Вести

Осма бомба: Нови докази за изборни измами

Опозицијата објави над 40 снимки во кои министрите Миле Јанакиески, Гордана Јанкуловска, Зоран Ставрески, потоа Сашо Мијалков и брат му Влатко Мијалков, Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски и други зборуваат за фалсификување лични карти, кражба на изборни листи и закани за вработени.

Снимките беа објавени во четири блока од повеќе разговори поделени по теми | Фото: Г.Ризаов

Снимките беа објавени во четири блока од повеќе разговори поделени по теми | Фото: Г.Ризаов

Над 40 снимани разговори објави опозицијата на чело со Социјал-демократскиот сојуз вечерва за време на осмата бомба на кои како што тврдат, се слушаат гласовите на дел од луѓето на највисоките раководни функции во државата и во најголемата партија на власт како договараат изборна измама, печатење на лични карти, кражба на изборни листи, закани за бркање од работа ако не гласаат, па дури и закана за прекин на помошта на семејството на Тоше Проески затоа што не ја поддржувале партијата на власт.

Снимките беа објавени во четири блока од повеќе разговори поделени по теми. Во првиот сет, според СДСМ, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески му вели на Марјан Наковски, началник во СВР Струмица, дека „има околу 300 лични карти за Струмица“ и го прашува дали е во тек. Потоа, во друг разговор, Јанакиески прашува некој од соработниците за одредена информација спомнувајќи одреден Пепиќ, за кого вели дека е „овој што ни ги прави личните карти“.

Содржината на вториот блок објавени разговори, исто така се однесува на изборна измама, со тоа што во него се споменува кражба на изборни листи од веќе завршеното гласање во првиот круг.

Имено, според СДСМ, во разговорите министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески прво добива информација од извесен Коста дека успеал да извади „едно четири пет избирачки што беа надвор од вреќите“. Според опозицијата, станува збор за четири избирачки листи со веќе потпишани гласачи од гласањето изминатата недела.

Јанакиески веднаш му вели на соговорникот да му ги донесе украдените листи кај него во министерството. Потоа, според следниот разговор што го објави опозицијата, Јанакиески му се јавува на шефот на УБК Сашо Мијалков и му вели дека има четири листи, но и клуч од просторијата во која се наоѓаат останатите.

Во првиот сет, според СДСМ, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески му вели на Марјан Наковски, началник во СВР Струмица, дека „има околу 300 лични карти за Струмица“ | Фото: Г.Ризаов

Во првиот сет, според СДСМ, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески му вели на Марјан Наковски, началник во СВР Струмица, дека „има околу 300 лични карти за Струмица“ | Фото: Г.Ризаов

Потоа, го прашува „има ли од МВР вешт“ за да влезе во просторијата „ако може да ги отвориме без да се сецка“, а овој наводно му одговара не може да зборува бидејќи е „у туѓа мрежа“ и не знае кој го слуша, а ќе зборуваат откако ќе се врати. Следниот ден, тој му се јавува на Јанакиески и повторно станува збор за изборните листи. Toj повторува за украдените четири списоци и за останатите кои „се во црни вреќи“ и „ставени се во едно депо во Општина Центар“ од каде имаат клуч.

На барањето дали има некој во МВР што може да ги отвори вреќите, а „да не се познае дека е отворено“, гласот на Мијалков, одговара дека „треба да го видиме тој механизам“ и откако сфаќа дека е „едно у друго што влага како жица“ предлага „да се стаи нешто ново“ на негово место. Откако наводно Јанакиески дообјаснува дека има и печат од Државната изборна комисија, Мијалков предлага „од ДИК да дадат нови и готово“. Гласот, кој што според СДСМ е на Јанакиески потоа вели дека со списоците ќе одат кај тие што не гласале во „посета од врата до врата, ако се наши ќе ги притиснеме“.

