле убиени, а нивните останки до денес не се пронајдени.
„За некои лица, едноставно, не се знае што се случило”, рече обвинителот.
Бранителот на Џанановиќ, Сенад Дуповац, изјави дека неговиот клиент не бил управник, туку заменик.
„Периодот во обвинението против мојот клиент, не е точен и ние ќе докажеме дека обвинетиот во овој период не бил цело време тука”, изјави Дуповац.
Следното рочиште е закажано за 31 август.