Вести

Зошто палатата на ВМРО-ДПМНЕ оди под мраз

СЈО ќе побара палатата „Христо Татарчев“ да стане замрзнат имот | Фотомонтажа: Александар Дојранлиев

ВМРО-ДПМНЕ незаконски ја стекнала палатата „Христо Татарчев“, во која е сместено седиштето на партијата, открива истражната постапка наречена „Талир“ што денеска ја отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и во која првосомничен е партискиот лидер, Никола Груевски.

Објектот се наоѓа на местото на препознатливата жолта зграда на ВМРО-ДПМНЕ.

Палатата ја изгради скопски „Бетон“ на бизнисменот Минчо Јорданов, откако партијата во договор од 2012 година го вложи земјиштето веднаш до улица „Македонија“, додека градежниот гигант се обврза да го изгради објектот и дел од него да ѝ предаде на ВМРО-ДПМНЕ по принципот на „клуч на рака“. Другиот дел требаше да биде хотел, меѓутоа тој сѐ уште не е завршен.

Договорот за изградба на објектот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Бетон“, СЈО го третира како донација од градежната компанија кон политичката партија, бидејќи во него имало несразмерни права и обврски меѓу партнерите во полза на поранешната владејачка партија.

Со други зборови, ВМРО-ДПМНЕ го вложила само земјиштето вредно околу милион и 250.000 евра, според проценка на СЈО, а добила седиште вредно 6,9 милиони евра и плус околу 2 милиони евра во пари, зашто просторот од палатата што го добила партијата бил за 634 квадрати помал од договорениот, па партнерите се пребиле со пари.

За вложени милион и 250.000 евра ВМРО-ДПМНЕ добиле пари и недвижен имот во вредност од речиси 9 милиони евра, а разликата СЈО од 7,8 милиони евра ја смета како незаконска донација на фирмата кон партијата.

Зошто СЈО смета дека договорот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Бетон“ е незаконска донација?

Со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ за вложени милион и 250.000 евра добила имот и пари во вкупна вредност од 9 милиони евра, тимот на Катица Јанева разликата ја смета за донација, додека СЈО незаконитост гледа во тоа што, според законот, фирма која во моментот врши услуги за државни органи или за јавни установи, односно работи на тендери, не смее да донира на политичка партија.

Дополнително, законот предвидува партиите да ги одбијат и во рок од 30 дена да ги вратат ваквите донации.

ВМРО-ДПМНЕ не постапило на тој начин, а лидерот на партијата Никола Груевски се товари бидејќи не ја искористил можноста да го спречи договорот, бидејќи статутот на партијата му дозволувал да не ја почитува одлуката на Извршниот комитет на партија со која бил избран „Бетон“ за најповолен понудувач на јавниот повик летото 2012 година.

Земјиштето што денеска СЈО го проценува на милион и 250.000 евра, ВМРО-ДПМНЕ уште во 2009 година го купи за само 130.000 евра, што укажува дека влогот на партијата во зделката е уште помал, од оној кој го пресметува Специјалното обвинителство.

Обвинителката Ленче Ристоска на денешната прес-конференција информираше дека СЈО ќе побара палатата „Христо Татарчев“ да стане замрзнат имот, што значи дека партијата ќе може да ја користи, но не и да ја продаде.