Понатаму, во еден од објавените разговори вечерва, се зборува за улогата на Амди Бајрам, за кого наводно гласот на Миле Јанакиески зборува дека „е цар“ бидејќи направил да гласаат сите починати Роми во 2012 година. „Ги зел сите умрени во 2012 година што се по список“ и „пуштил луѓе да гласаат во нивно име“. Откако соговорникот го прашува како не го фатиле бидејќи “мораш да дадеш лична карта“, наводно гласот на Јанакиески одговара „е па не гледале овие идиотиве“.

Во уште еден разговор за кого СДСМ тврди дека е помеѓу Гордана Јанкуловска и Зоран Ставрески, министерката вели за изборите во Центар вели оти „уште 10 пати да поништиме“ исто ќе биде. Потоа Јанакиески зборува со генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Божиновски за изборите во Центар и гласачите од Пустец. „Многу е аматерски направено ама ај сега нема везе“,вели Јанакиески. „Аматерски е дефинитивно, требало да ги разглобат. Мислам тука има кривица и општинскиов. Пошто три месеци се работи, а не дал ниедна адреса, он у суштина да дал триста адреси“, одговара наводно Божиновски и додава оти „требал да најде само триста фамилии. И тоа ти се по четири луѓе“.

Еден блок на снимени разговори целосно беше посветен на притисоците за време на гласањето и наводно дури се одело до таму што се внимавало и на гласањето на затворениците и на војниците | Фото: Г.Ризаов

Еден блок на снимени разговори целосно беше посветен на притисоците за време на гласањето и наводно дури се одело до таму што се внимавало и на гласањето на затворениците и на војниците | Фото: Г.Ризаов

Ставрески и Јанкулоска, кои се можеби едни од најобјавуваните гласови во „бомбите“ на СДСМ, во еден од вечерашните разговори објаснуваат дека воопшто не им се допаѓа тоа што се случува во Центар. „И после Цацко ќе ни е крив. Ќе излезе по извештаи, сите ќе го пишат“, вели Ставрески. „Не се зафркавај, мислам, колкав и да е влогот, не можам да ја оправдам постапката“, додава тој „ако до таму е дојдено, дај да ја изгубиме таа работа и да се тргнеме..“.

Следниот блок целосно е посветен на притисоците за време на гласањето и наводно дури се одело до таму што се внимавало и на гласањето на затворениците и на војниците. Еден од објавените разговори е помеѓу Миле Јанакиески и директорот на затворот Идризово, Живко Пејковски. „За гласањава сакав да те прашам со затворенициве како оди“, вели Јанакиески. Откако Пејковски одговара дека се организираат, Јанакиески го прашува дали има контрола на што овој вели „да, да, да“.

Мартин Протоѓер и Гордана Јанкуловска, пак, според СДСМ, разговараат за изборите во Охрид, при што тој ѝ вели дека договорил „екипа“, која нема да ѝ се допадне ама сакал да ја замоли да замижи за тоа. „Значи, една екипа, 4-5 души од овдека, на Мацко брат му, такви некои, шо ќе бидат со мене таму“, вели Протоѓер.

На тоа Јанкулоска, одговара со еден збор: „бараби“. Во следниот разговор откако тој, според СДСМ, повторно ѝ се јавува на Јанкулоска да ѝ каже дека има проблем во Охрид бидејќи имале мала акција.

Оваа, според СДСМ, на тоа одговара, „дај Боже да победиме во Охрид, ама со таа банда таму, мислам овие, твојава банда, нема лезет у таа работа. Ништо нема да им се случи, не се секирај, ама кај ги одбра бе Мартин најголемите багабонти у МВР“.

Веднаш потоа, министерката за внатрешни работи се јавува во внатрешна контрола за да ја среди работата и вели „за тој случајот што е у Охрид, што постапувате, гледајте нашиве да бидат ок, чисти таму“. На што извесна Ане одговара „Да, да, да. Никако нема грешки, се знае, нашите мора да бидат чисти“.

