Интервјуа

Ахмети: Заборавете на федерализација на Македонија

Автор: Јета Џара

ali ahmeti

Али Ахмети, лидерот на Демократската унија за интеграција, се произнесе по сѐ побројните повици во етничката aлбанска заедница за федерализација, нарекувајќи ја идејата непрактична. Во интервју за БИРН тој вели дека неговата партија донела добра одлука да остане во Владата, бидејќи, според него, гласачите ја избрале нивната партија за да ги претставува, а не „за да шета по улиците“.

Според Ахмети, поделбата на Македонија на две федерални единици би билa проблематична, бидејќи многу луѓе живеат во етнички мешани средини.

„За да дискутирате за такви теми, мора добро да ги познавате конфигурацијата, географијата на земјата, нејзините населби. Како ќе направите федерација или конфедерација во која тие две федерални единици ќе имаат дефинирани граници и територии?”, прашува тој.

Ахмети, кој ги предводеше паравоените формации на етничките Албанци во Македонија за време на шестмесечниот конфликт во 2001 година, вели дека комплетното спроведување на Охридскиот рамковен договор постигнат со помош на меѓународната заедница во 2001 година со којшто се гарантираат повеќе права за Албанците, кои сочинуваат најмалку една четвртина од вкупното население, сѐ уште е најдоброто решение.

Охридскиот договор, во теорија, вели Ахмети, би требало да ги реши главните проблеми помеѓу Македонците и Албанците, „за двете заедници да бидат еднакви”.

Сепак, Ахмети признава дека 15 години по потпишувањето на Договорот, имплементацијата во некои делови е заглавена.

„Ни останува уште многу работа. Во реалноста е нормално да се соочувате со тешкотии, пречки”, вели тој.

Во врска со повиците албанскиот јазик да стане официјален низ цела Македонија, не само во областите со бројно албанско население, Ахмети предвидува дека тоа ќе се случи „многу скоро” и дека е „само прашање на време”.

Не сме ничии слуги

Ахмети, чијашто партија ДУИ влезе во Владата предводена од партијата ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски во 2008 година, вели дека неговата партија донела добра одлука да остане во Владата, дури и по откривањето на прислушуваните материјали од страна на опозицијата минатата година според кои изгледа дека највисоки функционери биле вклеткани во повеќе сериозни кривични дела.

„ДУИ не е слуга на ВМРО-ДПМНЕ
ниту на СДСМ. ДУИ се труди да си
ја спроведува својата платформа,”
вели Ахмети.

„Луѓето гласаа за нас за да ги претставуваме. Не нѐ гласаат за да шетаме по улиците. Нашето отсуство од оваа Влада би предизвикало комплетно поинаква ситуација, со неконтролирани, хаотични импликации за Македонија и за ДУИ”, вели Ахмети.

Ахмети ги отфрла тврдењата на опозициската партија на етнички Албанци дека ДУИ станала слуга на главната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ.

Минатиот месец, пратениците од ДУИ им се придружија на пратениците од главната владејачка партија во гласањето за отпуштање на министри од времената влада, кои имаа задача да организираат предвремени избори, кои сега веќе се одложени.

„ДУИ не е слуга на ВМРО-ДПМНЕ ниту на СДСМ. ДУИ се труди да си ја спроведува својата платформа,” вели Ахмети.

Тој вели дека активностите на партијата на терен покажуваат дека нејзините политики не биле секогаш во согласност со оние на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние не го поддржавме ВМРО за одржување избори на 5 јуни”, вели тој.

„По аболицијата од страна на претседателот Иванов седнавме со меѓународните претставници и со ВМРО-ДПМНЕ и му кажавме на Груевски дека ДУИ нема да учествува на изборите на 5 јуни, бидејќи нашата партија не сака да учествува на избори оспорени од меѓународната заедница”.

Доцна беше да се спречат инцидентите во Куманово

Осврнувајќи се на крвавата престрелка од мај 2015 година во Куманово помеѓу вооружени етнички Албанци и полицијата, во која загинаа 18 лица, Ахмети вели дека не можел да направи многу за да ги спречи тие два дена на насилство.

„За мене сѐ уште е мистерија кој го организирал, планирал и охрабрувал ова. Неколку пати изјавив дека познавам неколку од вооружените лица. Тие беа мои војници, во конфликтот во 2001 година. Жал ми е за нив, за нивните животи и за нивните семејства”, вели Ахмети.

Тој вели дека групата го контактирала дента кога почнале судирите, но тогаш веќе било предоцна за да ја спречи ескалацијата.

„Тие ми се јавија и јас сторив сѐ што можев”, вели Ахмети.

Сепак, тој додава: „До 10 часот веќе беа убиени тројца полицајци и работата веќе беше отидена предалеку. Откако се случи тоа, сите напори беа фокусирани на тоа како да се сопрат борбите, но, вооружените лица кои беа внатре мораа да ја донесат таа одлука. И тие побараа да се предадат”.

Ахмети повтори дека ако вооружените лица го контактирале порано, тој ќе ги советувал да не се одлучуваат на вооружена акција.

Сепак, тој ги отфрла шпекулациите дека Владата на Груевски која е постојано мета на критики, всушност ја исценирала оваа престрелка за да го пренасочи вниманието од сѐ поголемиот притисок врз ВМРО-ДПМНЕ што се врши по објавувањето на прислушуваните материјали од страна на опозицијата.

„Не верувам во тие гласини од кои повеќето се насочени против мене”, рече тој.

„Велат дека Ахмети ги издал вооружените лица и дека Ахмети е предавник. Да ме контактираа и да ме прашаа, немаше да направат таков потег, бидејќи тој не беше добро осмислен и анализиран”, рече Ахмети во врска со престрелката.

Тој исто така негираше дека не бил добредојден во албанскиот дел од Куманово што беше уништен по вооружената престрелка и рече дека ја нема посетено областа поради преголема зафатеност.

„Она што е важно е дека куќите што беа оштетени во престрелката се реконструирани”, изјави Ахмети.

Во врска со тврдењата од страна на адвокатите на 29 осомничени, дека нивните клиенти биле физички малтретирани во притвор, Ахмети вели дека неговата партија го следи нивниот третман преку Министерството за правда и преку канцеларијата на Народниот правобранител, кои се под раководство на ДУИ.

„Преземаме мерки да не се случат такви малтретирања. Ако има такви случаи, тие полицајци ќе бидат казнети”, вели тој.

Иако признава дека дел судски случаи против етнички Албанци во Македонија „изгледале сомнителни”, бидејќи судењата „не биле транспарентни и личеле како политички местенки”, Ахмети смета дека судскиот систем во Македонија не бил под политички притисок и дека неговата партија прави сѐ што може да го реформира овој сектор, постапувајќи според препораките од ЕУ.

Интервјуто е објавено и на Балканска транзициска правда