Вести

Кривични за случајот „Секјуриком“

Финансиската полиција го потврди истражувањето на „Призма“ | Фото: БИРН

Две кривични пријави вчера поднесе Финансиска полиција во врска со сомнителниот тендер за чистење на Владата од 2015 година, случај којшто го откри „Призма“ пред речиси две години и го објави како истражување со наслов „Дамки врз тендерот за чистење на Владата“.

Кривичните пријави се поднесени за екс-директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР), Васе Доневски и на управителот и сопственик на „Секјуриком“. Нив ќе ги разгледува Обвинителството за организиран криминал.

Сомнежот е дека тендерот за чистење на Владата и на владините простории во износ од 10,7 милиони евра бил спроведен на начин со кој се елиминира конкуренцијата.

Пред две години „Призма“ пишуваше, а сега Финансиската полиција потврди дека поранешниот директор на СОЗР, Васе Доневски ѝ овозможил на „Секјуриком“ да се појави како повеќе различни компании на тендерската анкета, само за да се создаде привид дека на пазарот има повеќе фирми способни за обемни работи, сè со цел да не се дели тендерот и со тоа да се намалат шансите на помалите конкуренти.

Тоа и се случило.

„Секјуриком“, всушност, на тендерот немала со кого да се наддава, дала понуда пониска само за 16 денари од проценетата вредност, го добила договорот и од 2015 до 2018 година ги чистела Владата и министерствата за цена од речиси 11 милиони евра.

Сузана Петровска од Управата објасни дека истите простории сега се чистат за речиси половина од цената постигната на спорниот тендер, поточно за 45 проценти, само затоа што на новиот тендер била овозможена конкуренција при наддавањето.

Директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми на денешната прес-конференција објасни дека неговата институција поднела кривична на Доневски за злоупотреба на службената дејност и на газдата на „Секјуриком“ за помагање при кривичното дело.

Финансиската полиција три месеци го истражувала случајот и вчера со судска дозвола упаднала на неколку локации, каде нашла документи што претходно не можела да ги обезбеди од СОЗР. Запленила неколку електронски уреди, УСБ-иња и возило, кое го купила „Секјуриком“, а, според зборовите на директорот Арафат Муареми, приватно го возел поранешниот директор на владината служба Васе Доневски.