Регион

Зошто биографот на Туѓман се откажал од пишување на неговата биографија

По дваесет години, американскиот автор, Џо Трипишан, зборува за своето бизарно искуство, кога требал, по барање на Хрватска, да ја напише биографијата на Фрањо Туѓман, и како, поради својата совест, се откажал од овој проект.

Џо Трипишан / Фото: Фејсбук/Џо Трипишан

 

Пишува: Свен Милекиќ, Загреб

„Ми рече: ‘Ќе мора да го смениш насловот’. Го прашав: ‘Што не е во ред со насловот „Во сенката на Тито“?. Доста е описно’. Тој одговори: ‘Не треба да спомнуваш ништо од поранешните комунистички времиња’. Му реков: ‘Но, книгата поради тоа може да биде многу мала’“.

Вака за БИРН, Џо Трипишан, говори за реакцијата на хрватскиот контроверзен режисер, Јаков Седлар, на неговиот ракопис на биографијата на Туѓман, но и за незадоволството на државниот врв во Хрватска, поради тоа што во насловот на биографијата го спомнал поранешниот комунистички водач, Јосип Броз Тито.

Трипишан, кој денес има 63 години, е човек со многу таленти во шоу-бизнисот и издаваштвото. Тој е продуцент, писател, сценарист, режисер, текстописец, драмски автор и изведувач, кого во 1997 година, Седлар, кој во тоа време бил културно аташе на Хрватска во Њујорк, го најмил за да ја напише официјалната биографија на Туѓман.

Седлар го запознал на почетокот на 1997 година, кога компанијата на Трипишан направила анимирана карта на Хрватска, за патеписот на Седлар.

Подоцна истата година, тој му помогнал на Седлар да го сними документарниот филм „Туѓман – хрватскиот Џорџ Вашингтон“. Иако Трипишан бил потпишан како корежисер, тој вели дека на филмот работел многу малку.

„Го погледнав сценариото и направив неколку корекции и тоа беше сѐ. Тој дојде неколку месеци подоцна и ми рече: ‘Еве го’. Бев шокиран кога го видов своето име на филмот“, вели тој смеејќи се.

Во тоа време, хрватската влада го задолжила Седлар, да најде автор кој ќе ја напише биографијата на Туѓман, со која ќе се подобри неговиот меѓународен имиџ, бидејќи Туѓман, по војната во 90-тите години, често бил критикуван за кршење на човековите права и на слободата на медиумите.

Откако со Седлар се договориле околу биографијата, но и за хонорарот од 40.000 долари, Трипишан заминал за Хрватска.

„Тие направија цела кампања за промоција на туризмот и изградба на стпоанството, но, првичната намера беше Туѓман да се држи понастрана од Хаг (судот на ООН за воени злосторства). Тоа беше вистинската причина за оваа книга“, објаснува тој.

Ова никогаш не беше директно речено, „но, беше проклето јасно“.

Туѓман и воените злосторства

По пристигнувањето во Хрватска и во Босна и Херцеговина, Трипишан се сретнал со повеќе функционери, новинари, активисти за човековите права, со воени злосторници и други лица, од кои добил многу информации за животот и кариерата на Туѓман во поранешна Југославија.

Принтскрин од интервјуто на Трипишан со Фрањо Туѓман

Туѓман, од учесник во Народноослободителната војна, станал воен генерал и од историчар на работничкото движење, еден од најпознатите хрватски дисиденти, кој лежел во затвор заради своите националистички ставови.

Во оригиналниот ракопис на биографијата, Трипишан ја споменува и неговата наводна улога во војната во Босна и Херцеговина, и во воените злосторства извршени во оваа земја во 90-тите.

Трипишан вели дека на ова го насочил Владислав Погарчиќ, близок соработник на воениот претседател на самопрогласената хрватска државичка во БиХ во војната во 90-тите, Херцег-Босна, Мате Бобан.

Истакнува дека Погарчиќ му рекол оти има документи кои укажуваат дека командувањето со силите на босанските Хрвати „доаѓало од повисоко ниво“ и дека врските воделе дури до Туѓман, што потенцијално го поврзува со воените злосторства извршени од страна на хрватските сили.

Но, Погарчиќ за БИРН вели дека „никогаш не рекол такво нешто и дека сѐ уште јасно се сеќава на разговорот“. Додаде дека не можел да има такви документи, бидејќи тој бил одговорен за надворешната дипломатија.

„Судир на цивилизациите“

Трипишан разговарал и со поранешниот премиер на Херцег-Босна, Јадранко Прлиќ, кој моментално се наоѓа во Хашкиот трибунал, кој го фалел Туѓман.

Средба остварил и со американскиот дипломат, Ричард Холбрук, клучна фигура во мировните преговори за прекин на војната во Босна и Херцеговина, кој, пак, ја критикувал улогата на Туѓман во војната.

