Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја додели наградата „Јашар Еребара“ за најдобра истражувачка сторија на документарецот „Нечиста крв“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Во документарниот филм, авторите откриваат повеќе нерегуларности што ги загрозиле животите на пациентите во приватната клиника „Жан Митрев“ за време на корона-кризата. Сторијата беше емитувана на МРТ1 и на веб-страницата на ИРЛ.
„Нечиста крв“, не само што предизвика бурни реакции во јавноста, туку на него реагираа и државните институции. Основното јавно обвинителство (ОЈО) го гони д-р Жан Митрев за кривичното дело измама (член 247, став 4 од Кривичниот законик), а судењето е закажано на 5 април.
„Периодов се соочуваме со дополнителни предизвици и оваа награда дополнително нè мотивира,“ рече Сашка Цветковска, уредничката на ИРЛ.
Минатата недела, „Нечиста крв“, исто така, ја доби наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија, која секоја година ја доделува Македонскиот институт за медиуми (МИМ).
Беа доделени признанија за истражувачките стории на новинарите Фросина Димеска од БИРН, Мартин Пушевски за сторија објавена на ИКС, Петар Клинчарски од А1Он и Ирена Мулачка од „Фокус“.
Кристина Атовска доби плакета за нејзината видеорепортажа од украинската војна објавена на „Слободна ТВ“ и „Утрински брифинг“.
Новинарот Аднан Ќаили ја доби наградата за истражување теми од локално и од регионално значење за неговото известување за дивата рафинерија во селото Костурник, објавено на Алсат.
„Да не се предаваме, ова е порака за сите колеги во нашата работа. Ќе ни се закануваат, но ако не се предадеме, ќе имаме вечно признание од јавноста,“ рече Ќаили.
Наградата животно дело „Крсте Петков Мисирков“ ја доби долгогодишниот новинар Драган Ѓорговски.
„Новинарството е тешко да се работи, но уште потешко да се напушти,“ рече Ѓорговски, примајќи ја наградата.