Во разговот меѓу Влатко Мијалков и Миле Јанакиески, според СДСМ, Мијалков објаснува старо-нова идеја за собирање луѓе на списоци | Фото: архива

Во разговот меѓу Влатко Мијалков и Миле Јанакиески, според СДСМ, Мијалков објаснува старо-нова идеја за собирање луѓе на списоци | Фото: архива

Во еден од другите разговори, кои според СДСМ, се меѓу Јанкуловска и секретарот Божиновски се говори за Ивица Тошевски, полицаец и поранешен претседател на Општински комитет, кој бил преместен од началник во „џандар обичен“, но зборувал дека е префрлен „со врски“. На тоа, Божиновски вели дека треба „една порака да се упати“, односно „треба да летне и он и жена му“, „треба да ги оставиме без ништо“, а „и тоа кафаната треба да му ја запалиме. И така. Тие три работи, мора да се направи тоа“.

Во разговорот помеѓу Стевчо Јакимовски и Сашо Мијалков, според СДСM тие двајца зборуваат за поднесувањето на листите за локалните избори од страна на Драгиша Милетиќ со чија помош Јакимовски реши да учествува сам на изборите. Имено, бара од Мијалков да се јави во ДИК или во општинските изборни комисии да го почекаат Милетиќ да однесе комплетни документи во Куманово и во Старо Нагоричане.

СДСМ објави и неколку разговори за кои велат дека се меѓу Мендух Тачи и Сашо Мијалков. Во првиот Тачи му вели на Мијалков да не се плаши оти го бара „само да ти кажам дека сум тука, ако треба нешто кажи“. „Тука сум, ако треба нешто кажи, за сè до смрт“. А, во вториот разговор, Мијалков бара ургенција, да гласаат за ВМРО членовите на ДПА во општинската изборна комисија во Струмица. „Одма, одма се јавувам, и за минута ти кажувам“, одговара наводно Тачи.

Во разговот меѓу Влатко Мијалков и Миле Јанакиески, според СДСМ, Мијалков објаснува старо-нова идеја за собирање луѓе на списоци. Тој посочува да се издвојат преку списоците од Агенциајта за вработување сите работници во државните компании кои живеат во Општина Центар за да се види кои се за СДСМ, кои за ВМРО-ДПМНЕ.

„Дадов наредба да ми издвојат од 1.200 вработени кои живеат во општина Центар. Веднаш ми извадоа 72, од кои што дадов веднаш да ми штиклираат кој е за ЕС-ДЕ-ЕС, кој е за ВМРО, јас си ги знам“, вели наводно Мијалков.

„Кога јас тоа ќе го добијам за 15 минути, јас одма се јавувам на нивните раководители, кои што се претежно наши … и им кажувам, викни си ги луѓето, и до утре, не знам до кога да дадат по 20 луѓе. Да работиме инситиуционално“, додава тој.

Јанакиески, пак, посочува дека „од кога го направивме тоа во поголемите институции (како МЕПСО, ЕЛЕМ, ТЕЛЕКОМ) „сега ни треба ептен по микро“.

На крајот, во последниот блок беше објавен разговор меѓу Јанакиески и Елизабета Канческа Милеска за прекинување на помошта за семејството на Тоше Проески бидејќи не ја поддржувале политиката на власта.

„Овие од Тоше семејствово против нас се. Што праиме? Да му ја избркаме таа од работа ако не и да не му даваме повеќе 3.000 евра, да го затвориме музејо?“, вели Јанакиески според СДСМ.

Откако Канческа Милеска вели дека зборувала со премиерот, Јанакиески вели оти „тие се големо семејство плус таму одбојкарски тим, плус фондацијата, плус она. А тие против нас“.

„А секој месец им даваме по 3.000 евра. Секој месец“, одговара Канческа-Милеска. „Што сакат повеќе?“, прашува Јанакиески.