Организацијата „Жени во црно“, го тужат српскиот провладин таблоид „Информер“, бидејќи активистите на оваа организација ги нарекол „најголеми странски платеници“ во земјата.
Филип Рудиќ, Белград
Претседателката на организацијата „Жени во црно“, Сташа Зајовиќ, во вторникот пред судот сведочеше дека текстот објавен во српскиот таблоид „Информер“, во кој „Жени во црно“ се наречени „странски платеници“, е „повик за линч“.
„Целта на овој медиум е да се оспорува слободата на говорот и да се организираат кампањи против сите оние кои мислат слободно и се залагаат за правна држава“, изјави Зајовиќ, известува агенцијата Бета.
„Информер“, во ноември 2016 година, објави текст во кој се вели дека „Жени во црно“ добиле речиси 1.6 милиони евра од западни донатори, за да „ја обвинуваат Србија за геноцидот во Сребреница и за воени злосторства во Хрватска, БиХ и во Косово“.
Според „Информер“, „Жени во црно“ помеѓу 2014 и 2016 година, добиле 34 исплати од Европската комисија и од Фондацијата отворено општество на Џорџ Сорос, како главни донатори.
Зајовиќ пред судот изјави дека листата на донатори не е точна и дека објавениот износ е три пати повисок од оној што навистина го добила организацијата.
Додаде дека сите донатори на организацијата се јавно наведени во Агенцијата за стопански регистри.
Уредникот и издавач на „Информер“, Драган Вучиќевиќ, не се појави на судењето, бидејќи, како што образложи неговиот адвокат, присуствувал на друго сослушувањето во кое е, исто така, тужена страна.
„Жени во црно“ не бараат надомест, туку бараат „Информер“ да ја објави пресудата.
Судењето треба да продолжи на 25 декември.