Холбрук, вели Трипишан, му рекол: „Туѓман, колку што јас го знам, никогаш не одржа ниту едно ветување што го дал за Босна“.

Седлар: Биографијата „не беше добра“
Во една своја статија од 2011 година, Седлар ја отфрла вредноста на биографијата на Туѓман од Трипишан.
„Да беше неговата книга добра, некој ќе ја објавеше досега“, вели Седлар во статијата објавена во хрватскиот весник „Вечерњи лист“.
„Сè беше направено со добри намери, но реализацијата беше лоша. Ова не значи дека Трипишан е лош писател, но оваа книга ја напиша лошо“, заклучува Седлар.

Во биографијата, Трипишан сакал да го начне и постоечкиот хрватски наратив за војната во 90-тите и улогата на Туѓман во таа војна, која, според него, била еднострана.

Додека пишувал за ова, Трипишан поминал со Туѓман две утра во претседателската резиденција во Загреб. Првото утро, кога Трипишан го прашал Туѓман за неговото минато, хрватскиот водач „не престанал да зборува 35 минути“.

Трипишан решил на хрватскиот лидер да му постави повеќе директни прашања и да го соочи Туѓман со воените злосторства извршени од босанските Хрвати, од кои некои истата година биле екстрадирани во Хаг.

Објаснува дека „не би можел да живее со фактот“ дека не го прашал за злосторствата.

Но, Туѓман реагирал нервозно на прашањето за уапсените Хрвати: „Јас сум дефинитивно ‘за’ и ја поддржувам истрагата на сите такви случаи, но … во исто време, јас не сум ‘за’ оние кои предизвикаа агресија (српските војници), кои ги предизвикаа сите овие трагедии, кои го загрозуваа постоењето на Хрватска и животите на нејзините граѓани, како и оние лица (хрватски војници), кои за време на различни операции не можеле да се воздржат, не можеле да го контролираат своето чувство за одмазда, својата желба за одмазда“.

Трипишан вели дека на перцепција на Туѓман за војната во Босна и Херцеговина, во голема мера влијаела книгата „Судир на цивилизациите“, на американскиот политичар, Семјуел Хантингтон.

„Во Босна и Херцеговина не станува збор само за три различни етнички групи, три народи, туку, исто така, за три различни цивилизации. И овој факт е основа на големиот конфликт што се случи и кој доведе до сите трагични искуства кои досега ги имавме“, му одговорил тој.

Проблем со пропагандата

Авторот продолжил да ја пишува биографијата, но наишол на проблеми.

Покрај тоа што барал да се избрише сѐ она што е во врска со комунистичкото минато на Туѓман, Седлар, во име на владата, побарал од Трипишан да избрише и сѐ за воените злосторства во Босна и Херцеговина.

Дел од перформансот на Трипишан „Балканизиран во зора“. Фото: Фејсбук/ „Балканизиран во зора

Трипишан вели оти не сакал да напише „пропагандно дело“ и оти одговорил дека нема да ги направи бараните промени.

„Се обидов да го убедам Јаков (Седлар) да останат повеќето од работите што ги напишав. На тој начин книгата би била поавтентична, нема да биде отфрлена како пропаганда. Но, тој не ‘се фати’ на ова“, вели тој, смеејќи се.

Со Седлар ги изгубил сите контакти и оваа биографија на Туѓман никогаш не била објавена.

Трипишан зборува отворено за причините зошто прифатил да ја напише биографијата. Бил „во големи долгови“, но, исто така, и разведен, па бил „заинтересиран да запознае жени кои би биле импресионирани од американскиот пасош“.

„Знаев дека за Туѓман беа пишувани добри, но, исто така, и лоши работи. Си помислив, ‘Што ми е гајле? Јас сум непристрасен’“, објаснува тој.

Меѓутоа, откако зборувал со луѓе кои ја преживеале војната, вo него „почнала да се буди совеста“ поради она што го прави.

На крајот, Трипишан решил, сите документи собрани во текот на неговото истражување, да ги испрати во Хаг.

Сепак, на крајот, забелешките за Туѓман и за својата посета на Хрватска и на Босна и Херцеговина, во 2010 година, ги објавил во својата книга „Балканизиран во зора“, која во 2016 година го добила своето ревидирано издание.

Исто така, со помош на некои видео записи од патувањето создал делумно измислен перформанс за еден човек.

Трипишан нагласува оти во тоа време, особено влијание врз него оставила активистката за мир, Весна Тершелиќ, чии зборови ги цитира на крајот од книгата „Балканизиран во зора“.

„Секој од нас има дел од сопствената одговорност. Не вина. И секој од нас носи дел од одговорноста поврзана со степенот на моќта што ја имаме. И секој од нас има некаква моќ. Можеби мала, но сепак е моќ“.