Српскиот амбасадор, Владимир Божовиќ, денеска беше повикан на разговара во црногорското МНР, откако на Фејсбук објави коментари, со кои ја осудува РТЦГ, поради емитување на песна од Марко Перковиќ, хрватски националистички пејач, познат по тоа што во една од своите песни го користи усташкиот поздрав од Втората светска војна.
По состанокот во министерството, Божовиќ рече дека нема намера да се меша во уредувачката политика на РТЦГ.
„Ја почитувам државата Црна Гора, но јас, како и српскиот народ, сум особено чувствителен на усташтвото“, рече Божовиќ за медиумите.
Министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, на прес-конференција изјави дека коментарите на Божовиќ на Фејсбук, во кои тој повикува одговорните за прикажување на песната да бидат санкционирани, се неприфатливи.
„Странските амбасадори не се поканети да се мешаат во тоа, кој за што ќе одговара во Црна Гора“, рече Дармановиќ.
Некои политички партии и граѓански активисти побараа оставка од раководството на РТЦГ, затоа што песната се емитуваше на 9 мај, кога во Црна Гора се слави Денот на победата над фашизмот.
Во понеделникот, раководството на РТЦГ ги казни уредниците на утринската и на музичката програма, со намалување на платата од 20 проценти во наредните два месеци.
„Уредувачката политика на РТЦГ беше и ќе биде иста, заснована врз антифашистички и европски норми“, се вели во соопштението на генералниот директор на РТЦГ, Божидар Шундиќ.
Концертите на Марко Перковиќ Томпсон (кој го добил прекарот по автоматската пушка Томпсон) редовно предизвикуваат контроверзии на Балканот.
Во мај 2018 година, Перковиќ беше ослободен од обвинението дека го нарушил јавниот ред и мир, со извикување на усташкиот поздрав „За дом спремни“, на концерт во хрватскиот град, Слуњ.
Во јуни 2017 година, Томпсон, во босанскиот град Мостар, одржа концерт за поддршка на поранешни функционери на босанските Хрвати, на кои, во тоа време, им се судеше во Хаг за воени злосторства, на кој околу 8.000 луѓе извикуваа „За дом спремни“.
Кога Перковиќ одржа концерт по повод 20-годишнината од воената операција на Хрватската војска, „Бура“, спроведена во август 2015 година, многумина во публиката, која броеше околу 80.000 луѓе, извикуваа „За дом спремни“ и „Убиј го Србинот“.
Исто така, во 2009 година, неговиот настап со песната, „Јасеновац и Градишка стара“ (имиња на концентрациони усташки логори) предизвика гнев.