Вести

Жерновски обелодени како власта се бореше за општина Центар

Исклучувани лифтови, обид за поткуп на советник од општината Центар, како и бришење фајлови од компјутерите во општината откако ВМРО-ДПМНЕ таму ја загуби власта на локалните избори во 2013 година, се дел од содржините на денеска објавената бомба на опозицијата

Градоначалникот на општина Центар на денешната прес-конференција / Фото: М. Јордановска

Градоначалникот на општина Центар на денешната прес-конференција / Фото: М. Јордановска

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски обелодени десетина аудио снимки за изборни измами што се случувале за време на локалните избори во 2013 година, кога ВМРО-ДПМНЕ ги изгуби изборите.

На аудио снимките можеше да се слушне гласот за кој Жерновски тврди дека е на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески кој во разговор со директорот на УБК Сашо Мијалков вели дека е подготвен „да пресели цела зграда кај Бристол, само за гласачите да не можат да излезат на гласање“.

Разговорите обелоденуваат и дека во одредени згради биле исклучувани лифтовите како и наводен обид за поткуп на советникот од општината Центар Никола Георгиевски од партијата Нова Алтернатива, за да премине на страната на ВМРО-ДПМНЕ.

Уцени за советници од општината Центар

Во еден од десетината разговори што ги обелодени Жерновски, министерот Јанакиески, и директорот на УБК Мијалков, откако сфаќаат дека ги губат изборите во општина Центар, разговараат за тоа како да му се легализира куќата на советник од Центар со цел да го придобијат на нивна страна.

„Ти му викаш, еве, те частиме легализација на куќата, да си го уплати. Можеш и дополнително да му кажеш дека можеме и да му средиме, да му платиме. Тоа е“, вели гласот за кој Жерновски тврди дека е на Јанакиески.

На ова, Мијалков вели дека советникот не треба да се уценува, туку едноставно да му се легализира куќата, па потоа самиот да одлучи што понатаму.

„У овој случај треба да му кажеме, ова ти е нас, те частиме. Мислам така е пофраерски, него да му кажеме ‘слушај, еве, ако не не, ништо’. Разбираш?“, прашува на снимката Мијалков.

На ова, Јанакиески одговара: „Види, му решаваме животно прашање, така да нема да му биде едноставно“.

Жерновски го оддаде името на советникот на кој му било понудена легализација на куќата.

„Станува збор за Никола Георгиевски од Нова Алтернатива. Симнувам капа на тој човек кој не подлегна на притисоците“, рече Жерновски и додаде дека имало и слични случаи со останатите советници – да им бидат нудени привилегии за да преминат на другата страна во советот.

Според извори на БИРН од општината Центар, објектот на Георгиевски не бил легализиран. Напротив, тој ја загубил куќата по завршувањето на локалните избори и во моментов за тоа се водат спорови пред надлежните институции.

Јанакиески ќе преместувал зграда за да не може да се гласа

Жерновски презентираше разговор кој наводно се води меѓу министерот Јанакиески и негов соговорник, каде што тие се исмеваат со исклучените лифтови

Жерновски презентираше разговор кој наводно се води меѓу министерот Јанакиески и негов соговорник, каде што тие се исмеваат со исклучените лифтови

Во јавноста долго време се вртеа шпекулациите дека владејачката партија ги гасела лифтовите во повисоките згради во Центар во 2013 година, со цел постарите лица да не можат да излезат на гласање. Градоначалникот Жерновски вели дека со денешните објавени аудио снимки се потврдува дека ова навистина се спроведувало во практика. Тој презентираше разговор кој наводно се води меѓу министерот Јанакиески и негов соговорник, каде што тие се исмеваат со исклучените лифтови.

„Лифтовиве не работат, хахаха“, се смее Јанакиески, а соговорникот одговара: „Хахаха, циркус ќе биде, ќе викаат, ќе умрат“.

„Може да слезат од 15 спрат стариве? Не? “, прашува министерот.

„Не бе, какво слегување. Кај мене куливе, еве ги, штама е. Чоек нема надвор“, вели соговорникот.

Во следниот разговор, кој наводно се води меѓу Мијалков и Јанакиески, министерот се заканува дека е подготвен да премести цела зграда.

„Море ќе им ја преселам онаа зградана што е кај Бристол, мамата ќе им ја е…“, вели Јанакиески.

„А?“, препрашува Мијалков.

„Цела зграда ќе ја преместам, ќе ги затворам, да не излегуваат тие од Бристол“, вели министерот, и образложува дека жителите од тие згради ја прават најголемата разлика во Центар меѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на опозициските партии.

Во еден од разговорите кој наводно се води меѓу министерката Гордана Јанкулоска и соговорник, таа е информирана дека зборувал со извесен Мацко, „за да пушти човек внатре (н.з. во општина Центар) за да се избрише сè од хард дисковите и од компјутерите.

„Леле… нема, шо може ќе помагаме сеа, тоа е…“, одговара Јанкулоска и го пофалува Мацко, со зборовите „Добар е Мацко, да си го земеме кај нас“.

Во еден од наредните разговори кои наводно се водат меѓу уредникот на Сител телевизија Драган Павловиќ Латас и Мијалков, се прават планови за тоа како да се „купат“ одредени луѓе од советот во општината Центар.

„Ќе го стаиме ние у машина, полека. Некој и ќе претрча од Советот“, вели Латас.

„Па и еден да упали е доста бе, Советот да го напраиме ние и ондак го п….“, вели Мијалков.

„Да, да, да… Без Совет ништо не моеш да напраиш“, одговара Латас.

Груевски веќе нема легитимитет

„Човечињата што се држат за раце, како што власта ги нарекува гласачите од Пустец, ги видовме на гласачките места и можевме да видиме каква важност имаат во Општина Центар и оти на премиерот Никола Груевски и на шефот на тајната полиција Сашо Мијалков им било важно да победат во Општина Центар пред сè поради криминалите во проектот Скопје 2014“ рече Жерновски.

Тој најави дека во иднина ќе бидат обелоденети и изборни манипулации што се случувале низ цела Македонија. Според најавите, прес-конференции ќе има во повеќе градови.

„Очигледно, станува збор за модел кој функционира во сите делови од државата. Груевски веќе нема легитимитет да ја води оваа Влада“, рече Жерновски и уште еднаш ги повтори барањата на опозицијата: оставки од Владата, од државниот обвинител Марко Зврлевски и од раководниот тим на МРТВ и формирање преодна влада со мандат да спроведе фер и демократски избори.