Хелсиншкиот комитет за човекови права идентификувало 28 кривични дела што биле направени за време на инцидентите во Собранието на 27 април. Делата биле идентификувани преку фотографии, аудио-видео материјали и сведоштва, а извештајот содржи и кривични дела за кои постојат сомненија, но сè уште не е истражено дали биле сторени и од кого.
„Текстот е наменет за информирање на јавноста, но и како алатка која на правосудните органи може да им послужи при носењето на одлуки поврзани со квалификацијата на кривичните дела и индивидуализација на кривичната одговорност при изрекувањето на казни од страна на суд“, се вели во извештајот кој содржи вкупно 28 кривични дела, од кои за 18 веќе постојат значителен број на докази и 10 кривични дела за кои постои сомнение дека се извршени.
Можните сторители се поделени во четири групи: организатори, извршители, полициски службеници и нивни претпоставени.
Кривичните дела произлегуваат од 8 поглавја од Кривичниот законик, а се насочени против животот и телото, слободите и правата на граѓаните, имотот, сигурноста, државата, службената должност, правосудството и јавниот ред.
„Улогата на правосудните органи е да утврдат дали и кои од посочените кривични дела се сторени или имало обид за нивно сторување и да не дозволат погрешна квалификација, колективизирање на одговорноста и паушално санкционирање“.